X
 30.06.2021 Наука

Лажговците се поинтелигентни?

Луѓето кои се подобри во измислувањето лаги имаат поголема когнитивна способност отколку луѓето кои не измислуваат, вели едно истражување.

Експертите од Универзитетот Рајерсон во Торонто, Канада, спровеле тестови за да ја истражат врската помеѓу вештината на луѓето за лажење и нивните когнитивни способности.

За среќа, и покрај тоа што попаметните луѓе се подобри во измислувањето глупости, тимот открил дека имаат помала веројатност да го сторат тоа отколку нивните помалку интелигентни колеги.

- Способноста на една личност да измислува работи е позитивно поврзана со тоа колку тие изгледаат паметно и колку навистина се паметни - вели клиничкиот психолог Мејн Кара-Јакубијан од Универзитетот во Рајерсон.

- Сметаме дека измислувањето глупости се појавило како енергетски евтина стратегија за добивање престиж, статус или добра во области каде успехот се одредува според субјективната проценка на другите - вели таа додавајќи дека таквите области се политиката, јавното обраќање и ликовната уметност.

- Едно лице може да помине низ процес на стекнување на потребните вештини за да успее во одреден домен или може да измисли глупости за да стигне до целта и да биде награден слично - вели Јакубијан.

Во нивното истражување, Јакубијан и нејзините колеги спровеле два експерименти за да откријат асоцијации помеѓу подготвеноста на луѓето да измислуваат глупости, нивната способност да го прават тоа и нивните нивоа на когнитивна способност.

Во првото истражување, во кое учествувале 483 студенти од Универзитетот во Ватерло, на учесниците им биле презентирани имиња на десет теоретски концепти - шест биле вистински, а четири измислени. Од секој учесник било побарано да го оцени своето знаење за секој од десетте концепти, а скалата се движела од „никогаш немам слушнато“ до „добро го знам и го разбирам концептот“.

lazgo
Фото: Freepik

Од нивните одговори за лажните теории, на секој субјект му била дадена оценка заснована на нивната подготвеност за измислување работи, односно измислување на знаење за лажните концепти.

Од ова истражување, истражувачите избрале подмножество од 220 учесници. Истражувачите им дале задача да создадат најубедливо и задоволувачко објаснување за секој од десетте концепти. Им било наложено, ако не се запознаени со одреден термин, да измислат објаснување што сметаат дека другите ќе го прифатат.

Врз основа на оценката на нивните описи за лажните концепти, на секој од нив им бил даден резултат за тоа колкава е нивната способност за измислување. Овие оценки биле споредувани со резултатите од тестовите за вербална интелигенција, апстрактно расудување и чувствителност на псевдо-изјави.

Истражувачите откриле дека оние учесници кои биле повешти во создавањето задоволувачки и навидум точни објаснувања на лажни концепти, имаат тенденција да постигнуваат повисоки резултати во тестовите на вербална интелигенција и на апстрактно расудување.

Тимот открил и дека колку повеќе интелигентни луѓето биле, толку подобри биле во измислување, но помалку биле подготвени да измислуваат во најраниот дел од експериментот.

- Откривме дека способноста за измислување и подготвеноста за измислување работи се независни едни од други - вели Јакубијан.

Неподготвеноста да се вклучат во измислување на работи може да се објасни со нивниот поголем капацитет да им припишуваат ментални состојби на другите, вештина што психолозите ја нарекуваат „теорија на умот“. Ова им овозможува на поинтелигентните луѓе да бидат повнимателни и да набљудуваат кога измислените работи функционираат, а кога не.

Извор: Daily Mail
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука