X
 22.11.2020 Наука

Како ја менуваме Земјата: трансформации направени од човекот

Влијанијата на човекот врз Земјата се честа тема, а многу луѓе велат дека нема враќање назад. Климатската криза, стакленичките гасови, експлоатацијата на природните ресурси, производството на цврст отпад и атмосферското загадување се едни од најгорливите прашања со кои мора да се справи глобалната заедница ако сакаме да обезбедиме здрава иднина за наредните генерации.

1
Проширувањето на Лас Вегас, 1989/2019
Фото: The European Space Agency

Овие теми можат да се погледнат во боја и висока резолуција во новата книга „Преглед на времето: Како ја менуваме Земјата“ од Бенџамин Грант и Тимоти Дагерти, во која има 250 сателитски фотографии и фотографии направени со дрон од места на Земјата кои постојано се трансформираат.

Книгата ја истражува човечката активност на планетата од три централни перспективи: цивилизација, искористување и реакција. Уникатниот избор на слики ги илустрира промените предизвикани од градовите што се шират, интензивната потрошувачка, огромните инфраструктури развиени за транспорт на стоки и луѓе и реакциите на природата на прекумерното искористување на нејзините ресурси. Моќните фотографии прикажуваат алармантна сегашност и евентуално застрашувачка иднина.

2

Поглавјето „Цивилизација“ ги покажува резултатите од урбанизацијата, транспортот и прекумерната потрошувачка на земјиштето. Оваа тема е особено релевантна за архитектите, кои можат да ја видат работата на колегите-професионалци од целиот свет во текот на многу генерации, трајно втиснати на Земјата. Аерофотографијата обезбедува ретка, привилегирана перспектива што ни овозможува да размислуваме за тоа како ги планираме нашите градови и за огромната количина ресурси потребни за одржување на овој начин на дизајнирање.

4
Уништувањето на Амазонската дождовна шума, 1989/2019
Фото: ЕSA

Поглавјето „Искористување“ се однесува на овие природни ресурси и нивната неконтролирана потрошувачка. Како што поминуваме низ фотографиите, во многу детали, активности како што се рударството, земјоделството и развојот на енергијата, не може, а да не се сфати дека човечкото присуство на Земјата е апсолутно неограничено и ние мора да работиме на поодржливи решенија - и да ги примениме тие што веќе постојат, но сепак наидуваат на отпор.

Сè додека нашето постоење на планетата зависи од бесконечната експлоатација на овие ресурси, природата ќе продолжи да реагира - поинтензивно и почесто. Реакцијата е прикажана преку фотографии од деградација на земјиштето, топење на мразот, постојано движење, шумски пожари и други еколошки катастрофи, што претставува обесхрабрувачка слика.

vuhan
Изградбата на болницата во Вухан, пред и потоа
Фото: Maxar Technologies

Но, најзастрашувачко кај овие слики е временскиот печат на нашите постапки на површината на планетата. Ние ги отстрануваме постојните елементи за да им отстапиме место на новите форми на човечка активност што се вградуваат во нашата земја, а овие временски процеси се документирани и во книгата преку импресивни секвенцијални слики што можат да го доловат времето и да ни покажат трансформации што траеле недели, месеци, па дури и години.

Да се види она што никој не сака да го види, да разбереме како изборот што го правиме влијае врз планетата на глобално ниво, е голем чекор кон подобра иднина.

- Она што на крајот се обидувам да го постигнам е мојата публика да покаже страхопочит - вели Бенџамин Грант.

Извор: Archdaily.com
Фото: ESA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука