Долго време се сомневавме во ова, но сега веќе е и официјално потврдено: мажите се сакаат себеси повеќе отколку жените!
Овој факт не е доказ на некој психолог овенчан со Нобелова награда, туку е потврден благодарение на уредот што секојдневно го употребуваат милиони луѓе низ светот, покажаа резултатите на Летниот барометар на Вавеи (Huawei), спроведен од страна на Ipsos.
Мажите сакаат иновативна технологија, разни гаџети и сјајни, нови работи. Но, сигурно никогаш не помислиле дека нивниот омилен апарат – смартфонот ќе ги разоткрие дека се понарцисоидни во споредба со жените. Според барометарот, истражувањето на навиките во користењето на паметните телефони меѓу жителите на земјите од Северна, Средна и Источна Европа, мажите се поголеми љубители на селфињата (79 проценти) во споредба со жените (69 проценти).
„Ова навистина е податок што изненадува. Со години е познато дека фотографирањето е едно од најпопуларните обележја меѓу корисниците на смартфоните. Предната камера која се користи за видеоповици и селфи-фотографии, станува сè поважна, а податоците од продажбата покажуваат дека на корисниците им е многу важна при изборот на моделот. Но, верувам дека никој не очекуваше дека истражувањето ќе покаже дека мажите снимаат повеќе селфиња од жените, па изгледа дека сепак тие сакаат повеќе да се прават важни, барем според резултатите од нашето истражување“, изјави Џеки Жао, регионалниот директор на Huawei Device за Adriatic регионот.
Исто така, барометарот покажа дека помладите корисници на паметните телефони повеќе снимаат селфи-фотографии. Но, сите корисници немаат исти навики затоа што податоците покажуваат дека жителите од посеверните делови од Европа се помалку склони кон снимање селфиња. Жителите од појужните краишта снимаат повеќе селфи-фотографии: 84 проценти во Бугарија, 83 проценти во Романија и 78 проценти во Грција, во споредба со северните земји каде што процентите се далеку пониски – 59 во Данска и 62 проценти во Шведска и Финска.
„Паметните телефони станаа толку популарни и мултифункционални, така што податоците за навиките при нивното користење укажуваат на интересни општествени појави, а добиените податоци можат да бидат интересни и во други области од општествените науки“, додава Жао.