X
 16.11.2022 Живот

Заплашувања, насилство, уцени и исмевање - Истражување покажа како одредени наставници во земјава се однесуваат со учениците

За врсничко насилство често се зборува, но малку за насилството, психичко или физичко, што го прават наставниците кон учениците во образованието. Заплашувања и покажување моќ, директно физичко насилство и недолично однесување врз основа на физичкиот изглед со невкусни коментари е нотирано во истражувањето што преку онлајн прашалник, наречен „Кажи си“, во септември го спровеле здруженијата „Младите можат“ и Лидери за едукација, активизам и развој.

Биле поттикнати од неформални разговори со ученици кои се соочиле со најразлични форми и проблеми на насилство од страна на наставници и од конкретен случај објавен и во медиумите – изјава на матурантка од средното музичко училиште во Скопје за малтретирањето што го доживувала во текот на школувањето.

Од прашалникот за утврдување деградирачко, дискриминирачко и несовесно однесување на наставници кон ученици, двете здруженија нотирале вознемирувачки однесувања од наставници во училиштата низ земјава. На презентација на наодите од истражувањето беше соопштено дека најголем дел од пријавените случаи се однесувале за наставниците по физичко образование, а загрижувачки биле коментарите со етничка и сексуална нетрпеливост. Заклучокот од наодите е дека учениците ретко пријавуваат, а и кога има пријави – нема разврска.

Од вкупно 49 ученици, 22 поднеле некаков вид претставка до своето училиште, но ниту за една од нив немало разврска и соодветна акција.

На прашањето дали некогаш биле жртва или сведок на ваков тип однесување од нивните наставници, 67 проценти имаат наведено дека се нашле и како жртва и како сведок на вакви насилни ситуации, 22 отсто како жртва, а 8 проценти како сведок.

- Откако ги спроведовме активностите, добивме вкупно 49 одговори на прашалникот. Бројот не е голем и затоа целта ни е да поттикнеме и натаму овој проблем да се истражува подлабоко. Според возраста на испитаниците, може да забележиме дека многу малку случаи се пријавени од оние што во моментов се ученици, можеби поради страв од етикетирање или одмазда од наставниците. Но, штом ќе го завршат средното образование, се осмелуваат да дадат одговор - рече Анита Николовска, извршен директор на „Младите можат“.

Таа појасни дека добиле 49 одговори, но бројот на случаи е поголем зашто некои одговори имаат и по повеќе случаи што му се имаат случено на еден ученик во текот на образованието.

- Најмногу случаи се пријавуваат за наставниците по физичко. Има наставници кои буквално ги тераат учениците да ги качуваат на ушка, па мавање шлаканици, невкусни коментари за изгледот на учениците, на пример: „Кога планираш да ослабнеш, доаѓа матура“. Изгледот и омаловажувањето се доста чести… Има наставници кои дискриминираат по однос на етничка и сексуална определба и ги исмеваат тие што се од ромска националност, а има и за лице кое се идентификува дека е геј… Има и уцени кога наставниците бараат услуги од учениците и доколку не возвратат, добиваат помала оценка или им се одмаздуваат со заплашувања - рече Иван Јованов, извршен директор на Лидери за едукација, активизам и развој.

Притоа тој соопшти дека околу 60 отсто од учениците не го пријавиле таквото однесување на наставниците во училиштето, а тие што го пријавиле, сметаат дека не се променило ништо потоа.

Истражувањето има опфатено 21 училиште, а од тие што најмногу се повторуваат се гимназиите „Јосип Броз Тито“ од Битола, скопските „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Георги Димитров“ и неколку основни училишта, а по градови најчесто се застапени одговорите од Скопје (29) и Битола (9).

За нивното истражување се обратиле и до Државниот просветен инспекторат (ДПИ), од каде што добиле одговор дека во последните пет години биле поднесени само 23 пријави, најмногу од родители (17), пет од институции и само една претставка од ученици. Од вкупниот број (23), само за осум било заклучено од ДПИ дека се основани и било постапено по нив, а 15 биле оценети како неосновани. За основаните претставки, од ДПИ им било соопштено дека нив ги преземаат судските органи и немаат информации за разврската.

Инспекторатот како единствената инстанција за пријавување вакви случаи не постапува со контроли самоиницијативно, туку по пријава и поради тоа здруженијата што го спроведоа истражувањето, сметаат дека ДПИ треба да прибира информации и анонимно. Министерството за образование и наука, пак, сѐ уште нема донесено стандардизиран правилник за средното образование, односно не постои документ кој упатува како да се третира и пријави таков случај, а за основното има детално упатство за тоа како се постапува, согласно закон и која е надлежната институција.

Николовска и Јованов најавија поопсежно истражување за да се утврди што точно се случува, не само во училиштата споменати во пријавите од ученици, туку и во сите други во земјава. Претставките ќе ги пратат до Бирото за развој на образованието, МОН и до сите училишта наведени во прашалникот. Имињата на наставниците нема да ги објавуваат поради заштита на лични податоци и затоа што ова е, како што рекоа, една страна од приказната и таа треба да се истражи пред некој да биде обвинет.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот