X
 17.05.2019 Наука

На жените им е потребно подолго време да пребродат смрт на близок пријател отколку на мажите

На жените им е потребно подолго време за да ја пребродат смртта на близок пријател бидејќи имале поцврсти „социо-емоционални врски“ со него, покажува ново истражување.

Научниците откриле дека жените страдаат од голем пад на здравјето во период од четири години по смртта на пријателот.

Тие доживуваат поостар пад на виталноста отколку мажите, а страдаат и од поголемо влошување на менталното здравје, велат истражувачите од Универзитетот во Стирлинг и Австралискиот национален универзитет, кои ги анализирале податоците од 26.515 лица во период од 14 години.

Истражувачите откриле и дека мажите биле понезадоволни од нивниот живот и здравје во првата година по смртта, додека жените биле подолго време несреќни.

- Нашите податоци може да ја рефлектираат хипотезата дека жените имаат посилни и поголеми социо-емоционални врски отколку мажите - велат истражувачите.

Повеќето истражувања анализирале што чувствуваат луѓето по смртта на роднина, често брачен другар, додека ова истражување анализирало пошироко поле.

- Сите знаеме дека кога умира партнерот, детето или родителот, човек ќе жали и ќе се чувствува лошо подолг временски период. Но, на влијанието на смртта на близок пријател не му е дадено исто чувство на сериозност - вели д-р Лиз Форбат, вонредна професорка на Факултетот за општествени науки од Универзитетот „Стирлинг“.

- Има изразено опаѓање во здравјето и благосостојбата на луѓето на кои им починал пријател во претходните четири години, но работодавците, лекарите и заедницата не се фокусираат на обезбедување поддршка за ужалените пријатели - додава таа.

Истражувањето покажува дека треба да бидат достапни повеќе услуги со кои би им се помогнало на луѓето да добијат соодветна поддршка по смртта на пријател.

- Смртта на пријателот е форма на обесправена тага - не е земена сериозно и не ѝ се дава значење. Ова значи дека нивната тага не е отворено признаена или изразена. Истражувањето докажува дека смртта на пријателот е важна - вели д-р Форбат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука