X
 19.08.2021 Наука

80 отсто од луѓето што прележале ковид-19 имаат антитела и по една година од заразувањето

Околу 80 отсто од луѓето што се заразиле со ковид-19 пред една година сѐ уште имаат антитела против вирусот САРС-КоВ-2, откри ново шведско истражување.

Ново шведско истражување беше спроведено на 2.000 вработени во болницата „Дендерид“ во Стокхолм, кои на секои четири месеци биле подложени на тестови на крвта и одговарале на прашања преку специјална апликација.

- Повеќето од оние што се разболеа ги изгубија мирисот и вкусот, а 10 отсто од заразените немаа никакви симптоми - изјави за шведската национална телевизија СВТ, Себастијан Хаверал, студент, кандидат за докторанд.

Антителата што ги развиле се покажаа како добра заштита од алфа-сојот на вирусот (поранешна британска варијанта) и делта-сојот, кој во моментов е доминантна варијанта и брзо се шири низ светот потиснувајќи ги сите други соеви во многу земји.
 
Но, заштитата од бета-сојот (порано јужноафрикански сој) и гама (поранешен бразилски сој) не е толку силна. Нивото на заштита од бета и гама-соевите е 30 до 40 отсто пониско, додава Хаверал.

kovid
Фото: Freepik

Научниците што го спровеле истражувањето во шведската болница „Дендерид“, исто така, истражувале колку дози од вакцината се потребни за оние што веќе биле заразени. Претходно било заклучено дека само една доза од вакцината „Фајзер“ е доволна, а шведските научници сега откриле дека истото важи и за вакцината „Астра зенека“.

Инфекцијата дејствува како прва доза на вакцината, а втората доза на вакцината потоа служи како засилувач. Покрај тоа, се покажа дека учесниците во истражувањето имале дури и малку подобро ниво на заштита од луѓето што ги примиле двете дози на вакцината „Фајзер“, заклучи Хаверал.

Шведска досега имала 1,11 милион случаи на новозаразени со коронавирусот и над 14.600 смртни случаи, што е повеќе од другите скандинавски земји заедно.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука