X
 30.07.2020 Наша тема

Кои се петте најитни работи што идниот министер треба да ги направи за средното образование?

На македонското образование му требаат многу новини и вистински реформи. Но, кои се најитните? Кои приоритети треба да му бидат најважни на идниот министер за образование и наука во новата Влада која треба да се формира допрва?

Побаравме мислење од Снежана Станкова, која е професорка по македонски јазик и литература и 24 години работи во средното образование. Во последните 15 години предава во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, а претходно – во стручното „Здравко Цветковски“.

Ова се петте најитни работи, според Станкова, на кои идниот министер за образование и наука би требало да се фокусира.


Да се намали бројот на ученици во клас

- Ако „семето на знаењето“ само „се насади“ во необработена, сува почва, нема да роди. Образовниот процес, пред сè, е воспитен. А како да се воспитуваат ученици, 36 на број за само 45 минути? Ниту еден наставник не може да обрати подеднакво внимание на сите деца, а да не заборавиме дека во класовите може да се сретне дете со посебни потреби. Значи, бројот на ученици во клас не треба да биде поголем од дваесетина. 

Праведен упис за сите


- Самиот упис во средно образование е стресен за децата и родителите, оти се наметна успех „со сите петки“. Точно е дека системот вели „Подобриот има преднос како стимул за учење“, но можеби треба да се најде некој модул да се запишат и деца со многу добар, добар и доволен успех. На пример, во прва година се запишуваат 270 ученици и тие ќе бидат со просек 5.00? Што е со другите? Треба да се осмисли како во тие 270 да се најде место (квота) останатите ученици. За жал, така се прави селекција на „монденски гимназии“ и средни стручни училишта.



Наставната програма мора да се менува и да се осовременува 

- Ако таа не е сменета најмалку десетина години, не може да очекуваме да им биде интересна или поттикнувачка на новите генерации кои се вклучени во образовниот процес. Ние кои сме вклучени во образованието треба да бидеме свесни дека сè се менува, па и интересот на децата.


Праксата како дел од образованието 


- Практичната настава е прифатена за „нормална“ само во стручните училишта. Но, праксата значи учење надвор од училишните клупи. Суви податоци никому не му се корисни. Слободата да се учи надвор е одлична и кај сите останати предмети - македонски јазик, физика, историја, географија и останатите. Затоа, треба да се вметнат повеќе часови кои ќе овозможат учење и вон училишната зграда.


Ослободување од матурата, а воведување приемен испит
 
- Матурскиот испит е одлично осмислен (и на светско ниво) како испит на зрелоста, испит на општи знаења, знаења од културата и завршна фаза на успехот од средното училиште. Но, дали е доволно сериозен пристапот кон тоа? Зборувам за двете засегнати страни. Можеби учениците подобро ќе одговорат на приемниот испит за факултетот за кој ќе се определат понатаму. Мислам дека кога би се фокусирале на една или две работи кои ги сакаат, ќе бидат многу поквалитетни и ќе дадат сè од себе да се покажат за она што ги „бива“.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема