X
 06.09.2020 Наша тема

Интервју со министерката Мила Царовска: Нема друга опција, oбразованието мора да се поправи, без компромис

Легнувам и станувам со моите задачи за да ја пребродиме кризата, но и за да го трансформираме образованието, вели Царовска

Не смееме да дозволиме црно-бела слика и исклучиви позиции, да се одлучува за избор: или здравје или образование на децата. Тоа не е добро. Сосема искрено, јас во овој процес влегувам како министерка, но и како загрижен и одговорен родител, вели за почетокот на учебната година новата министерка за образование и наука Мила Царовска во интервјуто за Факултети.мк.

Мандатот го почнува во услови на пандемија, кога излегоа на површина децениските проблеми и недостатоци во образованието. Царовска верува дека може се поправат дефектите и да се врати системот на вистинскиот колосек - да создава кадри со знаења и вештини, да се врати довербата на родителите, како и достоинството на наставниците. Најавува промени и вели дека за добри и успешни научни проекти, секогаш ќе се најдат пари.

Почнувате да раководите ресор кој не само што е преобемен туку е и во фокусот на вниманието поради претстојната учебна година и ситуацијата со Ковид-19. Дел од родителите сметаат дека системот нема капацитет да ги заштити децата на училиште, други, пак, се убедени дека онлајн-наставата нема да им го даде потребното знаење. Какви се Вашите планови и очекувања?

- Почетокот и спроведувањето на учебната година на сите нивоа на формално и неформално образование се едни од најсериозните предизвици за мене, МОН и за Владата. Тоа е сосема критичен и одговорен процес сам по себе бидејќи генерира огромен број засегнати поединци. Обврската е огромна, одговорноста уште повеќе. Во услови на пандемија и на сосема неочекувани и непланирани околности, верувам дека многумина нема да се нафатат да ја преземат одговорноста да се соочат со предизвиците, кои се непоимливи за целиот глобален систем, без разлика на развиеноста на државите и соодветните образовни системи. Конкретно, сосема поинаква ќе беше мојата мисија во услови без пандемијата на коронавирусот и оваа сегашната, каде што мораме сите, без исклучок, да покажеме врвна умешност, знаење и пред сè посветеност и искрена волја да направиме максимум, да создадеме услови да ја креираме нормалноста во еден од најчувствителните сегменти на една држава.



И пред да станам министерка, за мене образованието беше сегмент во кој се интегрираат највисоките морално-етички вредности, фундаментални и апликативни знаења и клучна вредност за секоја држава, за секоја економија, но и емоционално, за секој родител/старател, за секое семејство. Знаете, да бидам повеќе од конкретна, грешка во инфраструктура се исправа со неколку зафати и тоа може да трае неколку дена. Но грешките, како во минатото, во образованието траат со години, децении. Зафатот и да е можен, веќе има неповратни последици. И тоа за мене е политички, но многу повеќе личен, емоционален, колективен предизвик. Тоа што ќе успееме да го направиме во образованието е историски предизвик и одговорност. Многу работи се направени претходно, и јас сум благодарна, но уште повеќе работи мораме да направиме итно, сега, нужно, за понатаму да се продолжат. Исто како во образованието, почнувате во основно, па средно образование, сакате да продолжите на факултет, и ако сте успешни и имате мотивација, и понатаму. Оттаму, секој еден човек во системот на образование е една или повеќе цигли во нашата образовна куќа. Правата се на индивидуата, а обврските и одговорностите се на образовните кадри, системот и управувањето на сите системи. За мене, тоа е различно од економијата, каде што инвестирате во некого, но ризикот е негов. Ако генерално е така, во услови на пандемија, обврската и одговорноста се драматично поголeми. Јас од тоа не бегам.
Немам право, како политичар, како родител и како одговорна и посветена личност, без разлика на ресорот, да избегам од обврската да креираме најдобар можен систем во услови на ваква криза.
Токму затоа, сосема објективно и конкретно, во изминатиот период, со право, се води генерална и широка дебата за најдобриот модел.

Што конкретно ќе направите во оваа смисла, каков модел, според Вас, би бил функционален?

- Сосема искрено, јас во овој процес влегувам како министерка, но и како загрижен и одговорен родител, кој, како и сите родители, го сака најдоброто за своето дете. Верувајте, со сите расположиви домашни, но и меѓународни релевантни фактори континуирано се консултирам не за идеални решенија, бидејќи такви не постојат, туку за најдобро можните и реални, интегративни, во вакви околности. Можам да ги кажам за мене важните принципи и рамки. Не смееме да дозволиме црно-бела слика и исклучиви позиции, да се одлучува за избор: или здравје или образование на децата. Тоа не е добро. Работиме да овозможиме и заштита на здравјето и солидно, ефикасно, ефективно образование. Во оваа ситуација не сме затоа што сакаме, туку затоа што мораме да понудиме најсоодветна солуција, а тоа е комбинираниот модел. И самите можете да заклучите од досегашната активност откако сум министерка. Тоа е дека постои максимална и бескопромисна посветеност, дијалог, инклузија, многу консултација, компарација на моделите, но многу поважно - ефектите и пред сè волјата и искрената посветеност за успех, на почеток, на полугодие, на крај од годината. Верувајте, легнувам и станувам со овие задачи. За да ја пребродиме кризата, но и за да го трансформираме најважниот систем - образованието.

Во таа смисла, многу е важно да се разбере дека досега предложениот комбиниран модел не е статичен, туку динамичен, и тој може и ќе се менува во зависност од епидемиолошката состојба, препораките на надлежните институции, но особено важно, и од контролата и квалитетот на образовниот процес. Сосема ми е јасно дека не постои идеален модел по желба на сите, ниту пак едно унифицирано решение. Токму затоа, во сите држави во регионот и во Европа решенијата се национални, а не универзални. Во многу поразвиени држави, ги следиме предностите, проблемите и корекциите. За да креираме и спроведуваме најдобро можно решение и модел. Јас немам законски ингеренции во релација со јавното здравје, но имам и целосно ги разбирам и ги прифаќам моите обврски за системот и квалитетот на образовниот систем. Затоа, како министерка, во рамките на возможното, ќе инсистирам на организирање и спроведување квалитетен модел на образование на сите нивоа, со физичко и со онлајн-присуство, и за таа цел, интензивно работиме на обуки, техники, опрема и контрола на процесот. Ова се нови работи за сите. Досега се сретнав со сите одговорни лица во Министерството. Со сите директори на основните и на средните училишта. Со здруженијата на ученици и родители. Следни се одговорните во високото образование. Се координираме секојдневно со претседателот на Владата, Заев, и со колегата Филипче и колешката Шахпаска. Сите ние како држава мораме да успееме кога е најтешко. И работам и верувам дека ќе успееме. Најважно, од самиот почеток, сите одлуки, реализација, мониторинг, контрола и промени ќе ги правиме во дијалог и консултација со сите засегнати страни. И ќе ја информираме јавноста. Апелирам, кога станува за образование и здравје, да не се користи дневната политика, а мора да има целосна посветеност и одговорност. Впрочем, за сите законски и подзаконски решенија ќе влијаат и сите политички и невладини субјекти. За сите нив, мојата врата е отворена, добрата волја и конструктивност се понудени.



Конкретно, сакаме да поставиме реално функционален, реален и динамичен модел. Сите општини, училиштата што ги исполнуваат условите пропишани во јасните и јавни протоколи, независно од возраста на децата, ќе можат да организираат настава со физичко присуство, додека во општините каде што не се исполнети условите и епидемиолошката слика не дозволува, настава со физичко присуство ќе следат само децата од 1. до 3. одделение, а другите онлајн. Исто така, родителите на децата од 1. до 3. одделение имаат можност да се изјаснат дали ќе го пуштаат детето во училиште или тоа ќе ја следи наставата преку онлајн-платформа. Тоа ќе го правиме со изјаснување, поддршка и партнерство на родителите во спроведувањето на процесот, физички или онлајн, со цел заедно, инклузивно и континуирано да одлучуваме.

Планот за започнување на учебната година предвидува практичниот дел од наставата во средните стручни училишта да се изведува со физичко присуство.
Годинава, за разлика од лани, сите ученици што ќе следат онлајн-настава ќе се оценуваат, односно знаењето ќе им се проверува со физичко присуство во училиштата, за што ќе се изработат посебни протоколи. Тоа е значајно за сите, без исклучок. Во објективноста и одговорноста во образованието не смее да има исклучок и времен компромис.

На образовниот систем му се потребни промени од луѓе што го разбираат и го сакаат образованието. Што е она што ќе биде во фокусот на Вашето дејствување?

- Фокусот ќе биде ставен на сите критични и воедно важни сегменти од образованието, а тоа се суштински и сеопфатни фокусирани и таргетирани реформи во основното образование, кое ќе гради силни индивидуи со критичка мисла и вештини за работа во тим. Во таа функција ќе креираме и дополнителни посебно дизајнирани образовни и педагошки програми и во предучилишното образование. Промените и развојот треба да почнат од темелите. Сосема ми е јасно дека тие мора да бидат интегрални, кохезивни и национални, натпартиски, државни. И на тоа ќе инсистирам, и како процес (форма) и како содржина. Затоа што комплетни личности што ќе ни ја движат државата и економијата напред, но дома, се создаваат, тешко се увезуваат, и тоа е тешко за нас, а лесно, за жал, се извезуваат. Тоа мора да престане.

Ќе се работи и на јакнење на стручното средно образование. Посветено ќе работиме да го вратиме достоинството на професијата наставник и професор, пред сè на нивното мотивирање, паралелно со обврските и одговорностите. Моја цел до крајот на мандатот ќе биде лично да се сретнам и да разговарам со секоја наставничка, наставник, професорка и професор. Верувајте, ќе направам сè за целосно да успеам.
Имаме посебни, но интегрирани планови за сите нивоа на образование, како и за квалитетот, позицијата и одговорноста на наставно-образовниот и научниот кадар. Веќе разговарав со сите релевантни фактори во државата, но и со меѓународните партнери, за трансформација на образованието во највлијателна и највредна инвестиција на државата.

Во јавноста имаше критики и сомнежи дека како социјален работник не сте соодветен избор за позицијата министер за образование и наука. Како ќе ги демантирате?

- Со работа, со посветеност, со цврста волја, со партнерски односи и, пред сè, со резултати. И досега, пред мене, имало многу министерки и министри со друга струка што функционирале во системот на образование. Верувам дека пристапиле со најдобра желба и волја, и работа. Не мислам дека е проблем тоа што не доаѓам оригинерно од образованието. Бидејќи, јас ги немам сите решенија за образованието во државата, но имам јасна визија, цврста волја и целосна желба да ги консултирам и вклучам сите што имаат знаење и позитивна желба да направиме нешто. Не за мене, туку за сите и за нашите највредни, нашите најблиски, нашите деца. Оттаму, на самиот почеток, дозволете да ги поставиме и систематизираме процесите, кадрите, проектите. Бидете уверени дека во следните четири години, и многу потоа, образованието ќе биде на врвот на агендата на Владата и институциите. Наша цел е да направиме приклучок со развиените држави. Тоа е најсилно наследство и највисока вредност што може да ја оставиме. Тоа што ќе го работиме, ќе биде транспарентно, а јавноста, врз основа на сработеното, ќе може да процени.

Образованието со децении е дел од образовни опити, не произведуваме доволно подготвени кадри за различни сфери што би го унапредувале нашето општество… Може ли ова да се поправи и како?

- Може. Мора. Без компромис и дилема. Нема друга опција. За мене тоа се врвни позиции. Не со општи стратегии и заложби, туку со конкретни акции. Со врвен државен приоритет за вложување во образованието. Како клучна конкурентна предност, во секоја смисла. И притоа не мислам само на капитални инвестиции, иако и тие се важна алка во образовниот систем која ќе ја спроведеме во овој важен период. Затоа, многу скоро, ќе остварам интензивни и сложени средби и разговори со градоначалниците со кои имаме споделени надлежности. Следува период посветен на интензивно подобрување на образованието - процес во кој сите заедно ќе го градиме нашето современо, тековно и идно образование. Сите ние како дел од институцијата која има право да ги менува системите и да ги движи процесите имаме можност, но и одговорност да обезбедиме подобра иднина за генерациите што доаѓаат.

Пред нас се предизвиците да создадеме кадри кои ќе поседуваат фундаментални и апликативни знаења и вештини, но и да размислуваат критички и да донесуваат заклучоци базирани на податоци и анализи. Ако ја менуваме државата на подобро, мораме да изградиме личности кои ќе ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите и кои се воспитуваат и образоваат во духот на мултикултурализмот и ќе се оспособат за подготвен, позитивен и одржлив одговор на сите предизвици во животот. Да го зајакнеме стручното средно образование и да ги подобриме резултатите на меѓународните тестирања како резултат на промените и поддршката на државата. Очекувам овие промени и поставени резултати да станат наша национална гордост и клучна конкурентска предност пред другите регионални држави и економии. Сите заедно мора и ќе работиме на враќањето на достоинството на професијата наставник и на нивно мотивирање, паралелно со нивната одговорност и обврски. Кога велам дека лично ќе се сретнам и ќе разговарам со секоја наставничка, наставник, професорка и професор, идејата и обврската е да им ги претставам мојата визија и мотивација за образованието, тоа да го валоризираат и да го вратат како капитал во знаењето на учениците и студентите.



Македонските ученици се на последните места на ПИСА-тестирањата. Истовремено се покажува дека има и успешни ученици кои, предводени од врвни професори, остваруваат одлични резултати на меѓународни натпревари, но редовно се соочуваат со недостиг на системска поддршка. Што планирате да смените за да ги поправите овие проблеми?

- Убедена сум дека во државата имаме наставници кои се стручни и полни со знаење, но им недостига мотивација за да им го пренесат тоа на учениците. И истовремено, многу поважно, ученици на кои им треба поддршка и стимул. Имаме многу индвидуални примери. Мораме да креираме одржлив систем. Затоа ќе работиме на нивно севкупно и интегрално јакнење, на сите нивоа. И не само што ќе ги мотивираме туку и ќе овозможиме нивно надградување, со вреднување и поддршка и на наставно-образовниот кадар и на учениците и на студентите. Таквиот наставник и професор со силна и посветена работа ќе може да му го пренесе знаењето на ученикот. Прво да го стекне, да се провери и верифицира знаењето, но и да се пренесе адекватно и целосно. И тоа да биде континуиран процес.
Затоа ќе се посветиме на сите нивоа, со ред. Со воведување образование во предучилишното образование. Со доследно реализирање на програмите во основните училишта. Планирам да посветам огромно внимание на воведување, интензивирање и ефекти од постојните, но особено новите концепти за совладување на квантитативните науки, но и социјалните вештини, екологијата, хигиената и личниот придонес за општествената одговорност. Ова се нови времиња, со стари и особено со нови предизвици. Сосема сум свесна за нив од самиот старт, и без да бидам министерка. Затоа, резултатите на меѓународните тестирања во кои учествува државата, кои секогаш се одраз на тимска работа, во која се мотивираниот ученик и наставник, и добрите наставни планови и програми, мораме итно да ги поправиме, заради нас самите, а не само заради нашиот рејтинг. Тоа е суштината на реформата чија цел е да го подобри квалитетот на образовниот систем. Ова е пат на посветеност, во кој сите чинители треба да дадат максимум од себе. Да се вложат во процесот, со што ќе се подобри сликата за нашето образование.

Образованието се соочува со недостиг на пари, не само во училиштата, туку и за научни проекти и за развој. Како да се реши ова?

- Не постојат средства што ги задоволуваат потребите на ниту една држава. Мораме да правиме оптимизација и приоритети. Образованието мора да биде на врвот од приоритетите. Особено важно, не смееме да си дозволиме залудно да потрошиме ниту еден денар од ограничените ресурси наменети за образованието. Во мојот мандат ќе работам на издржани, суштински, комуницирани, проверени и базирани на најдобрите и успешни практики човечки и капитални проекти поврзани со образованието. Ќе градиме и ќе создаваме по план, но нема да го заборавиме и останатиот дел, силно ќе вложуваме во образовните и научните програми. Тоа е клучната додадена вредност во денешното секојдневие и економија. За добри и успешни проекти, програми и планови, секогаш ќе се најдат пари. За таа цел, веќе започнав активности за поддршка и однадвор и од дома. Овие средства ќе се користат исклучиво за реалните потреби на образованието. Не смее да има исклучок, компромис и дилеми кога е во прашање образованието. Тоа мора да биде натпартиски приоритет и долгорочно поставен процес во кој секој во системот мора да придонесе. За да останат дома нашите наследници и да продолжат да создаваат праведно, слободно и демократско општество. Јас така досега работев, па така уште повеќе со оваа, најтешка обврска и одговорност за мене, и една од клучните во државата, ќе работам докрај.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема