Јетон Шаќири е нов министер за образование и наука во Владата на премиерот Димитар Ковачевски, изгласана доцна синоќа, а доаѓа од местото министер за информатичко општество и администрација. Јетон Шаќири е од редовите на ДУИ и ја наследува функцијата од која се повлече министерката Мила Царовска.
Шаќири беше пратеник во претходниот парламентарен состав и професор на Меѓународниот универзитет во Струга, каде што е роден на 17 март 1987 година. Тој во еден период ја извршуваше и функцијата директор на МЈП „Проаква“, а од јануари до август 2020 е директор на струшкото претпријатие „Водовод и канализација“.
Новиот министер го чекаат многу предизвици во образованието, каде што со години се воведуваат новини, постојано се прават реформи, се воведуваат нови наставни планови, нови дигитални учебници, и каде што има низа контроверзии и недоречености, а е дополнително обременето со пандемиски услови и почеток на наставата со или без маски, со или без физичко присуство.
Новиот министер го чека и продолжување на поддршката за науката, која долги години беше ставана во втор план, реализирање на започнати проекти, креирање нови, особено во време кога на Македонија ѝ е неопходен стручен, учен и докажан научен кадар.
Шаќири го заврши Економскиот факултет при Државниот универзитет на Тетово, а потоа и постдипломски студии на Економскиот факултет при Меѓународниот универзитет во Струга. Докторски студии заврши на Економскиот факултет на Универзитетот на Тирана, Република Албанија, на тема „Банкарскиот надзор и предизвиците од спроведување на Базел II и Базел III во Република Македонија“. Воедно, работи како помлад асистент и соработник на Факултетот за економски науки при Меѓународниот универзитет во Струга, каде што подоцна стана и доцент.