X
 30.08.2018 Наука

Мистериозен феномен на небото ги збунува научниците

Астрономите годинава забележаа лента од виолетова светлина на небото која се појави во вечерните часови и сметаа дека станува збор за нов вид аурора бореалис, природен феномен кој често се нарекува и северна (поларна) светлина. Сепак, научниците ја негираа таа теорија.

Необичната светлина потоа беше наречена Стив (Steve - Strong Thermal Emission Velocity Enhcancement), а сето тоа досега претставуваше феномен кој научниците не можеа да го идентификуваат.

Додека фотографите го документираа овој феномен со децении наназад, научниците почнаа да го проучуваат дури во 2016 година. Претходните истражувања сугерираа дека светлината, најпозната под името Стив, може да е вид аурора токму поради тоа што се појавува во исто време како и поларната светлина. Според тоа, научниците сметаа дека Стив е само еден дел од аурора.

Сепак, нова студија ја негира оваа теорија. Според мислењето на експертите, Стив нема никаква врска со поларната светлина бидејќи не се детектирани наелектризирани честички како кај аурора и овој вид небесен сјај настанува како резултат на различни атмосферски процеси.

- Нашиот главен заклучок е дека Стив не е аурора. Засега знаеме многу малку за него, за научниците ова е сосема непознат феномен - истакнува авторката на студијата, Беа Гаљардо Лакур.

Она што исто така е важно да се нагласи е дека северната светлина и Стив многу се разликуваат и по изгледот. Додека поларната светлина се манифестира во форма на магливи прамени светлина во зелена, сина и црвена боја и станува збор за кривулести ленти, Стив секогаш има виолетова боја и кај него имаме права линија долга и до илјада километри.

- Врз основа на нашите резултати, тврдиме дека Стив веројатно е поврзан со процесите кои се случуваат во јоносферата - додава Гаљардо.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука