Mакедонистите aпелираат да се работи на употребата на стандардниот јазик, но и да се применува Законот за употребата на македонскиот јазик
Во голем дел од медиумите не се употребува македонскиот стандарден јазик, а често она што го објавуваат не е лекторирано, т.е. коригирано. Пречеста е употребата на странски зборови, иако за нив има наши соодветни, се употребуваат зборови на кои не се им знае значењето, има грешки во пишувањето и во зборувањето. Ова се само дел од забелешките на македонистите. Апелираат да се работи на употребата на стандардниот јазик, но и да се применува Законот за употребата на македонскиот јазик донесен во 1998 година.
Има начин да се поправат состојбите
Големиот број медиуми, особено бројноста на емисиите што одат во живо, а и порталите, придонесе македонскиот стандарден јазик да го слушаме и читаме сѐ помалку, вели проф.д-р Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
- За жал, и новинарите, односно водителите, не заостануваат зад гостите во кршењето на нормата, употребата на нестандардни зборови, погрешниот акцент итн. Особено пречи кога и во титлувањето и на кајронот оди текст со правописни грешки – вели професорката.
Груевска-Маџоска ја оценува состојбата како катастрофална.
- Ова слободно можам да го кажам кога гледам каков јазик се употребува дури и во јавниот сервис МРТВ каде што порано постоеше цело лекторско одделение. Таму не смее да има грешки. Особено што и новиот Правопис е сега достапен за сите бидејќи бесплатно може да се користи и да се симне од веб-страницата на НУБ „Св. Климент Охридски“ - вели таа.
Очигледно е дека нема лектори во поголемиот дел од медиумите, заклучува професорката, а има толку стручен и невработен кадар.
- Има и начин да се натераат медиумите да ја поправат состојбата со вработувањето лектори со тоа што ќе се казнат според Законот за употребата на македонскиот јазик донесен во 1998 година. Според Законот, не смее да се објавува текст што не е лекториран од стручен лектор (со лиценција). Доколку се применува овој закон, медиумите ќе мора да го почитуваат. Вака, има закон и никој не го почитува зашто никој и не се казнува - додава Груевска-Маџоска.
Нема чувство за мера
- Медиумите, освен што информираат, даваат поттик во оформувањето на јавното мислење, а тоа значи дека е силно нивното влијание во изградувањето на јазичната култура на населението. Тие се верижно структуриран микросвет - вели Томислав Треневски, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во кој се слеваат безброј информативни (и други) содржини од сите страни на светот. Тие треба брзо да се обработуваат: странските треба да се преведат, да се приспособат, да се редактираат пред објавувањето итн. Притоа, одговорноста е голема.
Тој потенцира за зачестената употреба на елементи од туѓ јазик, а тој процес го изедначува со несакана варваризација на мајчиниот јазик.
- Интерференцијата зема замав. Без обид за сеопфатно толкување на овој поим, ќе наведам дека овде ја сфаќам како зачестено (а ненужно, надредено) присуство на (главно лексички) елементи од туѓ, престижен јазик – процес што може да се идентификува како несакана варваризација на мајчиниот јазик. Не можеме да понудиме силни противаргументи за тврдењата дека оваа појава е присутна, во различна мера, во сите јазици (а е поизразена во јазиците што се употребуваат на ограничен простор и имаат скромен број корисници) и дека како незапирлива тенденција ќе се засилува (што е, пак, своевиден данок на напредокот на општеството и незаобиколен ефект на глобализацијата) - вели Треневски.
Немањето чувство за мера, според него, предизвикува некритичка употреба на туѓарки на местото на домашните соодветници и секако треба да се споменат и неколку паралели што отвораат простор за пројавите од овој тип.
Фото: Pixabay
- Несоодветната употреба на зборовите може да се забележи и во случаи кога се употребува домашна лексика. Имено, поради неразграничувањето на нивните значења, а поради формалната (пред сè звуковна) близост, значи, станува збор за пароними, некои зборови се ставаат во несоодветни контексти, па нивната значенска разлика практично се неутрализира и за некого тие стануваат синоними. Оваа конверзија на паронимите го предизвикува, го разгорува процесот - вели професорот.
Тој посочува примери за илустрација (од медиумите, во спонтаната комуникација, но понекогаш и во официјални документи) на неразграничување меѓу: оштети/отштети, одолжи/оддолжи, подржи/поддржи, очаен/очајнички, исклучиво/исклучително и сл.
- Во одделни случаи, каде што е разликата навистина минимална (во печатените медиуми или на телевизијата кога на телоп се прикажува текст; актуелно деновите: младите ја превземаат.) можеме да најдеме оправдување во смисла дека затаил човечкиот фактор, дека станува збор за пропусти, дури и од банални, технички причини, но неводењето сметка за разликата во значењата придонесува за сè поголеми нарушувања (или компромитација на нормата) - смета Треневски.
Професорот забележува и погрешна употреба на паронимни двојки од интернационализмите. Неколку илустрации: И гасовите и честичките со кои е загаден воздухот имаат негативен ефект врз белите дробови.
Солидните честички може да се нафатат на ѕидовите на трахејата, бронхиите и бронхиолите (...) Континуирано вдишување на загаден воздух може да ја забави нормалната акција на чистење и да предизвика поголем број честички да достигнат до најситните
порции(?) на белите дробови...
Туѓа лексика
- По кодификацијата на македонскиот јазик, забележливо било присуството на лексички елементи и фразеолошки изрази главно од српската варијанта на поранешниот (веќе непостоен) српскохрватски јазик (кога станува збор за јазикот во јавната комуникација, особено во новинарството, овој факт има дополнителна тежина, всушност, може да се оквалификува како своевиден притисок затоа што информациите за главните настани во текот на повеќе децении доаѓале од еден, познат управувачки центар и - на српски јазик - вели професорот.
Денес, објаснува Треневски, иако во намален обем, можеме да идентификуваме жилави остатоци од тоа влијание, траги што се присутни во спонтаното зборување на некои познати личности од политичкиот или од јавниот живот, како и кај дел од новинарите, најпрво на некои, поопшти места во јазичниот израз (
али,
така да,
мада,
него). Или во поспецифични случаи кога се употребува лексика според некој модел, со модификации и хибридизации (
се покренуваат иницијативи или истраги, некој се
бави со интересна професија, се
допринесува за нешто, има
продолжеток на натпреварот, механизмот
закажал,
се задира во некоја проблематика, никој не се
осудува да се противстави и не
пружа отпор...).
Во последнава деценија следиме засилена употреба на туѓа лексика, посебно од (или преку) англискиот јазик. Тоа е општосветски процес. Англискиот јазик е главен во размената на информациите, тој има престижен статус во светот на политиката, економијата, масовната забава, во уметностите (итн.), а може да се предвиди дека неговата суптилно, „свилено“ владеење ќе се засилува.
- На прв поглед, ова е мошне слична ситуација со состојбите во македонскиот јазик затоа што и во нашата традиција лексичкиот систем постојано бил (и е) отворен за подновувања отстрана (со должните приспособувања), и тоа, во принцип, не е лошо. (Патем, пропорционално многу помал е бројот на калкирани примери.) Проблемот во македонскиот јазик што треба (: се побарува) дејствување во смисла на контекстуално разграничување при употребата на зборовите; имаме проблем со некритичката употреба, со мерата, со претерувањата... особено во медиумите како да нема разработени заштитни механизми за стихијата, за хаотичниот наплив на туѓи зборови - вели професорот.
Кога ќе слушнеме на вестите дека странските дипломати инсистираат да има прогрес во политичкиот дијалог на инволвираните фактори од што бенефитот ќе биде релаксација на тензичните превирања (...), согледуваме дека како израз, како конструкција, како порака станува утврден дел од новинарското клише, кое кореспондира со јазикот на политичарите.
- Но, кога во некоја вест дека двајца соселани во внатрешноста на Македонија поради некои недоразбирања биле инволвирани (sic!) во вербална расправија која завршила со физичка пресметка, или дека некој американски пливач поминал неповреден откако бил инволвиран во сообраќајна несреќа во Балтимор..., кога ќе нè информираат за нечија супремација, или за контрибуција, за компетиција, за суспендирани авионски летови итн., чувствуваме дека се оди во погрешна насока, во своевиден маниризам... Посебно негативни последици од интерференцијата има при појавата на лажните парови (: употребен збор што е познат во јазикот, но во погрешен контекст и со значење што не му соодветствува). Лажните парови се посебно чувствителен лексички слој и „обично прават стапица во која преведувачите (првенствено тие!) многу лесно може да паднат - вели Треневски.