X
 30.10.2019 Образование

Наскоро на универзитетите во Македонија нема да има професори. На 8 единици на УКИМ нема ниеден асистент!

Независниот академски синдикат вчера со министерот Арбер Адеми договорил да почнат преговорите за потпишување колективен договор

Ако се усвои предлогот сите да се пензионираат на 65 години, за 9,5 години на државните универзитети нема да има ниту еден редовен професор. Во моментот на секои 5,3 професори има по еден асистент, а останатите работат сами. Спорно е постоењето на некои универзитети и научни институти во земјава бидејќи немаат доволно професори и научни работници за да бидат регистрирани како универзитети, односно институти. Ова е дел од истражувањето што денеска го претстави Независниот академски синдикат (НАкС). Како единствена светла точка го претставија вчерашниот состанок на претставници со НАкС со министерот за образование и наука Арбер Адеми, со кој се договориле да почнат преговорите за колективен договор.

Професорките Маја Стевановиќ (лево) и Мимоза Ристова

Истражувањето го спроведоа универзитетските професорки Мимоза Ристова и Маја Стевановиќ во рамките на проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката во РСМ“, поддржан од Фондацијата „Отворено општество - Македонија“. Резултатите ја прикажуваат структурата на вработените во јавните универзитети и научни установи, од кои јасно се гледаат последиците на долгогодишната несоодветна кадровска политика во овие сектори, особено во однос на наставно-научниот подмладок. Во анализите биле исклучени  Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет од Скопје затоа што опфаќа 445 вработени и на факултетот и на клиниките, па овие податоци можеле сериозно да влијаат врз просекот на финалните резултати.



- Од 28 факултети дури 8 единици на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ работат без ниту еден асистент, а повеќето работат со еден или двајца. Вкупно 66 професори наскоро ќе бидат заменети само со двајца асистенти. Институциите немаат капацитет да ја реализираат програмата. Нелогично е што кога некој ќе замине во пензија или од која било друга причина му заврши работниот однос, тоа место се укинува, иако за него има проектирано пари во буџетот. Така, за секое испразнето место Министерството за финансии треба да одобри нови вработување. Оваа ситуација не е од вчера и е резултат на погрешни политики со години наназад, а особено откако се формираа нови универзитети - вели Стевановиќ.

Истражувањето покажало дека на осум единици на универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во моментот нема ниту еден асистент, а мал е бројот и на универзитетите „Гоце Делчев“, „Мајка Тереза“, „Св. Апостол Павле“. Државниот универзитет во Тетово е единствениот што има повеќе асистенти од професори.



- Интересен е податокот на процентот на вработени со основно образование на државните универзитети. На УКИМ – 8,4%, на УКЛО 8,9%, на УГД има 13,8%, а на ДУТ дури 15,3%. Од друга страна, на УКЛО има 15 асистенти на 140 професори, УКИМ е со 633 редовни професори, а 119 асистенти, ДУТ е со 62 професора, а 71 асистент, а УГД е со 79 професори и 26 асистенти. На „Св. Апостол Павле“ на 6 професори има 10 асистенти, а „Мајка Тереза“ е со 5 професори и 33 асистенти – вели Стевановиќ.

Таа заклучи дека на најстарите универзитети во земјава, УКИМ и УКЛО, постои најголем дефицит од асистенти и за кратко време може да биде загрозен нивниот опстанок. Слична е состојбата на научните институти.



НАкС препорачува Министерството за образование и наука да направи функционална анализа на вработените на јавните универзитети, нивните единици, научните институти врз основа на кои ќе се гради политиката во високото образование. Итно да почне ревитализацијата на УКИМ, УКЛО и на јавните научни установи, да се преиспита големиот број на вработени во административните и техничките служби, да се преиспита постоењето на универзитетите и научните установи кои не ги задоволуваат законските услови.

Ристова претстави детали од вчерашната средба со министерот Адеми. НАкС бара итно интервентно вработување на 300 лица на УКИМ и 100 вработувања на другите јавни универзитети и научни установи, да се направат измени во Законот за високо образование и испразнетите места автоматски да се пополнуваат, во најскоро време да почнат преговорите за потпишување на колективниот договор, МОН веднаш да преземе законска обврска за исплата на надоместоци за минат труд.



- Итно да се формира Национален совет за финансирање и развој на високото образование и науката, да почне постапка за донесување на нов закон за научноистражувачка дејност и да се формира Агенција за научноистражувачка дејност која ќе има обем и буџет како Фондот за иновации и технолошки развој. Инсистираме стипендиите за прв, втор и трет циклус на првите 100 универзитет на Шангајската листа да се одобруваат исклучиво за професии кои се дефицитарни во Македонија,а стипендиите да се пренасочат на нашите универзитети. Како е можно да стипендираме магистерски и докторски студии во странство, а не и кај нас дома. И тоа време на одлив на мозоци? – праша проф. Ристова.



Таа направи приказ и на платите на универзитетските професори во регионот. На Косово просекот е околу 1.400 евра, а во Албанија, Србија и Црна Гора се над 1.000 евра.
- Во Македонија состојбата е најлоша. Не беа точни податоците дека платите во високото образование се зголемиле за 5%, туку за 3,8% до 4% - децидна е Ристова.

Стевановиќ нагласи дека итно мора да прекине исплатата на платите во високото образование од парите што ги уплаќаат студентите.
- Државата мора да си ја преземе обврската и од државниот буџет да се исплаќаат платите на сите во високото образование. Свесни сме дека ова е тежок процес и ќе трае со години. но, од некаде мора да почнеме – рече таа.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование