X
 18.05.2018 Наша тема

Истражувавме колкави се платите на нашите универзитетски професори – некои се 500, некои стигаат и до 2.000 евра

Некои факултети си дозволуваат она што ќе остане како уплата од студентите и од разни други остварени средства да го поделат во вид на плата

Голема е разликата во платите кај професорите во Македонија меѓу самите факултети, но и меѓу универзитетите. Нашето истражување покажа дека факултетите практично се делат на богати и сиромашни, а тоа така се одразува и на платите. Едни професори стигаат до околу 500 евра плата, а некои земаат и над 2.000.
Нееднаквоста на платите меѓу универзитетите и факултетите се должи на тоа кој успеал да обезбеди дополнителни средства, кои најмногу зависат од бројот на студенти. Повеќе студенти значи повеќе пари. Но, некои факултети имаат големи трошоци за наставата, па парите одат таму, без оглед колку студенти се запишале.

Платата може да се зголеми, но до каде е плафонот?

Професорот Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет од Скопје вели дека платите на нивниот факултет, но и на Земјоделски, Шумарски, горе-долу најголем број од факултетите на УКИМ, за жал, се на долна граница.
- Асистентска плата е 24-25.000 денари, доцентска 27-28.000 илјади денари, вонреден професор 30-32.000 илјади. Редовен професор има околу 35.000 денари. Тоа е основна плата со вклучени храна и превоз. Колку што ми е познато, на поголемиот дел од факултетите се стига до 10/15 проценти плус од ова. Но, има три-четири факултети што имаат многу повеќе. Тоа е така бидејќи има голем број студенти, потребата од купување различен тип опрема или материјали за работа е релативно мала. Немаат дополнителни трошоци во вид на теренски истражувања, лабораториска опрема или неопходни работи како што му требаат, на пример, на ПМФ – вели Милевски.



Овие факултети си дозволуваат она што ќе остане како уплата од студентите и од разни други остварени средства да го поделат во вид на плата.
- Дополнително се плаќа за менторство. Но, факт е дека некои факултети имаат поголем интерес за упис, исто и за последипломските и затоа се остваруваат поголеми средства – вели Милевски.
Професор кој сакаше да остане анонимен ни кажа дека професорите од природните науки, но и од уметничките факултети се неоправдано оштетени со платите.
- Трошокот за студент од ПМФ или од Земјоделски не е ист со оној на студентите од општествени науки. Мои колеги земаат најмногу до 1.000 евра плата, и тоа овие се реткост бидејќи многу остануваат само со основната плата од буџетот. Има муабети дека на општествените се достигнува до две-три илјади евра, а можеби и повеќе - вели професорот.

Професорката Маја Стевановиќ од Факултетот за драмски уметности детално ни опиша како се формираат платите на универзитетските професори.
- Има нето-плата и додатоци на плата што се во вид на хонорари. Нето-платата, во зависност од факултетот, може да биде составена само од средствата што се исплаќаат од буџетот на РМ или, пак, на тие средства, доколку факултетот има сопствени, може да се додаде одреден износ. Ова е плата за која се плаќаат придонеси. Не знаеме дали има некакво ограничување за сопствените средства. На некои факултети се зборува дека тој дел е многу голем. Дури и троцифрен процент, а првата бројка не е 1 – вели Стевановиќ.

Дозволата за зголемување на плати - алатка за притисок

Секој факултет треба да добие согласност за да ги дели дополнителните средства во вид на дополнување на платата. Одобрение за тоа факултетот треба да добие од Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и од Министерството за финансии. Дозвола треба и ако факултетот има сопствени средства. Стевановиќ вели дека има ситуации кога факултети добиваат согласност да ја зголемат вредноста на бодот. Но, имало случаи кога имале огромни средства, но не добивале согласност да им дадат плус пари на професорите.
- Тоа едноставно било или, ако остане така, ќе биде алатка за притисок на неподобните факултети. Скоро слушнав приказна дека еден факултет додека имал неподобен декан за претходната власт, не добивал таква согласност. Кога бил сменет и изгласан нов, факултетот добил дозвола да го зголеми бодот. Наводно плафонот за зголемување на вредноста на бодот е 20 проценти, но имам информации дека на некои се зголемувал за 100, па и 300 проценти. Тие податоци ги има само Министерството за финансии – објаснува Стевановиќ.



Покрај нето-платата, одредени факултети дополнително на таа сума им исплаќаат на професорите средства на име хонорари, објаснува професорката.
- Тоа се пари за зголемен обем на работа, одбрана на магистерски, докторати. Тие средства варираат од месец до месец. Значи на универзитетите има вработени на факултети кои не земаат ниту денар плус по која било основа освен нето-платата од буџетот на Македонија, а има факултети на кои професорите добиваат дополнета нето-плата од сопствените средства и плус хонорари. Неофицијално и до неколку илјади евра достигнуваат платите – вели Стевановиќ.

Не се води сметка за бројот на вработени, како и за пензионираните

Деканот на Филозофскиот факултет од Скопје, Ратко Дуев, објаснува дека платите на професорите во Македонија, кои се едни од најниските во Европа, се определуваат според степенот на образование и звање.
- МОН одредува плата за високо образование (на пример, највисока е за редовен професор, која изнесува 35.000 денари). Факултетите се ограничени со вкупна маса на средства за плати, која ги надминува вкупните средства за плати одредени од државата. Доколку вкупната маса одредена за факултетите и универзитетите е поголема, а единиците имаат поголем приход на средства обезбедени од партиципации и апликативна дејност, тие можат да ги зголемат своите плати, но притоа да не ја надминат висината на вкупната маса на средства – објаснува Дуев.

Вели дека има затекната состојба, државата одбива да дозволи зголемување или намалување на вкупната маса на средства во последните години.
- Проблем е што во овој систем влегуваат наставниците, соработниците и администрацијата на единиците, а притоа не се води сметка за бројот на вработени. Ниту се води сметка за заминување во пензија на вработени, при што државата веднаш ги намалува средствата. Формулата се одредува според бројот на сите вработени на факултетите или универзитетите поделен со вкупната маса, што дава линеарен износ по вработен на бруто-плата. Притоа најголемо намалување на масата има кога вработени од администрацијата заминуваат во пензија, бидејќи нивните плати се помали во споредба со оние на професорите – објаснува Дуев.

И тој потврдува дека разликата на платите во високото образование главно се јавува поради бројот на студенти и бројот на вработени на еден факултет. - На пример, доколку два факултети имаат ист буџет на сопствената сметка, а различен број на вработени, поголеми плати ќе има на факултетот со помал број на вработени. Доколку факултетот нема поголем број на студенти, ниту има средства од други извори, тогаш платите се најниски – вели Дуев.

Овие професори велат дека системот на делење плати на универзитетските професори мора да се промени, да се зголеми основицата, да се земе предвид бројот на вработени и на студенти, да се подигне квалитетот на настава, но и точно да се дефинираат трошоците на факултетите според дејноста, бидејќи не сите трошоци за еден студент се исти.

Продолжува: Како платите на професорите почнаа да го рушат квалитетот на високото образование?
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема