Најголем проблем имаат факултетите со мали групи студенти, а повеќе професори, а воедно и многу големи трошоци за реализација на наставата
Квалитетот во високото образование почна да се руши во оној момент кога платите на професорите почнаа да се зголемуваат со дополнителните средства од партиципацијата на студентите. На општествените науки се запишуваа апсурден број студенти за кои немаше столче кај да седнат. Властите дозволуваа универзитетите да работат на „големо“, за да нема притисок кон нив за зголемување на плати – вели професорката Маја Стевановиќ од Факултетот за драмски уметности.
Токму ова дополнување на основицата на платата на универзитетските професори, која најмногу достигнува 35.000 денари, доведе до нееднаквост на платите. Па, оние факултети што имаат поголем број на студенти, а мал број професори, успеваат да исплатат и до над 2.000 евра плата. Голем дел од професорите остануваат со плата од 500 евра, односно основицата од буџетските средства.
Како што
претходно пишуваше Факултети.мк, нето-платата, во зависност од факултетот, може да биде составена само од средствата што се исплаќаат од буџетот на РМ или, пак, доколку факултетот има сопствени, на тие може да се додаде одреден износ.
- Така се дозволи плата на редовен професор на државен факултет да биде 31.000 денари. Некои факултети станаа богати со енормен број на студенти, некои останаа такви какви што се. Секој почна да се снаоѓа како знае и умее, за жал, на штета на квалитетот на студиите и на студентите – вели Стевановиќ.
Малку студенти, многу професори, големи трошоци за настава
Од што зависи дали еден факултет ќе има дополнителни средства или не?
- Еден дел од факултетите тие пари ги добиваат од партиципацијата на огромниот број студенти, а имаат мал број на професори. Соодносот е страшно неповолен. Тоа, пак, од друга страна, се одразува многу негативно врз квалитетот на студиите. Тоа се општествените науки. Друг тип се медицинските факултети кои покрај големиот број студенти имаат и средства од специјализациите, а трет тип се оние што остваруваат апликативна дејност. Имаме информации дека во рамките на еден факултет има институти на кои професорите се многу повеќе платени бидејќи токму нивната област е комерцијална – објаснува Стевановиќ.
Најголем проблем имаат факултетите со мали групи студенти, а повеќе професори, а воедно и многу големи трошоци за реализација на наставата.
- ПМФ, Земјоделски и сличните факултети мора да обезбедат пари за лаборатории, потрошен материјал, опрема, теренски истражувања. Нашиот факултет исто така спаѓа во оваа група. За една претстава, која е завршен испит за студентите, се трошат струја, костими, реквизити, сценографија – вели таа.
Професорот Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет објаснува дека овој факултет има огромен удел во објавувањето трудови во познати меѓународни списанија, во истражувања, соработка со странски универзитети и многубројни активности.
- Со 1/3 учествува на ниво на целата држава од овој аспект, па тогаш навистина е демотивирачки да се биде професор тука, каде што платите се на најниско можно ниво. Ова е особено демотивирачко за младиот наставен кадар. Од тие 35 илјади денари плата што ги земаме самите издвојуваме за теренски истражувања, за учество на конференции, литература што ни е потребна. Останува дека имаме помала плата од наставник во средно или во основно образование – вели Милевски.
Не може сите да се подведат под една математичка формула
Деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, објаснува дека постојано се намалува бројот на ученици, а со тоа и на студенти, што ќе придонесе за поголеми проблеми кога се во прашање финансиите.
- Малкумина знаат дека факултетите од сопствени средства ги покриваат, покрај комуналиите, сите трошоци од канцелариски материјали, средства за хигиена, набавка на информатичка опрема, издавачка дејност, меѓународна соработка, организирање научни собири, стручно усовршување на наставниците итн., секако, според сопствените можности. Така што можете да замислите што се случува на одредени факултети кои според природата на својата дејност запишуваат малку студенти и немаат услови за апликативна дејност. Во услови кога нема инвестиции во високото образование, се јавува голема разлика и во функционирањето на единиците. Високото образование е мошне сложен процес, сите научни области и нивното поединечно значење за државата не можат да се подведат под една математичка формула – вели Дуев.
Стевановиќ вели дека МОН им исплаќало пари на факултетите само за платите и трошоците за парно.
- Кај нас, имаше години и кога сметките за парно не се плаќаа редовно, па каматите достигнаа повеќе од вкупната сметка. Сето ова паѓаше на товар на факултетите – вели таа.
Од минатата година Министерството почнало да ги намирува режиските трошоци, а во новиот Закон за високо, вели Стевановиќ, е влезена одредба дека режиските трошоци на факултетите ќе се покриваат во целост.
- Ова за малите факултети ќе значи извесно олеснување – вели таа.
Факултетите ќе се простат од огромниот број запишани студенти
Професорот Милевски вели дека науката и високото образование може да повлечат развој на оваа држава, а токму тоа ни е на ниско ниво.
- Овој опаѓачки тренд во образованието се одразува и врз економијата, врз целиот развој. Две работи се клучни, неопходно е покачување на платите, тие не може да бидат исти, но да има разлика од 10 до 15 проценти меѓу професорите. И, секако, треба да бидат достоинствени и да ги покријат трошоците за работа. Покрај зголемување на платите треба да има и заострување на критериумите за напредување во звања, вели Милевски, кој додава дека и колективен договор може да го реши проблемот со платите.
Стевановиќ, пак, смета дека решението е прво во зголемувањето на платите на универзитетските професори од буџетот. Но, додава дека во новиот Закон за високо образование во надлежност на Националниот совет и делумно на Агенцијата за квалитет е да се изработат критериуми и нормативи за финансирање, но и за квалитет на студии.
- Согласно овие акти, може да се подобри квалитетот на високото образование, кога ќе се направат нормални и природни соодноси меѓу студентите и професорите. Ако се продолжи вака, еден професор да им предава на 200 студенти, за какви студии ние зборуваме? Во моментот кога тие критериуми за тоа што се квалитетни студии, согласно секое подрачје, ќе бидат установени, факултетите нема ни да може да запишуваат енормен број на студенти – вели таа.
Агенцијата за квалитет во иднина ќе кажува колку студенти ќе може да прими еден факултет. Парите што факултетите ги имаат дополнително исто така треба да се трошат за подигање на квалитетот на студиите – вели Стевановиќ и додава:
- Оваа ситуација претходно им одговарала на сите. Дали мислите дека професорите ќе молчеа толку време ако повеќето земаа плата од 500 евра?
Дуев потенцира дека платите на универзитетските професори во Македонија се најниски во Европа. Основно, според него, е да се зголеми делот на основната плата што ја дава државата и да се покриваат основните трошоци (комуналии) за нормално функционирање на факултетите.
- Ако тие не зависат од основните потреби за функционирање, тогаш ќе можат сопствените средства да ги користат за инвестиции во научната инфраструктура, со што во голема мера ќе се подигне квалитетот. Факултетите можат да обезбедат финансиски средства и од меѓународни проекти и фондации, но тие подлежат под строги правила и многу ретко предвидуваат средства за комуналии, набавка на опрема и просторно уредување на објектите. Мора да се одредат приоритети за развој на високото образование. Но прв приоритет, без кој нема развој, се платите. Финансиската можност на еден професор да може сам да инвестира во своето научно усовршување води кон секаков вид автономија, кон подобра настава и поголема научна дејност – вели тој.