X
 30.11.2021 Наша тема

Фотонапонски системи во земјава има на 108 јавни згради и 3 здравствени установи

Со Декларацијата младите неодамна побараа носителите на одлуки да ги поттикнат јавните и приватните институции да користат обновливи видови енергија, особено соларна преку децентрализирано производство на енергија

На три здравствени установи во Скопје се инсталирани фотонапонски покривни системи, а вакви панели за обновливи извори на енергија има инсталирано во повеќе компании, додека Министерството за екологија чека една да се инсталира таму, велат од Министерството за економија, што е едно од барањата на младите во Младинската декларација за климатски промени, која беше усвоена минатиот месец.

Младите бараат носителите на одлуки да ги поттикнат јавните и приватните институции да користат обновливи видови енергија, особено соларна, преку децентрализирано производство на енергија.

- Донесениот правилник за обновливи извори на енергија и мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија овозможуваат интеграција на дистрибуирано производство на електрична енергија преку инсталирање фотонапонски системи на покривите на објектите - велат од Министерството за економија.

Оттаму појаснуваат дека според податоците со кои располагаат за подготовка на Националниот план за енергетска ефикасност до 2019 година, преку проектот „Дизајн и имплементација на фотонапонски системи во руралните општини“ се инсталирани фотонапонски системи на покривите на 108 јавни згради.

- Повеќе компании имаат инсталирано покривни фотонапонски системи, како што се: Витаминка, Макпрогрес, Макс, АгроГама, Мактоис, Фротирка, Палтекс, Алпинком, Европа 92, АБМГ, Фикопласт, Бирошеф. Неколку болници во Скопје имаат инсталирано фотонапонски системи на покривот, како што се: Поликлиника Букурешт, болниците Бит-пазар и Чаир - велат од Министерството за економија.



Оттаму појаснуваат дека со Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност за 2021 г. е овозможен надомест на дел од трошоците за набавка и инсталација на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинства.

- Ова се однесува за објект на кој има право на сопственост или употреба, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2021 година - велат од Министерството и додаваат дека со Правилникот за обновливи извори на енергија, донесен пред три години, домаќинствата, буџетските корисници и малите потрошувачи можат да изградат постројка за производство на електрична енергија од обновливите извори на енергија.

Од Министерството за животна средина на ова барање на младите од Младинската декларација за климатски промени велат дека прават мапирање на јавните институции што треба да ги заменат застарените и нееколошки системи на затоплување.

- Тоа е појдовна точка за обезбедување средства и замена на системите за затоплување со помалку загадувачки енергенти - велат од Министерството за животна средина.

Објектот во кој е сместено Министерството за животна средина не користи обновливи извори на енергија. Од Министерството велат дека немаат свои објекти и не може да инсталираат опрема за користење обновлива енергија.
- Сите објекти во кои е сместена државната администрација и објектите на МЖСПП се на Службата за општи и заеднички работи. Практика која се спроведува во МЖСПП е селекција на отпадот и неупотреба на пластични производи. МЖСПП, исто така, иницира во органите на државна управа да се користи вода пакувана во стаклена амбалажа - велат од Министерството за животна средина.

До 2035 година можни се 10.000 зелени работни места

На барањето на младите да се овозможи создавање зелени работни места, од Министерството за животна средина велат дека изработуваат стратешки документи и акциони планови, и ја анализираат вклученоста на индустрискиот сектор во постигнување на целите за намалување на емисии на стакленички гасови.

- На иницијатива на Министерството, Владата ги задолжи ресорните служби за обезбедување услови со кои зелените работни места ќе бидат класифицирани. Во Ревидираниот национален придонес кон Парискиот договор, проектирани се 63 политики и мерки за ублажување на климатските промени во енергетика, вклучително и снабдување со енергија, резиденцијален сектор, неспецифицирани сектори, индустрија, транспорт, потоа земјоделство, употреба на земјиштето, пренамена на земјиштето и шумарство, отпад - велат од Министерството за животна средина и додаваат дека во документот е анализиран и потенцијалот за генерирање работни места.

Осломеј/ фотоизвор: Влада

 

- Проценето е дека се можни 10.000 нови зелени работни места до 2035 година, особено преку засилена примена на мерки за енергетска ефикасност. Особено се работи на поддршка и промовирање на примена на иновативни и чисти технологии, како и на воведување нови модули за финансирање на зелениот развој - велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Истовремено, ЕБРД ја нотира успешната реализација на соларната електрана „Осломеј“, кредитирана од банката со што во кругот на РЕК Осломеј, на локацијата на исцрпениот рудник за јаглен, во близина на првата фотоволтаична електрана од 10 MW, АД ЕСМ подготвува нова инвестиција од најмалку 40 MW до најмногу 50 MW. И таа инсталација ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство, при што АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер. Додека еден од најголемите сончеви паркови во Европа е првата француска стратешка инвестиција во Македонија со капацитет за производство на електрична енергија од 350 до 400 мегавати (MW). Станува збор за директна француска гринфилд-инвестиција.

Соларниот парк „Стипион“ ќе се гради следната 2022 година на локацијата која беше предвидена за карго-аеродромот во Штип. Поради движењата на ветровите, оваа локација не е погодна за изградба на аеродром, но согласно анализите на соларната радијација, карактеристиките на земјиштето, како и оддалеченоста од преносната мрежа, оваа местоположба има одлични услови за изградба на фотонапонска електрана.

Од Министерството за економија велат дека не користат енергија од обновливи извори на енергија, но дека се стремат да реализираат проект за фотонапонски панели на покривот на зградата во која се сместени.

- Во изминатиот период беше направена енергетска контрола на зградата на Министерството при што се утврди колкава е потрошувачката на енергија во зградата и загубите на енергија, па се предложија мерки за подобрување на заштедите. Министерството има систем за управување со енергија, а сите вработени се обучуваа како да ги променат нивните навики додека се на работното место за да заштедат енергија - велат од Министерството за економија.

Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема