Откако Џасинда Ардерн стана премиерка на Нов Зеланд во 2017 година, стана и еден од светските климатски лидери.
Владините иницијативи во текот на изминатите неколку години вклучуваа засадување 100 милиони дрвја годишно, забрана на сите идни истражувања за нафта во море и забрана за употреба на синтетичко азотно ѓубриво во обид да се заштити слатката вода од земјоделско загадување.
Сега, партијата на Ардерн вети дека ако биде избрана на претстојните избори на 17 октомври, целото производство на енергија во земјата ќе биде 100 отсто обновливо до 2030 година. Ова ја зголемува претходната цел за укинување на целата необновлива енергија до 2035 година.
Според соопштение од партијата, ветувањето вклучува и забрзување на електрификацијата на транспортниот и индустрискиот сектор и инвестирање во новите технологии, како што е зелениот водород.
- Економското закрепнување од Ковид-19 претставува можност да се преобликува енергетскиот систем во Нов Зеланд за да може да се обновува побрзо, подостапно и побезбедно - рече Ардерн.
- Инвестициите во
обновлива енергија отвораат и нови работни места. Нашиот план ќе создаде нови работни места и ќе ја развие работната сила со вештини што ѝ се потребни на нашата економија за да напредува - додава таа.
- 84 отсто од електричната енергија на Нов Зеланд се од обновливи извори, но може и подобро. Ќе ги запреме активностите што ги зголемуваат нашите емисии преку промовирање развој на чиста енергија - изјави Меган Вудс, портпарол на партијата на Ардерн.
- Нашиот план за чиста енергија и помали емисии на јаглерод ќе ни помогне да ги искористиме економските можности да бидеме чиста, зелена земја - додаде таа.
Исто така, владата смета дека понатамошните инвестиции во чиста енергија се средство за намалување на зависноста на земјата од увезената енергија.
- Можеме да произведеме најчист зелен водород во светот - објаснува Вудс.
Доколку Лабуристичката партија на Нов Зеланд победи на изборите и ги исполни своите ветувања, земјата ќе може да им се придружи на Исланд и Парагвај како земји што се потпираат на 100 отсто обновливи извори на енергија.
Костарика е исто така импресивна зелена држава - 99 отсто од нејзината енергија е од зелени извори.
Извор:
Good News Network
Фото: Freepik