X
 30.11.2023 Наука

Вселенските прошетки им ги уништуваат ноктите на астронаутите

Патувањето во вселената предизвикува проблеми во човечкото тело - од губење на густината на коските до проблеми со видот предизвикани од вишокот мозочна течност. Една особено вознемирувачка последица е феноменот што се јавува по вселенска прошетка, кога астронаутите ги губат ноктите.

Оваа необична состојба, позната како онихолиза, има повеќе врска со атмосферскиот притисок отколку со гравитацијата. Минималниот еколошки притисок во вселената, кој од суштинско значење за безбедноста при активности надвор од бродот, претставува предизвик за дизајнот на скафандерот, особено за рацете.

Астронаутите често се соочуваат со повреди на рацете поради ракавици под притисок кои го ограничуваат движењето и создаваат точки на притисок. Затоа, повредите на рацете се чести кај астронаутите кои излегуваат надвор од вселенската станица.

Ракавиците во вселенските костими, кои се состојат од повеќе слоеви, како што се слој за удобност, слој за задржување и надворешен слој на термална микрометеороидна облека, се сложени. И покрај прецизниот дизајн, онихолизата останува постојан проблем што влијае врз астронаутите и за време на обуката и за време на вистинските вселенски прошетки.

За да се разберат факторите на ризик за онихолиза, инженерот Кристофер Рид направил студија годинава за 31 пријавена повреда од овој тип кај астронаутите, од кои 27 се здобиле за време на вежби, а 4 за време на прошетки во вселената. Истражувањето покажува дека дизајнот на ракавиците значително влијае врз веројатноста за губење на ноктите, при што еден тип на ракавици е поврзан со 8,5 пати поголем ризик од здравствен проблем.

Повеќето повреди се случиле на средниот прст, под влијание на големината на ракавицата и должината на прстот. Интересно е и тоа што онихолизата била почеста кај жените отколку кај мажите.

Резултатите од тоа истражување посочуваат дека лошото поставување на ракавиците може да придонесе за проблемот, иако НАСА приспособува ракавици за секој астронаут.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука