X
 30.07.2018 Наука

НАСА го прослави 60 роденден



Американската вселенска агенција, НАСА, вчера славеше 60 години од своето постоење. Во тие шест децении, многубројни научници и инеженери остварија значајни научни и инженерски достигнувања.

НАСА не е позната само по испраќањето на првиот човечки екипаж на Месечената или по бројните сонди кои ја истражуваат вселената. Ретко кој знае дека НАСА е основана како агенција задолжена за национална безбедност.

Тоа се случило во моментот кога Русите во 1957 и 1958 година испратија во вселената три летала „Спутник“ и го направија првиот чекор кон освојување на вселената. Просторот за кој дотогаш американските научници можеле само да сонуваат. Токму рускиот успех ја поттикнал американската влада на создавање долгорочен план за истражување и освојување на вселената.

Научниците кои тогаш биле ангажирани на развојот на американската вселенска програма го притиснале претседателот Ајзенхауер да основа нова агенција која пред сè би била цивилна и чија главна задача би била истражување на вселената.

По долги расправи во Конгресот и Сенатот, предлог-законот на Ајзенхауер за основање на НАСА бил прифатен на 16 јули 1958 година, а претседателот го потпишал и го пратил во правниот промет на 29 јули 1958 година.


Космонаут
(Фото: Pixabay)


Осумте цели на НАСА кои важат и денес

Националната аеронаутичка и вселенска администрација, НАСА, од самиот свој почеток има зацртано осум цели:

1. Проширување на човековото знаење за феномените во атмосферата и вселената.

2. Подобрување на искористеноста, перформансите, брзината, безбедноста и ефикасноста на аеронаутичките и вселенски летала.

3. Развој и управување на возила кои можат да носат инструменти, опрема, продукти и живи организми во вселената.

4. Воспоставување на долгорочни студии за потенцијалните предности, можности и проблеми кои се појавиле при аеронаутичките и вселенските активности за мирнодопски и научни цели.

5. Зачувувањето на улогата на САД како предводник во аеронаутичката и вселенската наука и технологија.

6. Овозможување пристап на агенциите кои се директно поврзани со националната одбрана до откритијата кои имаат воена вредност и значење, воспоставување на цивилна агенција која ќе управува и ќе ги контролира не-воените аеронаутички и вселенски активности, информации и откритија кои имаат вредност или значење за таа агенција.

7. Соработка на САД со други нации и групи нации во остварувањето на овие цели и мирнодопска примена на откритијата.

8. Најефикасно користење на научните и инженерските ресурси на САД со блиска соработка меѓу заинтересираните агенции на САД за да се избегне непотребното удвојување на опрема и труд.

Иако со текот на годините овие цели претрпеле извесни измени, НАСА и натаму цели кон нивно исполнување.

НАСА го загуби приматот во вселенската трка

Во минатите десетина години оваа вселенска агенција полека заостанува зад бројните приватни компании кои се вклучија во вселенската трка.

НАСА се сврти кон истражување и праќање на истражувачки сонди во оддалечените агли од вселената, а на другите компании им го препушти испраќањето ракети со опрема и други и други потребни средства до Меѓународната вселенска станица.

Тоа сепак не значи дека НАСА губи на својата важност. И натаму во нејзините простории се обучуваат астронаути кои потоа се праќаат на Меѓународната вселенска станица, но во многу помал број во споредба со 1980-тите и 1990-тите години.

Истражувањето на Марс, Сончевиот систем, но и следењето на Земјината атмосфера, спроведувањето на бројни екперименти, и можеби најважното – едуцирањето на јавноста за значењето на вселенската програма и откривањето на тајните на вселената станаа главниот фокус на НАСА.

И, мора да признаеме, добро им оди. Тие објавија низа значајни откритија поврзани со Марс, Јупитер, Сончевиот систем, црните дупки и другите вселенски појави кои можат или веќе влијаат врз животот на Земјата.

И сето ова не е така лошо за една 60-годишна дама, зарем не?
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука