X
 30.11.2024 Живот

Одмор од соништата, но за соништата: Конечно ќе можете да се наспиете

Заборавете на адреналинските активности, авантуристичките патувања и јога-центрите - новата ѕвезда на туристичката понуда е спиењето. Да, добро прочитавте - луѓето сега избираат дестинации кои ветуваат совршен ноќен сон.

Според извештајот на „ХТФ маркет интелиџенс“, индустријата за туризам за спиење вредела неверојатни 690 милијарди американски долари во 2023 година, а тој број расте од година на година. Сè повеќе луѓе се одлучуваат да ги заменат стресните одмори со оние што ветуваат мир, релаксација и многу потребниот квалитетен сон.

Зошто лошо спиеме?

Шарлот Гупта, постдокторантка на австралискиот Универзитет Си-Кју, вели дека индустријата е создадена поради растечкиот проблем со лишување од сон.

- Речиси половина од возрасните не ги спијат препорачаните седум до девет часа навечер. Поголемиот дел од населението е хронично лишено од сон - објаснува таа.

И иако таквите патувања можеби не се долгорочно решение, тие сепак можат да донесат многу придобивки.

-Пакетите што вклучуваат терапии за спиење, приспособени перници, затемнети и разладени простории, даваат можност за вистински одмор. Најважно е овие здрави навики да ги пренесете во секојдневниот живот по враќањето дома - додава таа.

Доколку и самите сакате да спиете на начин достоен за кралевите, а имате висок буџет, еве неколку луксузни дестинации што го нудат токму тоа.

„Алба велнес вали“, Виетнам

Недалеку од Хуе, во мирот на оризовите полиња и езерата, ова место е дизајнирано за целосно ресетирање. Нивниот петдневен „Слип вел ретрит“ вклучува спа-третмани, бањи во топли извори, како и велнес-активности како јога и медитација. Овде навистина е возможно „спиење како во бајка“.

„Комо Шамбала естејт“, Бали


Сместено во тропската шума во Убуд, ова одморалиште комбинира луксуз и сеопфатно здравје. Програмите се персонализирани и фокусирани на управување со стресот, подобрување на спиењето и целокупното ментално и физичко здравје. Овде ќе се разбудите опкружени со звуците на природата и ќе се чувствувате како сосема нова личност.

„Бенџамин ројал сонеста“, Њујорк, САД


Во срцето на раздвижениот Менхетен, хотелот „Бенџамин“ нуди програма наречена „Одмор и обнова“, создадена да им овозможи на гостите совршена ноќ. Програмата вклучува „консиерж за спиење“, избор од 10 вида перници, бел шум, медитација по барање, маски за спиење и тампони за уши. Будењето во Њујорк никогаш не било толку освежувачко.

Извор: 24sata.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот