Она што за мене е најбитно, освен здравјето, среќата и секако бркањето на оваа вештерка од планетава, е да бидеме луѓе. Од тоа некако се оддалечивме, како да го потиснавме некаде длабоко. Мора да ги вратиме вистинските вредности и да живееме многу поубаво, вели Јанкуловски
Денис Јанкуловски од одделението за микробиологија во Центарот за јавно здравје, во јавноста познат како Космонаутко бидејќи од почетокот на здравствената криза оди по домовите на луѓето да им земе брис, зборува за тоа како секојдневно успева да ја заврши и не така пријатната работа, а сепак да остане со позитивен дух и да ги потсети луѓето дека насмевките и радоста не се забранети. Тој во јавноста е познат и по тоа што секое утро преку социјалните медиуми пушта песни за убаво да тргне денот, а реши да ги развесели луѓето кај кои оди да земе брис или кај кои веќе бил со тоа што ќе им дели новогодишни честитки.
- Со песна се обидувам да внесам убаво расположение кај луѓето бидејќи тоа и мене ме релаксира, ме опушта, ми овозможува деновите да ги поминувам многу полесно. Тоа наиде на одличен прием кај луѓето, ја разбраа пораката што сакам да ја испратам, а тоа е дека што и да е, што и да се случува, ние никако не смееме да ги изгубиме духот, ведрината, насмевките. Иако сме месеци и месеци оддалечени, сепак, преку песната се обидувам да навлезам во многу домови и со мојата позитивност буквално да ги заразам. А денес можам слободно да кажам дека таа пријатна зараза е доста проширена - раскажува Јанкуловски со насмевка.
Признава дека на почетокот му било многу напорно и тешко бидејќи требало да се приспособи на нов начин на работа и дека работата и сега е напорна, но нашол начин како сè да биде завршено како што треба, а да не се заморува.
- Од почетокот секојдневието ми е исто, станувам рано, во четири часот, го пијам утринското кафе и од шест часот сум веќе на работа. Работното време е од седум часот, но ова е вонредна состојба и потребни се подготовки за дневните тестирања, да се преземат налозите од епидемиолозите од Центарот за јавно здравје, да се подготви материјалот за работа и да ја ставам заштитната опрема. Работното време ми завршува кога ќе го земам последниот брис, кога и да е - раскажува Јанкуловски.
Тој вели дека луѓето на почетокот биле многу исплашени, а некои и денес, но дека најчесто добро го прифаќаат бидејќи знаат дека она што го прави е за нивно здравје. Вели дека има многу случки за кои може да раскажува, од оние кога за време на карантинот останувал до подолго кај луѓето кои биле сами за да помуабети со нив, до најинтересни случки со децата, кои му ја враќаат енергијата да продолжи натаму.
- Во првите неколку месеци имаше и по 200-300 повици каде што требаше да одговориме, па се поднамали, па повторно се зголеми. Организациски колегите се по пунктови, а јас на терен и тука е проблемот, за жал, се трудам заедно со докторите да одговориме на што повеќе повици, да не остане никој неуслужен. Малку сме на број, ама некако успеваме - вели Јанкуловски.
Овој месец тој реши да им ги разубави празниците на луѓето кај кои оди да земе брис со тоа што им дели новогодишни честитки, а идејата е да им покаже на луѓето дека не се сами ниту во тешките моменти.
- Новогодишните честитки ми се нешто омилено, ме потсетуваат на убави времиња, на радост. А беа заборавени долги години. Па почнав да ги делам таму кај што одам за брис, каде што сум бил. Тука многу ми помогнаа од „Меѓаши“, кои ми дадоа многу честитки и огромна благодарност за чичковците поштари кои како џуџињата на Дедо Мраз со огромна експедитивност повеќето ги разнесоа по домовите. Реакциите на луѓето се нешто што не се опишува, само радост, само насмевки, па и солзи радосници. Впрочем, и јас така реагирав еден ден кога го отворив сандачето и буквално испопаѓаа 50-ина честитки. И уште доаѓаат - раскажува Јанкуловски.
Тој и неговите колеги ќе работат и за празниците бидејќи секој ден е важен за излез од оваа криза. Неговата порака до луѓето е иста како и во претходните месеци, а тоа е совесно и внимателно однесување.
- Долго трае и мора заедно да си помогнеме за да заврши што побрзо. Сите сакаме и слави, и забави, и родендени и новогодишни празници, но сето тоа ќе го има повторно. Она што е најбитно е нас да нè има. Да сме сите на број. Му пишав на Дедо Мраз желба и писмото го оставив под елката на плоштад. Она што за мене е најбитно, освен здравјето, среќата и секако бркањето на оваа вештерка од планетава, е да бидеме луѓе. Од тоа некако се оддалечивме, како да го потиснавме некаде длабоко. А тоа е нешто убаво, една од најчовечките особини. Мора да ги вратиме вистинските вредности и да живееме многу поубаво - вели Јанкуловски.
Фото: Приватна архива