X
 31.03.2020 Наука

Нови истражувања откриваат дека неандерталците обожавале морска храна и биле одлични рибари

Неандерталците очигледно биле многу понаклонети кон морската храна отколку што се сметало претходно: новите истражувања покажуваат дека неандерталските заедници што живееле во Португалија во последната ледена доба биле исто толку заинтересирани за риболов како и нашите современи човечки предци.

Ракчиња, риби, птици и морски цицачи како делфини и фоки сочинувале дури половина од исхраната на овие предци, покажува новото истражување. Тоа ги прави снаодливи риболовци, со однесувања поблиско до денешниот хомо сапиенс.

Ископувањата во пештерата Фигуеира Брава близу Сетубал, Португалија, откриле домашни депонии кои датираат пред околу 106.000 и 86.000 години, полни со коски и школки од морски животни.

Откритието е значајно - масните киселини обезбедени со овој вид исхрана во која била вклучена морската храна, како што се омега-3, може да го зајакнат развојот на мозокот. Овие навики во исхраната можеби придонеле за појавување на когнитивна и бихевиорална современост.

1
Фото: Mariana Nabais/João Zilhão

- Фигуеира Брава го обезбедува првото забележување на значителна потрошувачка на поморски ресурси меѓу неандерталците во Европа - велат истражувачите.

Оддалеченоста на населбата од крајбрежјето укажува на тоа дека неандерталците користеле кошници и торби за да одат на риболов. Способноста за ловење храна од морињата и реките долго време се сметаше исклучиво за човечка особина, а не за нешто што го споделуваме со неандерталците - токму и затоа овие наоди се доста значајни.

Претходните докази за исхрана со морска храна меѓу неандерталците биле необични: додека биле забележани во други делови од светот, не било јасно колку се широко распространети овие еволуирани навики на јадење.

Експертите знаат многу повеќе за исхраната на раните модерни луѓе во Јужна Африка околу истиот период, а новите истражувања покажуваат дека оваа исхрана не е различна од онаа што ја усвоиле неандерталците што живееле крај брегот на Португалија.

Се смета дека морската храна и користењето на морските ресурси би можело да има голема улога во поттикнување на проширувањето на раните човечки суштества како и поттикнување на софистицираност на нашите општества.

Колку и да е сеопфатно ова откритие, тоа е само еден дел од светот. Истражувачите сметаат дека траги од други слични заедници можеби биле избришани од зголемувањето на нивото на морето кон крајот на последната ледена доба.

Овие докази значително даваат повеќе информации за начинот на живот и однесувањето на неандерталците и покажуваат дека според нивниот вкус за морска храна, можеби не биле толку различни од нашите рани предци.

Истражувањето беше објавено во списанието „Сајнс“.

Извор: Science Alert
Фото: Pedro Souto/João Zilhão
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука