Децата што растеле опкружени со книги имаат поголеми шанси да се збогатат штом ќе пораснат во споредба со децата што растеле речиси без нив.
Ова го покажа истражувањето на економистите од Универзитетот во Падова.
Со истражувањето биле опфатени речиси шест илјади мажи од девет европски земји во периодот од 1920 до 1956 година.
Истражувачите се интересирале дали момчињата растеле во куќи со помалку од 10 книги, со една полица со книги, со една полица до 100 книги, со две полици или повеќе.
Резултатите покажале дека една дополнителна година во учењето може, во просек, да ја зголеми заработката во текот на работниот век за 9 %. Меѓутоа, големи разлики се јавуваат во зависност од тоа дали момчето било опкружено со книги или не.
Момчињата што растеле во домаќинства кои имале помалку од една полица со книги, со дополнителна година образование ги зголемувале своите приходи само за 5 %. Оние што растеле опкружени со многу книги со дополнителна година образование можеле да ја зголемат својата заработка дури и до 21 %.
Утврдено било и дека оние момчиња што растеле опкружени со повеќе книги во споредба со оние што растеле со помалку биле поподготвени да го напуштат својот роден крај и да заминат во градовите каде што имале поголеми можности за развој.
Економистите со многубројни теории се обиделе да ги протолкуваат ваквите резултати.
„Можеби книгите ги охрабруваат децата да читаат повеќе, а читањето влијае врз нивните способности за учење во училиште. Алтернативно објаснување е дека домовите со повеќе книги се показател на подобри општествено-економски услови“.
Бројот на книги во куќата на детето може јасно да ги предвиди резултатите на тестовите за когнитивни способности. Ова можеби укажува дека семејствата што ги охрабруваат децата на размислување и развивање на социо-емоционалните способности се од големо значење за економски успех во животот.
Книгите можат да ги поттикнат љубопитноста и амбицијата кај децата, но исто така тие се и показател за семејства во кои децата се поттикнуваат на учење или кои во старт имаат поголеми приходи.