X
 31.03.2022 Наша тема

Шаховската игра на Бојана Бејатовиќ е мат за предрасудите дека тоа е машки спорт

Седумкратниот македонски првак го оживува духот на женскиот шах. Шахот е психолошка борба. Самодисциплина, управување со емоции, ладнокрвност, сето тоа се одлики кои играат значаен дел во самата борба, вели младата шахистка

Бојана Бејатовиќ има 27 години, а 23 години се дружи со шаховската табла и со црните и белите фигури. Желбата да биде поуспешна од многу мажи во овој спорт не само што ја прави најуспешната жена шахист во земјава, туку и шахот веќе ѝ е професионална определба. Таа е играч, тренер, судија, но и фер плеј офицер. Од декември 2021 година стана и генерален секретар на Меѓународната асоцијација на шаховски професионалци (ACP - Association of Chess Professionals).

Шаховската игра на Бојана практично е мат за предрасудите дека шахот е машки спорт. Во пресрет на шаховската Олимпијада годинава, која треба да се одржи во јули, да потсетиме дека Бејатовиќ е седумкратен првак на Македонија во женска конкуренција (12, 14, 16 и 18 години) и има освоено второ место до 18 години на Државно првенство на Македонија во машка категорија. Настапила за македонската женска репрезентација на пет Олимпијади, на четири Европски тимски првенства и на една онлајн Олимпијада. Сепак, 2020 година ѝ го одредила правецот на движење во шаховските води.

- Претходно бев само играч. Играм за женската репрезентација од 2008 година. Во 2019 ги проширив своите видици во шаховскиот свет почнувајќи како шаховски судија. Станав член на Комисијата за фер плеј при Светската шаховска федерација (ФИДЕ-FIDE). Во јануари 2020 станав член на Управниот одбор на Меѓународната асоцијација на шаховски професионалци (АШП-ACP) и продолжив со работата како нивен Social Media Manager - вели таа.



Работи и како фер плеј офицер на светски шаховски настани.

- Отскочна штица ми беа многубројните онлајн шаховски турнири кои зедоа замав во 2020 година. На почетокот сето тоа беше онлајн, меѓутоа, ланилето постепено се активираа реалните турнири. Почнав да патувам почесто во оваа улога (фер плеј офицер) почнувајќи од Светскиот куп во Сочи, Русија, јули 2021 година. Моментално работам на турнир во Белград, каде што се одржува еден од серијалите на FIDE Grand Prix турнирите - вели таа.

Своето знаење го пласира и како шаховски тренер.
- Навистина уживам во целата работа поврзана со шахот - додава таа.
Сон на секој шахист е да стане велемајстор, па така и Бејатовиќ цели на тој пат.

Наместо со кукли, играла со шаховските фигури

За шахот пројавила интерес од многу рана возраст. Се сеќава дека првите потези на шаховската табла ги направила уште на четиригодишна возраст, а дедо ѝ бил тој што успеал да ѝ ја всади и зацврсти љубовта кон шахот.

- Фигурите ми беа многу интересни и си играв со нив наместо со кукли. Неколку години подоцна почнав да тренирам во клуб. Паралелно тренирав кошарка. Татко ми е поранешен кошаркар и сакаше да ме прави крилен центар во кошарка зашто сум левучар. Сепак, интересот кон шахот преовлада - вели таа.



Да играш шах се учи, но целиот процес, според неа, бара големо вложување на време, енергија, финансии, но и психолошки борби.

- Шахот е океан од знаења, теорија, анализи, искуства и истрајност. Талентот помага побрзо да се постигнат одредени резултати и да се создаде капацитет за акумулирање знаење и преточување на тоа знаење во практика. Сепак, потребна е макотрпна работа за тој талент да дојде до израз. Некогаш резултатите доаѓаат веднаш, некогаш им треба малку повеќе време. Она што е значајно е да се остане истраен без да се губи ентузијазмот - посочува Бејатовиќ.

Во шаховскиот спорт има недостиг и на мажи и на жени

Не се согласува со мислењата на многумина дека шахот е исклучиво машки спорт.
- Тоа е генерализирано поради тоа што има поголем број мажи во споредба со жени кои се занимаваат со овој спорт. Во шахот жените се покажале и се докажале како достојни противници. Да ги земеме за пример Јудит Полгар, Ху Јифан и многу други жени што се борат со голем успех против велемајстори од 2600-2700. Јудит е единствената жена која успеала да постигне рејтинг од 2735 ФИДЕ, нешто што е незамисливо за многу мажи (за споредба и да се долови сликата, првите 38 мажи во светот имаат рејтинг над 2700) - објаснува таа.

За жал, како што вели, во земјава има не само недостиг на жени, туку и на мажи што се занимаваат со шахот.
- Репрезентациите ги имаат своите капацитети, меѓутоа, старите генерации си одат, додека новите не продолжуваат. Мал е бројот на шахисти во Македонија. Не секој се определува да биде професионалец во спортот - додава таа.

Во играта оди на сѐ или ништо

Иако звучи чудно дека е потребна физичка подготовка за шаховски натпревар, сепак, младата Бејатовиќ посочува дека кондицијата е многу битен аспект за да се одигра еден шаховски натпревар.

- Турнирите можат да бидат многу напорни. Потребна е кондиција за да се издржи секојдневна партија од 3 до 6 часа. Партиите можат да траат и до 7 часа, а претходно постојат подготовки за конкретен противник пред самата партија, кои исто така опфаќаат некои 2 часа работа. Физичката подготовка се состои од кондиционен тренинг, најчесто трчање и правилна исхрана. Тука се и подготовките пред турнирот, кои се стратегиски и теоретски, придружени со тренирање техника за пресметување варијанти. Подготовките некогаш можат да траат по неколку месеци - додава таа.

Сепак, Бејатовиќ ја потенцира и психолошката подготовка пред шаховскиот натпревар.



- Шахот е психолошка борба. Самодисциплина, управување со емоции, ладнокрвност, сето тоа се одлики кои имаат значаен дел во самата борба. Говорот на телото, особено изразот на лицето може многу да каже за тоа низ што поминува играчот или противникот. Затоа е битно да не се манифестираат никакви емоции, поради тоа што дури и најмала манифестација на емоција може да му даде до знаење на противникот дека постои несигурност, а тоа води до негова психолошка предност - објаснува таа.

Идол ѝ е шахистот Михаил Таљ, токму поради стилот кој го употребува во играта, но и поради желбата за комбинаторика.
- Таљ секогаш успева да нѐ воодушеви со неговиот ризичен избор на потези и планови за игра. Стилот на игра е често поврзан со карактерот на човекот, па наоѓам сродност на мојот карактер со неговиот, одиме на сè или ништо - низ смеа вели младата шахистка.

Следна цел - активирање на женскиот шах во земјава

Шахот, според Бејатовиќ, помага во креирање на критичкиот ум, влијае врз начинот на размислување, на „програмирање“ на умот кон изнаоѓање креативни решенија, планирање и евалуација на ситуација, предвидување можни исходи, економизација со време и ресурси, управување со ризик, со еден збор, сестрано размислување и дејствување.

- Во последниве две години се надевам дека шахот допре до пошироката јавност како спорт и рекреација, особено благодарение на серијата „Дамски гамбит“ (The Queen’s gambit), која ги навлече луѓето на шахот - додава таа.
Смета дека во Македонија се потребни уште напори за да се прошират мислењето за шахот како добар спорт со големи бенефиции.



- Прва и главна иницијатива ми е женскиот шах. Сметам дека многу малку внимание се посветува на женскиот шах, како глобално така и кај нас. Пред две години направив напор да организирам тренинзи и да ангажирам меѓународни тренери за нашиот репрезентативен тим, сѐ беше подготвено и договорено, меѓутоа, изостана финансиската поддршка и тоа остана нереализирано. Планирам повторно да го реактивирам за да може женскиот национален тим да има солидни неколкумесечни подготовки пред претстојната Олимпијада 2022 - заклучува Бејатовиќ.

Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема