X
 31.03.2022 Живот

Затворени четири пункта за вакцинација против ковид-19 во Скопје

Граѓаните може да се вакцинираат во поликлиниките Букурешт, Јане Сандански и Чаир

Четири пункта за вакцинација против ковид-19 во Скопје се затворени, а граѓаните може да се вакцинираат во поликлиниките Букурешт, Јане Сандански и Чаир.

Од седум пункта за вакцинација во поликлиниките при Здравствен дом Скопје, од овој месец останаа три. Пунктовите за вакцинација во поликлиниките во Ѓорче Петров, Ченто, Драчево и Шуто Оризари се затворени, а досега работеа во една смена.
Според информациите од Министерството за здравство, во моментов функционираат три пункта на територијата на Град Скопје, во поликлиниките Букурешт, Јане Сандански и Чаир, кои работат во две смени.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, досега со една доза од вакцината против ковид-19 се вакцинирани 872.652 лица. Комплетно вакцинирани со две дози се 852.855 лица, а со трета доза се вакцинирани 152.109 лица.

По намалувањето на бројот на инфицирани со коронавирусот, Комисијата за заразни болести препорача да се интензивира вакцинацијата против ковид-19.
Од Министерството за здравство велат дека во тек е и поширока кампања за вакцинација.

- Граѓаните што спаѓаат во ризичните групи се информираат по СМС-порака за точно определен термин и пункт со цел да го заштитат своето здравје. Паралелно се одвива и карванот за вакцинација, во кој се вклучени студенти од Медицинскиот факултет и волонтери од Црвен крст со цел да разговараат со што повеќе граѓани и да ги информираат за бенефитите од вакцинацијата против ковид-19 и ризикот од одложување - велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека вакцините се достапни за сите граѓани во државата и можат да се вакцинираат секој работен ден во здравствените домови.


Подготвил: Е.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот