X
 20.01.2022 Наука

Ново истражување ги открива можните причини за несакани ефекти по вакцинација против ковид-19

Повеќето „несакани ефекти“ од вакцината против ковид-19 се предизвикани од очекувањата на луѓето, а не од вакцината, велат научниците од Медицинскиот факултет на Харвард, откако ги анализирале извештаите од повеќе од 45.000 учесници во истражувањето.

Различни „системски“ несакани ефекти, како што се главоболка, замор и болки во зглобовите, се пријавени во двете половини од фокус-групата, меѓу оние кои примиле различни вакцини против ковид, како и оние кои примале плацебо.

По анализирањето на извештајот, научниците од медицинскиот центар „Бет Израел Диконес“ во Бостон заклучиле дека таканаречениот „ноцебо ефект“, или непријатните чувства предизвикани од анксиозност или лошите очекувања, е причина за три четвртини од сите пријавени несакани ефекти од вакцината.

Истражувањето, објавено во списанието „ЏАМА Нетворк опен“, вели дека 35 отсто од примателите на плацебо пријавиле несакани ефекти по првата доза и 32 отсто по втората. Значително повеќе „несакани ефекти“ биле пријавени во групите што ја примиле вакцината, но таканаречените „ноцебо одговори“ сочинуваат 76 oтсто од пријавените системски несакани ефекти по првата доза на ковид-19 и 52 отсто по втората доза, велат истражувачите.

Научниците забележуваат дека иако причините за неодлучноста при вакцинацијата се различни и сложени, една од главните, секако, е загриженоста за потенцијалните несакани ефекти од вакцината против ковид. Оние во контекст на истражувањето и „одговорите на ноцебо“ треба да се земат предвид од страна на одговорните во кампањите за јавна вакцинација.

Еден од научниците вклучени во истражувањето, професорот на Медицинскиот факултет на Харвард, Тед Капчук, ја објасни науката зад ноцебо ефектот. Тој посочи дека неспецифични симптоми, како што се главоболки и замор, се пријавени во многу информативни брошури како типични несакани ефекти на вакцината против ковид-19.

-Доказите сугерираат дека овој тип на информации може да ги наведе луѓето погрешно да припишуваат вообичаени дневни феномени во позадина (како што се главоболки или замор) како да потекнуваат од вакцината или да предизвикуваат вознемиреност и загриженост, што ги прави луѓето особено чувствителни и свесни за она што го чувствуваат секој ден - вели Капчук.

Извор: Zimo.dnevnik.hr | HMS Harvard
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука