X
 31.05.2021 Наука

Како мозокот одново стартува по длабок сон под анестезија?

Можеби често сте се прашувале зошто на вашиот лаптоп му треба толку време за да стартува, а сега научниците го поставија истото прашање за човечкиот мозок: како точно мозокот стартува одново откако бил под анестезија, во кома или во длабок сон?

Користејќи група од 30 здрави возрасни лица што биле под анестезија три часа и група од 30 здрави возрасни лица што не биле, како контролна мерка, нова студија открива детали за тоа како мозокот се враќа во свесна состојба.

Излегува дека мозокот „се вклучува“ дел по дел, а не целиот одеднаш - и апстрактните способности за решавање проблеми на кои работи префронталниот кортекс се функциите што се враќаат најбрзо. На другите области од мозокот им е потребно подолго време.

- Иако на почеток изгледа изненадувачки, еволуциски има смисла повисоката когнитивност да закрепнува порано. Ако, на пример, некој се движи кон закана, префронталниот кортекс би бил многу важен за категоризирање на ситуацијата и генерирање план за акција - истакнува анестезиологот Макс Келц од Универзитетот во Пенсилванија.



За да се измери што се случувало во мозокот, биле користени неколку методи, меѓу кои и електроенцефалографски (ЕЕГ) скенови и когнитивни тестови пред и по заспивањето. Тие тестови ги мереле брзината на реакциите, потсетувањето и други вештини.

При анализа на ЕЕГ-скеновите истражувачите забележале дека фронталните региони на мозокот - каде што се лоцирани функции како решавање на проблеми, меморија и моторна контрола - станувале особено активни додека мозокот почнувал да закрепнува.

Споредбата со контролната група покажала дека биле потребни три часа за оние што биле под анестезија за целосно да закрепнат.

Тимот продолжил да го следи распоредот на спиење на учесниците во деновите по експериментот. Искуството изгледало како да не влијаело негативно врз сонот на оние што биле под анестезија.

- Тоа посочува дека здравиот човечки мозок е издржлив дури и по долготрајно изложување на анестезија. Клинички, тоа навестува дека некои од нарушувањата на когнитивноста кои често ги гледаме со денови или дури и недели во текот на закрепнувањето од анестезија и операција - како делириум - можеби може да се припишат на други фактори - истакнува анестезиологот Мајкл Авидан од Универзитетот во Вашингтон.

Огромен број хируршки зафати не би биле можни без анестезијата, која е ефикасен и контролиран начин за исклучување на свесноста во мозокот - нешто што може да се случи неволно во случај на кома.

Покрај големата употреба, ние всушност не знаеме како детално дејствуваат анестетиците, дури и ако сме пронашле начин како безбедно да ги користиме. Има многу сугестии за тоа како мозокот се справува со овие лекови, но сè уште нема конкретни докази.

Последните истражување не само што може да ни помогнат во лекувањето и негата на пациентите туку може и да им овозможат на научниците подобро да го разберат мозокот и како тој одговара на нарушување.

Истражувањето е објавено во eLife.

Извор: Science Alert
Фотографии: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука