Уште еден голем тест за македонските студенти! Во вторник, 17.11.2015, во Хотел „Континентал“ - Скопје започна светскиот Симпозиум на студенти од сите здравствени дисциплини, а ќе трае до 22.11.2015. 6-тиот по ред World Healthcare Students’ Symposium е единствен настан во светот кој ги обединува студентите со заедничка цел – обединување на ставовите и проширување на знаењата.
Организатори на настанот се студентите од Македонската медицинска студентска Асоцијација (ММСА) заедно со студентите од факултетите по медицина, фармација, стоматологија, ветерина и физиотерапија во соработка со најголемите светски невладини организации од овие полиња (IFMSA, EMSA, EDSA, EPSA и т.н. )
Во низа на предавања, панел дискусии и научни работилници, учесниците на интерактивен начин ќе се запознаат со новитетите во медицината, биоетиката и предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници во светот. Исто така, учесниците ќе имаат единствена можност да ги презентираат своите научни трудови и истражувања пред еминентни професори, од кои би ги издвоиле: Проф. Д-р. Орхан Дерман (Harvard University, Hacetepe University Ankara), Проф. Д-р Андреја Арсовски (Ре-Медика), Татиана Воровченко (Oxford University), Проф. Д-р Македонка Митрева (Washington University), Проф. Д-р. Дејан Трајков (Медицински Факултет - Скопје) и многу други професори од Франција, Иран, Австрија, Турција и Велика Британија.
На свеченото отворање на симпозиумот присуствуваше Деканот на медицинскиот факултет во Скопје, Проф. Д-р. Никола Јанкуловски, кој во својот поздравен говор изрази неизмерна гордост за своите студенти, за кои ова не е првпат успешно да организираат толку голем настан, доколку се земе во предвид Интернационалниот Студентски Конгрес кој оваа година во мај ќе прослави 39 години постоење, и генералното Собрание на International Federation of Medical Students’ Associations, со над 800 учесници од 112 земји.
-„Секогаш ќе бидеме тука да ве поддржиме, вие сте нашата гордост и иднина“ – вели Проф. Јанкуловски.
Меѓу присутните гости на церемонијата беше и Деканот на стоматолошкиот Факултет, Проф. Д-р. Љубен Гугувчевски како и многу професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, приватните болници од Македонија, претставници од турската Агенција за координација и кооперација и многу други.
Присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на сите жртви од неодамнешните настани во светот по изјавата на претседателот на научниот комитет на симпозиумот Метју Гемен од Париз, Франција, кој истакна:
„Само заедно, со соработка и знаење можеме да се спротивставиме на крвопролевањето и страдањата. Како идни здравствени работници, сите сили и непроспиени ноќи ни се посветени на една цел – пружање безрезервна помош!“
Повеќе за настанот прочитајте на www.whss2015.com, и на Facebook страната на настанот
https://www.facebook.com/WHSS2015Macedonia/?fref=ts