X
 01.08.2019 Наука

Уште една последица од глобалното затоплување: На норвешки остров пронајдени 200 мртви ирваси

Норвешките научници неодамна откриле околу 200 мртви ирваси на норвешкиот остров Свалбард во Арктичкиот Океан. Експертите од Норвешкиот поларен институт се убедени дека причината за нивната смрт е глад. Тие веруваат дека невообичаениот голем број на мртви животни се должи на климатските промени што се чувствуваат и на островото Свалбард.

Секое лето, истражувачите од Норвешкиот поларен институт ја проучуваат тундрата на арктичкиот свалбардски архипелаг за да ја мапираат популацијата на ирвасите на островот кој од Северниот пол е оддалечен околу 1.200 километри. Оваа година открија тела на изгладнети животни. Научниците велат дека во последните 40 години, колку што ја следат популацијата на ирвасите на Свалбард, слична стапка на смртност била регистрирана само еднаш, во текот на зимата 2007-2008 година.

irvas
Фото: Wikimedia Commons

Раководителката на проектот, Ашилд Онвик Педерсен, за високата стапка на смртност на ирвасите смета дека главни виновници се луѓето, односно таа верува дека ирвасите починале како резултат на глобалното затоплување, кое според мислењето на климатолог од Арктикот, се одвива двапати побрзо отколку во остатокот од светот.

- Климатските промени се причина за многу поголеми врнежи на дожд. Поточно, дождот обично паѓа на снегот по што во тундрата се формира слој мраз, што го отежнува пасењето на овие животни - објаснува Ашилд. Овој феномен се влошува и со зголемувањето на бројот на ирваси во норвешкиот архипелаг. Тие двојно се зголемиле од 1980 година и сега живеат околу 22.000 ирваси, што значи дека премногу ирваси се натпреваруваат за пасење на повеќе пасишта.

Во текот на зимата, ирвасите главно се хранат од лишаите што ги наоѓаат копајќи со копитата под снегот. Но, честите промени во снежните врнежи и дождот и топењето и замрзнувањето на водата, може да резултираат во формирање на еден или повеќе непробојни слоеви на мраз што предизвикуваат животните да не успеат да стигнат до храна.

Ирвасите се исклучително важни животни за екосистемот на Арктикот. Норвешките експерти велат дека глобалното затоплување го олеснува ширењето на неколку агресивни видови растенија што растат таму, а ирвасите, како најголеми тревопасни животни во регионот, успеваат да ги уништат бидејќи се хранат со нив. Без ирвасите, научниците стравуваат дека нордиските предели во иднина би можеле да изгледаат доста различно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука