X
 31.05.2022 Живот

Татко-крокодил на грб носи над 100 мали крокодили за да ги пренесе преку реката

Фотограф бил во резерват за диви животни во Индија кога забележал татко-крокодил како на грб носи над 100 младенчиња додека ја преминувал реката.

Фотографот Дритиман Мукерџи, кој го фотографира дивиот свет, секогаш е во потрага по досега невидени фотографии или слики од загрозени диви животни, а и двете цели успеал да ги исполни кога наишол на необичната глетка на индиски крокодил, од видот гавијал, додека ги чувал своите младенчиња.

Наградуваниот фотограф, кој работи на терен 25 години и вообичаено е надвор 300 дена секоја година, во јуни 2017 година отпатувал во индиското национално светилиште Шамбал. Неговата мисија била да фотографира и да сними крокодили од видот гавијал, чија популација е концентрирана во реката Шамбал. Мукерџи со недели ја чекал вистинската можност, иако како што вели, фотографијата не била резултат на чиста среќа, туку на добри врски со експерти во областа.

1

- Ова беше голем мажјак, познат на шумските службеници, кој се парел со 7-8 женки. Младенчињата што ги гледате на неговиот грб се од повеќе женки - раскажува фотографот.

Крокодилите ги носат своите младенчиња во устата, но гавијалот има тесна муцка, што значи дека тоа е невозможно. Затоа младенчињата мора да се држат на главата или грбот, што обезбедува и заштита и блиска врска со родителот.

2

Како што вели фотографот, гавијалот е срамежлив вид крокодил и се држи понастрана од луѓето. Но, кога мажјакот ги чува своите младенчиња, знае да биде многу агресивен и ќе нападне ако фотографот премногу се доближи до брегот на реката.

3

- Гавијалот е загрозен вид. Во последните неколку години нивниот број се зголеми. Некои програми за размножување и повторно ослободување во дивината беа спроведени токму во овој резерват - раскажува фотографот.

Извор: Petapixel.com
Фото: Dhritiman Mukherjee
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот