Четиристотини фотографии и 11 минути. Толку било потребно за да се создаде една прекрасна фотографија од Земјата и ѕвездите додека Меѓународната вселенска станица (ИСС) патувала над Намибија кон Црвеното Море. Астронаутот Кристина Кок од НАСА ги направила фотографиите.
Очигледно е дека кружните линии на небото се траги од ѕвезди, но светлините на Земјата имаат различни извори.
Градовите изгледаат како бледожолти-бели линии со точки. Некои од потенките портокалови линии со потемни нијанси се пожарите во Ангола и Демократската Република Конго. Северно има многу активни невремиња над голем дел од Централна Африка. Многу фотографии ги уловиле белите светкања на
молњите.
По должината на хоризонтот има блед зеленикаво-жолт лак кој ја следи атмосферата и се нарекува воздушен сјај. Тој се протега 80 до 645 километри во Земјината атмосфера.
Како што може да се види на композитната фотографија, трагите од ѕвездите на крајот стануваат доволно големи и се губат зад работ на Земјата. Некои од светлосните траги се со различни лакови. Тоа се сателитите што поминале додека астронаутот ги правела фотографиите тие 11 минути.
Кок е на ИСС околу осум месеци. Таа беше дел и од првата женска прошетка во вселената, а и постојано е активна на „Твитер“ споделувајќи некои од нејзините искуства.