X
 31.07.2026 Живот

Во Фиренца пронајден леток од 19 век со рецептот за „кока-кола“

Во архивата на аптеката во доминиканскиот манастир „Сан Марко“ во Фиренца, која долго време била запуштена, е пронајден еден навидум неважен документ стар повеќе од еден век, кој наведува на заклучок дека најпопуларниот безалкохолен пијалак во светот, „кока-кола“, можеби настанал во Фиренца.

Свештениците од редот на доминиканците во средината на XIX век отпечатиле рекламни летоци за „зајакнувачки еликсир од листови од боливиска кока и ореви од кола“.

Станува збор за истите состојки кои, според историските податоци, американскиот фармацевт Џон Стит Пембертон неколку години подоцна ги искористил за своето француско вино со кока, лековит препарат кој во 1886 година го создаде она што подоцна ќе стане „кока-кола“.

Не постојат документи што директно ја потврдуваат таа врска, но коинциденцијата е доста впечатлива.

Пожолтениот леток го пронашол свештеникот Мануел Русо, старешина на манастирот „Сан Марко“, додека ја средувал архивата на древната аптека.

- Наидов на стара реклама за овој еликсир додека ја прегледував нашата архива. Почнав подлабоко да ја истражувам документацијата сочувана во манастирот и открив дека тоа бил еден од најбараните производи во аптеката што ја воделе доминиканските браќа - објаснува свештеникот.

Документот го опишува „зајакнувачкиот вински еликсир“ како тоник кој ги ублажува физичкиот и менталниот замор, лекува главоболка, старосна слабост и му помага на човекот да закрепне по исклучителни напори.

Сепак, најмногу внимание привлекува составот: 30 грама ореви од кола и 10 грама боливиски листови од кока потопени во еден литар мешан алкохол.

Овие состојки најверојатно пристигнале во Италија преку мисионерите кои во тоа време престојувале во Латинска Америка и Африка.

Извор: Euronews.rs
Фото: Instagram

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот