X
 28.03.2020 Образование

„Интернет-архива“ овозможи бесплатен пристап до 1,4 милион книги

Веб-страницата „Интернет-архива“ привремено овозможи бесплатен пристап до над еден милион книги за сите корисници на интернетот.

Студентите, професорите и сите други сега имаат бесплатен пристап до над 1,4 милион книги како дел од таканаречената Национална итна библиотека. Станува збор за проект кој започна неделава, а е дело на непрофитната организација „Интернет архива“.


Фото: Pixabay

Ширењето на коронавирусот принуди милиони студенти да останат во домовите и да се префрлат на онлајн-учење. Беа затворени и библиотеките во многу држави. Непрофитната организација „Интернет архива“ е позната по својата веб-страница „Вејбек машин“, со која може да се гледаат стари верзии на сите веб-страници што некогаш биле качени на интернет.

Оваа организација претходно дигитализира над еден милион книги што биле донирани од образовните институции и библиотеките. За да се добиеше пристап до овие книги, требаше да се запишете на листа на чекање, но сега тоа не е потребно.


Фото: Pixabay

Мисијата на „Интернет архива“ е да обезбеди универзален пристап до целото знаење во светот. Проектот ќе биде активен до 30 јуни или до крајот на вонредната состојба во САД. Дигиталната библиотека е бесплатна и достапна за сите, не само за американските граѓани.

Автор: Меди Бендер
Извор: vice.com  
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование