Ова откритие ни дозволи и преку фармаколошки третман да успееме да ги мимикрираме ефектите од диетата – слабеењето и подобрениот метаболизам дури и без намалување на внесените калории - вели ценетиот професор кој го предводеше тимот
Тимот предводен од проф. д-р Мирко Трајковски, почитуван македонски професор на Универзитетот во Женева, Швајцарија, стигна до интересно откритие. Имено, цревните бактерии (микробиота) се делумно „виновни“ за тоа што намалениот внес на калории (диетата) е здрав и води кон слабеење. Тоа барем делумно се случува благодарение на цревната микробиота и нејзиното влијание врз имунолошкиот систем. Истражувачите откриле и начини да добијат слични позитивни ефекти како и диетата и кои би можеле да ги трансформираат третманите за дебелина, дури и без рестрикција на калории – стои во објавата пренесена од Швајцарската федерална научна фондација и Универзитетот во Женева.
Откритијата се со терапевтска примена и исклучително се интересни и за широката публика (како цревната микробиота го регулира слабеењето во текот на диета - рестрикција на калории), ни објасни професорот Трајковски. Истражувањата се вршени врз експериментални глувци и ќе бидат објавени денес во престижното научно списание Cell Metabolism.
Трајковски е врвен научник и почитуван професор на катедрата за Физиологија и метаболизам на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Женева
За Факултети.мк, Трајковски објаснува:
- Живееме во симбиоза со милијарди бактерии, колективно наречени микробиота или микрофлора, кои се чини дека влијаат врз различни болести, но и врз нормалното функционирање на нашиот организам. Увидовме дека цревната микробиота игра многу важна улога при намалувањето на внесените калории (диетата), што води кон слабеење и кон подобрување на чувствителноста кон инсулин – вели почитуваниот професор.
Одамна е познато дека намалувањето на внесот на калории до 40 отсто има корисен ефект врз здравјето на животните: животните живеат подолго, нивото на шеќер во крвта е намалено и се согоруваат повеќе телесни масти – барем делумно, ова е благодарение на цревните бактерии. Трансплантацијата на микробиота од глувци-донори изложени на намалена исхрана кон глувци-реципиенти ги прави трансплантираните глувчиња послаби и да реагираат подобро на инсулин.
- Со овие откритија станува јасно и дека имунолошкиот систем не само што се бори со инфекции туку игра и клучна улога во регулирањето на метаболизмот - вели Трајковски и додава дека ова отвора едно сосема ново поле на истражувања.
Тој објаснува дека композицијата на микробиотата драстично се менува при намалување на количеството внесена храна и калории:
- Трансплантацијата на таа модифицирана микрофлора води кон намалување на тежината кај експерименталните глувчиња, како и кон драматично подобрување на целокупниот метаболички статус и чувствителност кон инсулин. И тоа се случува и покрај тоа што трансплантираните глувчиња можат да јадат слободно, колку што сакаат.
Трајковски објаснува дека откриле еден од начините како бактериите комуницираат со клетките на домаќинот, во случајов експерименталните глувчиња, преку намалување на еден бактериски токсин наречен липополисахарид (Lipopolysaccharide - LPS).
- Тој (LPS н.з.) со посредство на имунолошкиот систем на домаќинот влијае врз целокупниот метаболизам. Ова откритие ни дозволи и преку фармаколошки третман да успееме да ги мимикрираме ефектите од диетата – слабеењето и подобрениот метаболизам дури и без намалување на внесените калории. Интересно е што слични промени во микробиотата има и кај луѓето кога се изложени на слична диета. Тоа остава простор за задоволство и оптимизам дека овие откритија може да најдат соодветна примена – вели Трајковски.