Истражувачи при Универзитетот во Копенхаген утврдиле дека цревна бактерија може да е клучот за долг и здрав живот. За истражувањето биле испитани 176 здрави јапонски стогодишници и била најдена заедничка карактеристика - уникатна комбинација на цревни бактерии и бактериски вируси.
- Секогаш сме желни да дознаеме зошто некои луѓе живеат екстремно долго. Претходни истражувања покажаа дека цревните бактерии на старите Јапонци создаваат нови молекули кои може да ги направат отпорни на патогени микроорганизми. И ако нивните црева се подобро заштитени од инфекции, тогаш тоа е едно од нештата што им овозможуваат подолг живот - истакна Јоаким Јохансен, првиот автор на новата студија.
Истражувањето посочува дека одредени вируси во цревата може да имаат поволен ефект врз цревната флора, а со тоа и врз здравјето и долговечноста.
- Нашите црева содржат милијарди вируси кои живеат од и во бактериите и не им е гајле за човечките клетки, туку тие ги заразуваат клетките на бактериите. И со оглед на тоа дека има стотици различни видови бактерии во нашите црева, има и многу бактериски вируси - вели Симон Расмусен, автор на студијата.
Јохансен додава дека нашле голем биолошки диверзитет и во бактериите и во бактериските вируси кај стогодишниците.
- Големиот диверзитет на микроби обично се поврзува со здрав микробиом во цревата. И очекуваме луѓето со здрав микробиом во цревата да бидат подобро заштитени од болестите поврзани со староста - вели тој.
Истражувачите користеле нов алгоритам за да ги мапираат цревните бактерии и бактериски вируси кај стогодишниците.
- Сакаме да ја разбереме динамиката на цревната флора. Каква е интеракцијата меѓу различни видови бактерии и вируси? Како можеме да создадеме микробиом кој може да ни помогне да живееме поздрав и подолг живот? Дали некои бактерии се подобри од другите? Со користењето на алгоритамот можеме да го опишеме балансот меѓу вирусите и бактериите - објаснува Расмусен.
Сега научниците сакаат да го одредат оптималниот баланс на вируси и бактерии за здрав и долг живот без болести.
- Научивме дека ако вирус посети некоја бактерија, тоа може да ја зајакне бактеријата. Вирусите што ги најдовме во здравите стогодишни Јапонци содржеа екстра гени кои може да ја зајакнат бактеријата. Утврдивме дека тие се способни да ја помогнат трансформацијата на специфични молекули во цревата, што може да служи за стабилизација на цревната флора и за спротивставување на воспаленијата - вели Јохансен.
Расмусен додава дека ако откриете бактерии и вируси кои имаат позитивен ефект врз човечката цревна флора, очигледниот следен чекор е да дознаете дали само некои луѓе или сите луѓе ги имаат нив.
- Ако можеме да ги ставиме овие бактерии и нивните вируси кај луѓето што ги немаат, повеќе луѓе би можеле да имаат придобивка од нив - вели тој.
Извор:
Interesting Engineering