X
 31.08.2021 Наша тема

Стравуваат за своите деца, бараат одлагање на наставата со физичко присуство. Што одговорија родителите за почетокот на учебната година?

На оваа анкета се вклучија родители чии деца одат во основно и во средно училиште, но сепак, најмногу од нив, 73,1 отсто, или 2.566 испитаници се родители на основци, а 26,9 отсто, или 943 испитаници, се родители на средношколци.
Главно, одговорите на родителите одат во насока дека бројот на заболени е висок и дека не треба да се ризикува здравјето на децата, но и на нивните семејства

Зголемениот број на заразени, но и на починати во изминатиот период во земјава треба да биде главна причина за одложување на стартот на учебната година со физичко присуство во училиштата за основното и средното образование. Ова е ставот на речиси 60 отсто од родителите, испитаници на анонимната онлајн-анкета што изминатите неколку дена ја спроведоа Факултети.мк и Деца.мк, а на која свои мислења и одговори дадоа вкупно 3.613 анкетирани.

На оваа анкета се вклучија родители чии деца одат во основно и во средно училиште, но сепак, најмногу од нив, 73,1 отсто, или 2.566 испитаници се родители на основци, а 26.9 отсто, или 943 испитаници се родители на средношколци.



Од Министерството за образование и наука еден ден пред почетокот на учебната година се децидни - наставата од 1 септември ќе почне со физичко присуство во сите училишта. Онлајн-настава ќе има две недели само за средношколците во Тетово и во Гостивар.
Според протоколите, децата ќе носат маски и ќе се дезинфицираат при влез во училиштата. Ќе им биде мерена температура, ако таа е над 37,4, ќе бидат вратени дома.
На средношколците, пак, протоколот им забранува да се поздравуваат. Наставниците нема да смеат да се задржуваат во канцеларија.

На прашањето дали сметате дека наставата треба да почне со физичко присуство, одговориле вкупно 3.564 родители, од кои негативен одговор дале 2.081 родител, или 58,4 отсто од испитаниците. Потврден одговор дале 1.499 лица, или 42,1 отсто.

Родителите одговараа и на прашањето дали сметаат дека онлајн-настава од дома е подобра опција, на што одговорија вкупно 3.465 испитаници, од кои 1.898, или 54,8 отсто сметаат дека онлајн-наставата е подобра опција, наспроти 1.591 родител, или 45,9 отсто кои дале негативен одговор.

Последното прашање од анкетата е наменето за тоа дали се за комбиниран метод на настава, на кое одговориле 3.458 анкетирани, од кои 71,8 отсто, или 2.482 родители рекле дека се против, а 28,2 отсто, или 976 дека дале потврден одговор за комбинираната настава.



Хигиената во училиштата и автобускиот превоз - најголем ризик


На прашањето зошто сметаат дека треба или не треба наставата да почне со физичко присуство, образложение дале повеќе од 2.000 испитаници.
Главно, одговорите на родителите одат во насока дека бројот на заболени е висок и дека не треба да се ризикува здравјето на децата, но и на нивните семејства.
Така, родител на дете од средно училиште смета дека хигиенските услови во училиштата се лоши.
- Условите во училиштата се ужасни! И пред короната немаа со што да чистат, а не пак сега. Нема секое дете воспоставено хигиенски навики, зависно од средината од каде доаѓа. Со ова ниво на настава повеќе ќе научат од интернет отколку од професорите, кои и така цело време ги тераат да истражуваат на интернет и ништо корисно не предаваат. Такви ли ќе ни ги образоваат децата, па уште да ги изложуваме и на здравствен ризик? Со ваква никаква понуда, само дома! Барем нема да губат време во превоз. А плус, што правиме со автобускиот превоз- прашува родителот.

И родител на основец смета дека физичкото присуство оваа година не е опција за редовна настава.
- Епидемиолошката состојба во земјава е критична, секојдневно се соочуваме со висок процент на заболени и умрени. Воедно, училишниот простор, санитарен и хигиенски, ни е на многу ниско ниво, децата дефинитивно нема да држат дистанца, ниту ќе носат маски, по што, за жал, бројот на заразени и на починати ќе биде многу повисок од сегашниот, бидејќи здравствениот систем не ќе може да издржи. Политиката на политичарите треба да биде надвор од училишните клупи. Во ризик нема да бидеме само ние, возрасните, туку и децата, нивниот број во болниците рапидно ќе порасне. Реално се покажа дека онлајн-наставата во изминатиот период е усовршена од страна на учениците и наставниците и професорите -објаснува родителот.

Физичкото присуство гарантира квалитетно образование

Родител чие дете оди во основно училиште смета дека децата треба физички да присуствуваат на наставата.
- На децата им е неопходен физички контакт со други деца и сo наставниците. Таму е квалитетот на целокупното следење на наставата и усвојување на содржините - вели тој.

И друг родител на основец вели дека светските студии укажуваат на слабо учење кај деца кои следат онлајн-настава.
- Сите системи со подобри резултати на ПИСА најкратко ги затвориле училиштата за време на пандемијата. Концентрацијата на децата е различна и приспособувањето на темпото и на активностите е подобро при физичко присуство - посочува родителот.

Онлајн-настава - безбедно здравје

На прашањето дали сметаат дека онлајн-наставата од дома е подобра опција одговориле 1.930 од анкетираните, со различни ставови.

Оние што одговориле дека онлајн-наставата во овој период е подобра опција велат дека тоа го потврдило и искуството од минатата година, кога и учениците и наставниците солидно се вклопиле во тој начин на учење.
- Во моментот подобра опција е наставата да започне онлајн, па подоцна ако се подобри ситуацијата, може да се продолжи учебната година со физичко присуство - вели еден од анкетираните родители.

Родител на дете од основно образование вели дека во услови на пандемија со голем број на заболени и починати, здравјето и животот се побитни од начинот на кој би се одвивала наставата.
Затоа, според него, опција во овој момент е единствено онлајн-наставата.
- Сè додека не се намали бројот на заболени, сè додека не се сведеме на спорадични заразувања и сè додека ситуацијата не биде ставена под контрола, децата треба да учат од дома, онлајн. Сега нема никакви мерки со кои може да се намали бројот на заразени и на починати.

Многу петки, малку знаење

Родители кои се противат на онлајн-наставата велат:
- Тоа е промашен проект кој кај нас не функционира. Се добиваат одлични оценки, а знаењето е катастрофа. Како понатаму ќе напредуваат децата? Страшно е тоа што ќе имаат големи недостатоци во образованието - посочуваат тие.

Родител чие дете оди во средно училиште смета дека на овој начин децата се изолирани и немањето социјализација лошо влијае врз нивното ментално здравје.
- Ако и оваа година продолжи онлајн, тоа дефинитивно ќе биде уште една пропадната година. Децата не ги ни слушаат часовите. Буквално спијат - посочува тој.
Некои од родителите, пак, велат дека учениците не ја сфаќаат сериозно онлајн-наставата
- Не се учи, туку се препишува - велат родителите.

Комбинирана настава не е најдобро алтернативно решение


На прашањето дали комбиниран метод на настава (една недела настава на училиште, една недела онлајн од дома) на почетокот од годината е возможна опција, одговориле 1.708 испитаници.
Некои од родителите сметаат дека со комбинираната настава би се постигнала поголема контрола и следење на заразувањата, а со тоа и помал број заболени, а децата сепак ќе можат да остварат контакт со наставниците и училиштето.

Родител чие дете оди во средно училиште смета дека наставата не треба да се одвива со физичко присуство во училиштата бидејќи во одделенијата има по 34 ученици и не би можело да се запазат протоколите за растојание во една училница. Исто така, смета и дека онлајн-наставата не е соодветна опција.
Но, со комбинираната настава очекува дека ќе се надминат двата негативни аспекти.
- Исто така, ќе има деца кои ќе бидат заразени или во изолација, па тие ќе можат да ја следат онлајн-наставата во тој период без да изостануваат - заклучува родителот.

Сепак, родителите сметаат дека комбинирана настава ќе биде тешка за децата зашто така само ќе им се менуваат навиките.

- Комбинирана настава само во случај на болни деца. Инаку не! Сите во клупа! - вели еден родител.

Други родители сметаат дека комбиниран метод е добар ако учениците следат онлајн-настава, а со физичко присуство да им се проверува знаењето.
- Така ќе има редуциран број на ученици во училиштата и ќе биде побезбедно од наставата со физичко присуство - велат тие.

Сметаат дека повремено и по потреба, по предлог на доктор педијатар, треба да се дозволи комбинирана настава за одредени деца.
- Не треба по мислење или барање на родител да се одлучува за комбинирана настава - велат родители.

Други, пак, сметаат дека комбиниран метод е добар со цел да се подобри квалитетот на наставата и да не се злоупотребува онлајн-наставата, како од децата така и од наставниците.

- Комбиниран метод е можеби подобра опција од целосна онлајн-настава само заради децата. Сите деца сакаат да седнат во училишните клупи, а ваков начин ќе им овозможи на сите да ги користат клупите, секако, со поголема заштита - велат други родители.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема