Освен Франција, која неодамна го обвини и уапси основачот Павел Дуров, Европската Унија и официјално би можела да ѝ го загорчи животот на компанијата „Телеграм“. Имено, ЕУ води истрага за сомнежи дека оваа комуникациска платформа и социјална мрежа значително го намалила бројот на нејзини корисници на територијата на ЕУ. Постои сомневање дека компанијата го направила тоа за да избегне да влезе во категоријата „многу големи платформи“, за кои важат построгите правила од Законот за дигитални услуги.
Клучен е бројот на корисници
Законот за дигитални услуги ги регулира онлајн посредниците и платформите, како што се платформите за онлајн тргување, социјалните мрежи, платформите за споделување содржини, продавниците за апликации и платформите за патување и сместување. Неговата главна цел е да спречи нелегални и штетни интернет-активности и ширење на дезинформации. Основниот критериум според кој една платформа се смета за многу голема е нејзиниот број на корисници - на пример, предвидени се посебни правила за платформи што ги користат повеќе од 10 отсто од вкупно 450 милиони корисници во Европа.
„Телеграм“ во февруари објави дека има 41 милион корисници во ЕУ, што е околу 10 отсто до прагот за примена на построги регулативи. Согласно Законот, овој месец требаше официјално да го објави бројот на корисници, но не го направи тоа. Компанијата објави дека има значително помалку од просекот од 45 милиони активни месечни корисници на нејзините услуги во ЕУ. Тоа што не беше објавена точната бројка предизвика сомнеж во Брисел, а некои сметаат дека подеталната истрага ќе покаже дека има повеќе од 45 милиони активни корисници.
Многу големи платформи
Големите интернет-платформи и пребарувачи се особено ризични во однос на ширењето нелегална содржина и штетните ефекти врз општеството, е мислењето на ЕУ. Од 17 февруари 2024 година, правилата на Законот за дигитални услуги важат за сите платформи, а од август 2023 година тие веќе се применуваат на таканаречените многу големи интернет-платформи или многу големи интернет-пребарувачи. Од нив се бара да споделуваат одредени податоци со Европската комисија.
Оваа категорија моментално ги вклучува Али експрес, Амазон стор, Епл ап стор, Бинг, Букинг, Фејсбук, Гугл срч, Гугл плеј, Линкдин, Пинтерст, Шеин, Снепчет, Тик-ток, Тему, Википедија и Заландо.
Колку корисници има „Телеграм“?
Според јавно достапните податоци, „Телеграм“ има нешто помалку од милијарда корисници во светот. Павел Дуров неодамна изјави дека бројот на корисници е пропорционален на бројот на жители на секој пазар и континент, со исклучок на Кина. Ако направиме пресметка според овие податоци, „Телеграм“ би можел да има околу 69 милиони корисници во ЕУ.
Извор:
Bug.hr
Фото: Freepik