Приказната за театарот „Глоуб“ сама по себе е многу шекспировска: има длабоки корени во англиската историја, трагично минато и го претставува целиот хаос на Лондон, во почетокот на 17 век и денес, со живописниот уличен живот во градот, мешањето на меѓународни култури, високaта и нискaта класа.
- Првите јавни театарски куќи биле изградени во Лондон кон крајот на 16 век. Театрите не биле дозволени во границите на самиот град - театарот не се сметал за респектабилна уметност, но биле толерирани во надворешните области на Лондон, како што е Саутерк, каде што се наоѓал „Глоуб“. Саутерк бил познат по своите бучни, хаотични забави и по неговите театри, бордели, јами за лов на мечки, џепчии и слично - забележува Британската библиотека.
„Глоуб“ почнал да функционира во 1599 година, во приказна која „можеби е достојна“, пишува Центарот за ресурси на Шекспир, „за сопствена Шекспирова претстава“. Изграден од дрвата на првиот постојан театар во градот, Бурбеџ, кој бил отворен во 1576 година, „Глоуб“ изгорел во 1613 година кога топовски истрел за време на претставата на Хенри VIII го запалил сламениот покрив во галеријата. Во рок од една година, повторно бил изграден на истите темели (со ќерамиден покрив) и работел сè додека пуританците не го затвориле во 1642 година.
Во пресврт на оваа досега многу англиска приказна, биле потребни неуморните напори на еден емигрантски Американец, актерот и режисер Сем Ванамакер, за да се врати „Глоуб“ во Лондон. По повеќе од две децении, „Глоуб плејхаус траст“ на Ванамакер успеа да го рекреира „Глоуб“, на само кратко растојание од оригиналната локација. Отворен во 1997 година, 355 години по затворањето на првиот театар „Глоуб“, новиот театар „Глоуб“ ги содржи сите архитектонски елементи на оригиналот.

Сцената се протега во кружниот двор, дизајниран за стоење и опкружен со три нивоа седишта. Додека самата сцена има обоен покрив, а седиштата се заштитени од временските услови, дворот на театарот е отворен.
Може да го разгледате „Глоуб“ виртуелно на овој линк.
Оваа виртуелната тура, достапна е и како апликација за корисници на „Ајфон“ и „Ајпад“.
Извор: openculture.com
Фото: thinglink.com screenshot