Шест студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии од денеска се нови стипендисти на најголемите електроенергетски компании во земјава – АД ЕСМ, ЕВН Македонија АД Скопје и АД МЕПСО. Стипендиите за студентите на ФЕИТ се доделуваат осум години и досега поддршка добиле стотина стипендисти.
На денешното доделување на стипендиите деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, изрази огромно задоволство од неколкугодишната соработка и поддршка за студентите на Факултетот.
- Навистина, како декан на ФЕИТ, сум задоволен од неколкугодишната соработка и поддршка од електроенергетските компании за нашите студенти. Доделувањето стипендии стана традиција и нашите студенти-стипендисти добиваат одлична поддршка со обезбедување средства за нивна едукација, можност за практична работа и за нивно вработување во овие компании. Преку нашите студенти и ние сме во контакт со овие компании и постојано ја преиспитуваме нашата образовна политика и ја приспособуваме на потребите на стопанството - порача деканот Ташковски.
Традицијата на доделување стипендии за студентите на ФЕИТ ја потенцира и м-р Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ:
- АД ЕСМ има традиција на помагање во повеќе општествени области, а образованието е една од областите што нашата компанија со особено задоволство ги поддржува. Причината е што образованието е столбот на градењето едно општество. Вложувањето во кадри, особено од електротехниката и информациските технологии кои се сè побарани во светот и кај нас, е гарант дека нашата економија ќе се развива во вистински правец и ќе има стручни лица кои во иднина ќе го понесат товарот на развојот кон модерни техничко-технолошки текови. Од тие причини, АД ЕСМ ќе продолжи да го поддржува образовниот процес кој се одвива на ФЕИТ и кој продуцира носечки кадри за развој на нашата економија.
М-р Ева Шуклева, генерална директорка на МЕПСО, по овој повод изјави дека компанијата веќе осма година учествува во стипендирање студенти на ФЕИТ:
- Процесот на стипендирање студенти го практикуваме од 2012 година. И денеска, осма година по ред, со финансиска поддршка при едукација на квалитетните кадри праќаме директна порака до сите студенти дека ги следиме нивните резултати и ја цениме нивната работа и трудот што го вложуваат во образовниот процес. Неколкумина од досегашните стипендисти веќе се дел од колективот на МЕПСО и тоа треба да биде стимул за сите студенти. Интензивната соработка со ФЕИТ на повеќе полиња е потврда дека вратите на нашата компанија се отворени за соработка со научно-образовните установи. На новите стипендисти сакам да им посакам многу успех и да истакнам - работете и надградувајте се вредно и систематски. Ние знаеме да ги цениме и валоризираме вашите резултати.
За Сашо Стојкоски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија, креирањето млади стручни кадри е стратегиска цел на компанијата.
- Една од стратегиските цели на ЕВН е креирање млади стручни кадри кои во иднина ќе бидат главната движечка сила во новите процеси во енергетиката. Нашата поддршка на студентите на ФЕИТ се движи во три правци: доделување стипендии, овозможување практична работа и можност за вработување. Од 2010 година досега стипендија од ЕВН добиле над 40 студенти, речиси половина од нив работат во ЕВН, а некои од нив веќе се дел и од раководните позиции во компанијата. Со иновативни проекти и платформи ЕВН влијае врз промените во образовниот систем во земјава, со што се овозможува подигнување на квалитетот и создавање кадри потребни на пазарот на трудот. Сето ова значи дека и во иднина студентите по електротехнички науки ќе ја имаат поддршката на ЕВН - вели тој.