Зачетоците на Институтот за филозофија, најстариот институт на Филозофскиот факултет, врзани се за историјата на оформувањето на Филозофскиот факултет уште во 1920 година. Меѓутоа, како работна единица на Филозофскиот факултет во рамките на првиот македонски Универзитет – „Кирил и Методиј“ - Скопје, Институтот за филозофија е формиран во 1946 година. Како одделна катедра постои и работи од 1949/50 година; имено, во првите три години од работата на Филозофскиот факултет, филозофската група предмети се изучувала заедно со групата предмети од областа на педагогијата.
Првиот наставен план на Групата за филозофија ги содржел следниве предмети: Дијалектички и историски материјализам, Логика, Историја на филозофијата, Психологија и Политичка економија. Во учебната 1951/52 година се воведени предметите Етика и Естетика заклучно со учебната 1953/54 и повторно од учебната 1958/59 година. Подоцна, во форма на просеминари, е воведена настава по предметите Современа филозофија (во учебната 1955/56 година), Формална и дијалектичка логика, од 1957/58 година. Од учебната 1961/62 предметите Дијалектичка логика и Формална (Симболичка логика со историја на логиката) се изучуваат како посебни предмети. Во истата година предметот Историја на филозофијата е поделен на два дела: во првите два семестри се изучува Античка, Средновековна и ренесансна филозофија, а во трети и четврти семестар-Нововековна и современа филозофија.
Со донесувањето на наставниот план во учебната 1967/68 година се востановени следниве наставни предмети: Увод во филозофијата, Општа психологија, Општа социологија, Историја на филозофијата 1, Увод во симболичка логика со историја на логиката, Етика, Естетика, Дијалектичка логика, Историја на филозофијата 2, Педагогија и странски јазик. Истовремено се воведени и студии по филозофија како втор главен предмет, со предметите: Општа психологија, Логика, Историја на филозофијата и Етика или Естетика (по избор на студентите). Од учебната 1973/74 година е воведена и настава по предметот Методика на наставата по филозофија, кој е востановен со наставниот план од 1967/68 година, но за кој, во тоа време Катедрата немаше соодветен наставник.
Катедрата за филозофија уште од учебната 1959/60 година изготви прв официјален предлог, кој потоа неколку пати беше обновуван, и се заложуваше за отворање на одделни студии по социологија и психологија, како мошне значајни за глобалниот систем на образование на стручни кадри од областа на фундаменталните општествени науки кај нас. Со започнувањето на работата на наставно-научните студиски групи по психологија во учебната 1974/75 година и по социологија во 1975/76 година кои се развија од Наставно- научната студиска група за филозофија, а во функција на реформата на Универзитетот и на вкупниот образовен систем во Републиката, се наметна потребата од осовременување на студиите по филозофија.
Така, со оглед на профилот на кадри кои се образуваа на Групата за филозофија, како и со оглед на потребата од реорганизирање и модернизирање на студиите по филозофија, Катедрата изготви нов наставен план и изврши осовременување на наставните програми. Со овој план е предвидено изучување на следниве предмети: Увод во марксизам, Историја на филозофијата 1 (античка, средновековна и ренесансна филозофија), Општа социологија, Политичка економија, Симболичка логика со историја на логиката, Историја на филозофијата 2 (нововековна филозофија), Материјалистичка дијалектика, Теорија на социјалистичкото самоуправување, Етика, Естетика, Теорија на познанието, Филозофска антропологија, Историја на филозофијата 3 (современа филозофија), Историја на марксизмот, Методологија и Методика на наставата по филозофската група предмети. Покрај општообразовните предмети и предметите за психолошко-педагошко образование со овој наставен план се воведува и категоријата изборни предмети. Со овој наставен план се воведува и дипломски испит, како и одржување на специјалистички курсеви по одделни научни теми и проблеми. Исто така, со него се предвидени и слободни изборни предмети за студентите од други студиски групи или од други факултети кои сакаат да се здобијат со продлабочено филозофско образование.
Перманентна грижа на Институтот за филозофија е осовременувањето и продлабочувањето на студиите по филозофија. Така, во периодот од 1974/75 година до денес неколку пати се модифицирани и дополнувани наставниот план и наставните програми. Со наставниот план од 1990/91 се воведени позначајни измени во карактерот на студиите по филозофија. Според овој план на студиите по филозофија се застапени следниве предмети: Увод во филозофијата, Историја на филозофијата 1, Општа социологија, Одбрана и заштита, Македонски јазик, Увод во симболичката логика, Странски јазик (еден од светските јазици, по избор на студентите), Историја на логиката, Историја на филозофијата 2 (подоцна определен како Византиска филозофија) , Онтологија, Филозофија на политиката, Естетика, Етика (подоцна поделен на Етика и на Историја на етиката), Историја на филозофијата 3, Теорија на познанието, Педагогија, Психологија, Филозофија на религијата, Историја на филозофијата 4, Филозофска антропологија, Методологија, Филозофија на менаџерството, Методика на наставата по филозофија, Физичко воспитување. Покрај задолжителните предмети со овој план се воведени категоријата задолжително изборни предмети; студентот е обврзан да избере еден од следниве предмети: Социологија на културата, Филозофија на јазикот, Историја на културата, Компаративна историја на филозофијата.
Последните промени на наставниот план на Институтот за филозофија, како и на целиот Универзитет, се случија во учебната 2004/2005 година со воведувањето на ЕКТС. Последниве две години се работи според новата наставна програма (и според новите предметни програми), осовременета со воведување на голем број нови предмети, но и со премин кон поделба на дотогашните повеќесеместрални предмети кон поголем број од нив изведени едносеместрални предмети. Во четирите категории на „задолжителни предмети”,”изборни предмети „, „опционо-изборни предмети „ и „факултативни предмети”, покрај поранешните, воведени се голем број нови предмети од кои ќе наведеме само еден мал дел: Филозофска терминологија, Некласични логики, Пристапи кон историјата на филозофијата, Аксиологија, Филозофија на образованието, Еколошка етика, Филозофија на техниката, Практична етика, Филозофија на духот, Филозофија на постмодернизмот, Етика на менаџерството итн.
Уште при основањето, како и во текот на својот развиток, Катедрата за филозофија се соочи со истиот проблем што го имаа и другите високообразовни институции во Република Македонија при нивното основање, односно со недостигот од соодветен научно-наставен кадар. Овој проблем Катедрата за филозофија, во првата деценија од своето постоење, го решаваше со ангажирање на наставници од другите југословенски универзитетски центри, но истовремено работеше и врз создавањето и стручното усовршување на својот сопствен научно-наставен кадар.
По првиот семестар, кога марксистичките предмети ги предаваше Драган Ташковски, следните три семестри во учебните години 1946/47 и 1947/48 филозофските предмети, како гостин-професор, ги предаваше академик д-р Душан Недељковиќ, професор на Филозофскиот факултет во Белград (инаку долгогодишен наставник на Филозофскиот факултет во Скопје од 1922 до 1940 година). Во учебната 1948/49 година за наставник беше назначен д-р Живорад Радовиќ од Белград, кој ги предаваше предметите Логика и Историја на филозофијата заклучно со учебната 1950/51 година. Од учебната 1951/52 година, заклучно со учебната 1953/54 година, овие предмети, како и предметите Етика и Естетика, ги предаваше д-р Богдан Шешиќ од Белград. Него, од учебната 1954/55 година, го замени д-р Загорка Миќиќ од Белград, која ги предаваше предметите Логика и Историја на филозофијата, од учебната 1961/62 година само предметот Историја на филозофијата, а од учебната 1966/67 година Историја на филозофијата 2, сè до нејзиното заминување во пензија во 1972 година. Во учебната 1955/56 година за асистент по предметот Историја на филозофијата беше ангажиран Абдулах Шарчевиќ од Сараево, кој остана на Катедрата заклучно со учебната 1959/60 година. Во учебната 1958/59 година за настава по предметите Етика и Естетика беше ангажиран д-р Павао Вук-Павловиќ од Загреб, кој од учебната 1966/67 година, сè до неговото заминување во пензија во 1971 година, наместо Естетика, го предаваше само предметот Историја на филозофијата 1.
Од денешните и поранешните професори носители на дејноста, наставници и соработници на Катедрата (подоцна Институтот) за филозофија беа и се професорите: Митко Илиевски, Јонче Јосифовски, Георги Старделов, Кирил Темков, Ферид Мухиќ, Коле Јовановски, Виолета Панзова, Мирко Ѓошевски, Љубомир Цуцуловски, Вера Георгиева-Петковска, Бранислав Саркањац, Иван Џепароски, Олга Заревска, Иванчо Атанасовски, како и доц. д- Ана Димишковска и асистент м-р Ристо Солунчев. На Институтот предавал и Стојан Јордановски (пензиониран е во звањето виш предавач во 1988 година), а на Институтот работеле како асистенти и Ѓорѓи Младеновски (кој преминува на Институтот по социологија по неговото формирање), како и Кица Барџиева и Анета Марковска (до нивното одење во странство). Исто така треба да се укаже дека на Институтот по филозофија предаваат и професорите Десанка Миљовска, Ристо Ѓорѓески и Блага Петроска-до одделувањето на Институтите по социологија и психологија во посебни Катедри/Институти. На Институтот како библиотекари работеле Вера Димовска и Станислава Митова (од 1973), која во моментов е и координатор за ЕКТС на Институтот за филозофија.
Наставниците и соработниците на Институтот по филозофија, како матична институција изведуваат(ле) настава по филозофската група предмети на повеќе институти на Факултетот и на низа други факултети, како што се Филолошкиот, Медицинскиот, Природно-математичкиот, Градежниот, Електротехничкиот, Економскиот, Земјоделскиот, Шумарскиот факултет, Педагошкиот факултет во Скопје и во Штип, Воената академија, ФДУ, ФЛУ, ФМУ и други. Тие исто така беа и се ангажирани во наставата на постдипломските студии што се организирани на Факултетот и на други институции.
Членовите на Институтот за филозофија биле ментори и членови на комисии за изработка и оценка на голем број докторски и магистерски трудови одбранети на нашиот институт као и на другите институти на Филозофскиот факултетот, на другите факултети и надвор од земјата.
Наставниците и соработниците на Институтот се активни носители на филозофските истражувања во Македонија, во рамките на поранешна Југославија и на светски план. Полето на нивната научно-истражувачка дејност опфаќа низа подрачја: тоа се, пред сè, фундаменталните филозофско- методолошки и филозофско-историски истражувања на светската и на нашата филозофска традиција, истражувањата на актуелните проблеми на сегашнината, потоа учеството на стручни и научни средби, конгреси симпозиуми, стручната и научна соработка со други научни институции во земјата, на просторите на поранешна Југославија и во светот, издавачка и публицистичка дејност (издавање на списанието „Филозофска трибина” кое е возобновено преку публикувањето на списанието „Филозофија”-во соработка со Филозофското друштво на Македонија), како и популаризација на дисциплините застапени на Институтот. Професорите и соработниците на Инситутот се воедно и активни членови на Редкацијата на списанието „Филозофија“ и на Извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија. Од 2007 година претседател на Филозофсккото друштво на Македонија е проф. д-р Мирко Ѓошевски.
Членовите на Институтот за филозофија учествувале на низа научни и стручни собири во земјата и странство. Покрај многуте реферати поднесени на овие научни средби, членовите на Институтот беа и непосредни организатори на повеќе значајни симпозиуми.
На Институтот, во рамките на научната соработка, досега гостувале и одржале свои предавања многумина прочуени филозофи и социолози, а меѓу нив и: д-р Вуко Павиќевиќ од Белград (1956/67), д-р Лудвиг Ландгребе од Келн (1960), Бернард Филипс од Бостон (1963), д-р Милан Дамњановиќ од Белград (1966), д-р Дитер Бергнер од Хале (1969), Анри Лефевр од Париз (1971), д-р Хајнрих Моцек од Хале (1971), д-р Георги Шишков од Минхен (1971), д-р Јануш Кучињски од Варшава (1972), д-р Душан Недељковиќ од Белград (1972), проф. Герлаг и проф. Моцек од Хале (1979), Микел Дифрен од Франција (1979), д-р Богдан Шешиќ од Белград (1980), д-р Светлана Књазева од Белград (1981), д-р Иван Славов од Софија (1993), д-р Витан Стефанов од Софија (1994), професор М.Ф.Бернјеит од Оксфорд (2004), професор М.Кулаши од Сорбона (2005) и други.
Членовите на Институтот, пак, одржаа низа предавања и беа на студиски патувања и специјализации, покрај оние во универзитетските центри во поранешната СФРЈ, во Франција, Русија (СССР), САД, Германија, Бугарија, Белгија, Норвешка, Шведска, Полска, Шпанија, Чешка, Малезија итн.
Во рамките на Институтот за филозофија во 1959 година д-р Павао Вук-Павловиќ (1894-1976) ја основа Естетичката лабораторија за компаративно-естетички истражувања, особено од областа на современото македонско уметничко творештво. Со спогодбата склучена меѓу Естетичката лабораторија и Македонскиот народен театар, Естетичката лабораторија ја презеде функцијата театролошки институт. Во 1975 година, во организација на Естетичката лабораторија, започна со работа Отворениот театарски универзитет, своевидна општествена и културна акција за популаризација на театарската уметност, но и форма на соодветни театролошки и културолошки истражувања. Во дејноста на Естетичката лабораторија беа вклучени и ликовната, филмската, музичката и архитектонската трибина, а во нејзините истражувања учество земаа низа научни и културни институции, како и врвни истражувачи од соодветните области. Естетичката лабораторија е добитник на наградата „13 ноември” на град Скопје за 1979 година.
Институтот за филозофија располага со своја сопствена библиотека со над 20000 наслови, од кои околу 15000 се книги а 5000 се свески и над 100 наслови на списанија.
Дипломираните студенти по филозофија, се стекнуваат со звањето-дипломиран професор по филозофија и, главно, се вработени во средните училишта како наставници по филозофската група предмети, потоа како универзитетски наставници и научни соработници во научно-истражувачките институти, новинари и друго. Многумина од нив со својата дејност во разни научни, културни и државни установи оставиле значаен белег на македонската наука и култура.
Последипломските студии на Институтот по филозофија се организираат од почетокот на учебната 1980/81 година. Во периодот од 1980-1991 година тие се изведуваат како студии по марксистичка филозофија, според наставниот план кој опфаќа шест предмета: Историја на марксизмот, Марксизмот и современата филозофија, Дијалектика, Методологија и техника на научната работа, Странски јазик и еден изборен предмет. Во 1991 година постдипломските студии по марксистичка филозофија се преименуваат во постдипломски студии по филозофија и се усвојува нов наставен план, кој опфаќа четири предмета: два задолжителни-Методологија на научно-истражувачката работа и странски јазик, и два изборни предмета-едниот од областа на историјата на филозофијата, а другиот од фундаменталните филозофски дисциплини. Последипломските студии по филозофија траат две години (четири семестри), а се организирани по принцип на менторство. Од 2005 година постдипломските студии се реорганизирани според ЕКТС системот и се воведени поголем број насоки на постдипломските студии (историја на филозофијата, логика, етика, естетика итн.), при што се задржани два оштофилозофски (задолжителни) предмета (Методологија и Современа филозофија), два задолжителни (од избраната насока) и два изборни предмета (од избраната насока), додека четвртиот семестар е определен за изработка на магистерскиот труд.
Од учебната 2009/10 година постдипломските студии стартуваа со новата наставана програма како двосеместрални студии. Студиската програма опфаќа два задолжителни (Методологија на научно-истражувачката работа и Филозофија на XX век) и три изборни предмети, како и изработка на магистерски труд.
Со работата на Институтот по филозофија раководеле следниве негови членови произлезени од Институтот: проф. д-р Георги Старделов (1974-1975), проф. д-р Митко Илиевски (1975-1977), проф. д-р Јонче Јосифовски (1977-1983), проф. д-р Ферид Мухиќ (1983-1987), проф. д-р Георги Старделов (1987-1989), проф. д-р Кирил Темков (1989-1991), проф. д-р Ферид Мухиќ (1991-1993), проф. д-р Георги Старделов (1993-1995), проф. д-р Виолета Панзова (1995-1999), проф. д-р Љубомир Цуцуловски (1999-2004) проф. д-р Иван Џепароски (2004-2009) и од септември 2009 година, проф. д-р Мирко Ѓошевски.
раководител на Институтот за Филозофија
проф. д-р Мирко Ѓошевски