Класични студии

Институтот за класични студии е еден од првите наставно-научни единици на факултетот кој ја започна својата дејност во 1946 г. како Семинар за класична филологија. Основач на Семинарот, а воедно и прв декан на Филозофскиот факултет во периодот 1946-49 г., е професорот Михаил Д. Петрушевски. Како раководител, прво на Семинарот, а потоа на Катедрата за класична филологија, професорот Петрушевски создава база за натамошен развој на наставно-научната дејност на Катедрата. Во 1950 г. тој е иницијатор за издавањето на научното списание од областа на класичните студии „Жива Антика“ и негов прв главен и одговорен уредник. Ова списание кое континуирано се издава до денес се стекна со висок рејтинг во научниот свет, така што денес во него свои трудови објавуваат многу видни научници од повеќе земји од светот, поради што се стекна со статус на меѓународно списание, признаено и од УНЕСКО. 

Во 1956 г. целокупната настава по фундаменталните предмети на Катедрата ја изведува професорот М. Д. Петрушевски во соработка со асистентот Анастас Таховски. Во тој период како гости во наставата се приклучуваат и професори од Белградскот факултет, проф. д-р Милан Будимир и проф. д-р Милош Гуриќ.

Во 1956 г. Семинарот прераснува во Катедра за класична филологија, закрепнувајќи кадровски со изборот на д-р Богдан Стевановиќ, лекторот по старогрчки јазик Елена Зографска и асистентот Петар Хр. Илиевски. Во 1958 г. е избран и лектор по латински јазик - Борка Јосифовска. По докторирањето и изборот во звањето доцент на Петар Хр. Илиевски, избрани се уште двајца асистенти во 1961 г. Јани Филовски – по старогрчки јазик и Љубинка Басотова – по латински јазик. 

Од 1977 г. со новиот Закон за високо образование, Катедрата за класична филологија е преименувана во Наставно-научна група за класични студии, а од 1988 г. во Институт за класични студии. 

Наставниот и соработничкиот кадар со време се зголемува и се стекнува со повисоки наставни звања: Професорот д-р Михаил Д. Петрушевски во 1957 г. е избран за редовен професор; доцентот д-р Богдан Стевановиќ во 1961 г. е избран за вонреден, а 1967 за редовен професор; д-р Петар Хр. Илиевски во 1956 г. е избран за асистент, во 1960 г., по одбрана на докторатот за доцент, 1966 е избран за вонреден, а 1971 г. за редовен професор. Асистентот Јани Филовски и Љубинка Басотова, во 1972 г. се избрани за лектори по старогрчки и латински јазик, Љубинка Басотова во 1978 г. е избрана за предавач по латински јазик, 1982 г. за виш предавач, во 1994 г. за вонреден, а во 1999 г. за редовен професор по Нормативна латинска граматика. Лекторот Елена Зографска во 1971 г. е избрана за предавач по Историја на старогрчката и римска литература, а во 1982 г. за виш предавач по истите предмети. Лекторот Борка Јосифовска во 1969 г. е избрана за виш предавач по одбраната на хабилитационен труд во 1974 г. е унапредена во звањето вонреден професор по латински јазик. Во 1974 г. лектор по старогрчки јазик е станува Елена Колева, која во 1984 г. е избрана за предавач по предметот Античка литература, 1992 г., по одбраната на докторатот е унапредена во звањето доцент, а две години подоцна во вонреден професор по истиот предмет. Во звањето лектор по старогрчки и латински јазик во 1986 г. е избрана Даница Чадиковска.

Наставниците и соработниците на ИКС изведуваат настава и на студенти од други додипломски и постдипломски студиски програми на Филозофскиот и Филолошкиот факултет  – историја, архивистика, историја на уметност, археологија, филозофија, родови студии, романска филологија, општа и компаративна книжевност, албанологија.
Почнувајќи од 1958 г. наваму воспоставени се поинтензивни контакти на меѓународно ниво, така што наставници од Катедрата учествуваат на повеќе меѓународни собири во европските земји (Германија, Англија, Бугарија, Италија, Шпанија, СССР, Словенија, Хрватска, Грција, Полска, Србија и др.) и во САД, а странски професори со свои излагања гостуваат пред студентите на класични студии, (Грција, Романија, Бугарија, Полска, Хрватска, Србија, Словенија, САД, Англија и др.).

Од академската 2004/2005 година студиите на прв и втор циклус на Институтот за класични студии се одвиваат според системот за трансфер на кредити, а студиските програми се сообразени со препораките на Болоњската декларација.

Тројца членови на Институтот, проф. д-р Михаил Д. Петрушевски, проф. д-р Петар Хр. Илиевски и проф. д-р Витомир Митевски се избрани за редовни членови на Македонската академија на науките и уметностите. 



НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА

За големиот придонес на полето на науката некои членови на овој Институт се почестени со највисоки општествени признанија: 

Академикот проф. д-р Михаил Д. Петрушевски е двократен добитник на највисокото републичко признание, наградата „11 октомври“ и тоа во 1971 г. за животно дело, а 1976 г. за препевот на Скендербег од Григор Прличев. Во 1982 г. тој е добитник и на највисокото општествено признание во поранешната СФРЈ, наградата „АВНОЈ“ за животно дело.

Академикот проф. д-р Петар Хр. Илиевски е исто така двократен добитник на наградата „11 октомври“ и тоа 1972 г. за студијата Крнински дамаскин и 1990 г. за животно дело и студијата „Балканолошки студии“. 

Проф. д-р Љубинка Басотова е добитник на наградата „Ванѓа Чашуле“ за преводот од латински јазик на делото Државата божја на Августин; на наградата „Гигор Прличев“ за препевот на Вергилиевата Ајнеида. За севкупниот преведувачки опус е наградена со наградата „Кирил Пејчиновиќ“, а од Здружението на литературни превдувачи и е прогласена за Мајстор на литературниот превод. Во 2006 година беше одликувана со највисокото државно признание, наградата „11 октомври“.

Проф. д-р Елена Колева во 2009 година ја доби државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишен придонес во воспитанието и образованието во РМ. 
Академикот проф. д-р Витомир Митевски во 2008 година ја доби наградата на град Скопје, „13 Ноември“.

Проф. д-р Маргарита Бузалковска-Алексова во 2006 година ја доби наградата „Златно перо„ од Друштвото на преведувачи на РМ, за певодот од старогрчки јазик на делото За душата од Аристотел. 



ВОН-НАСТАВНИ АКТИВНОСТИ (СОБИРИ И ПРОЕКТИ) И СОРАБОТКА

Институтот за класични студии, во соработка со Друштвото за антички студии на Македонија и Здружението Антика е организатор или учествува во организацијата на неколку научни собири:

1. Прв научен собир „Антика и античко наследство кај нас“, одржан во Охрид од 15 до 19 септември 1977 г., на кој учествуваат класични филолози од сите републики на поранешната СФРЈ.

2. Осми меѓународен микенолошки колоквиум, одржан во Охрид од 15 до 20 септември 1985 г., на кој учествуваат микенолози од повеќе земји од светот.

3. Петти научен собир на Сојузот на друштвата за антички студии на СФРЈ „Г рчко-римската антика во Југославија и на Балканот“, одржан во Скопје од 26 до 29 септември 1989 г.

4. Меѓународна конференција „50 години Жива Антика“, одржан во Охрид 4–8 декември 2000 г. 

5. Научен собир со меѓународно учество по повод јубилејот 60 години од основањето на Институтот за класични студии „Антиката и европската наука и култура“, одржан во Скопје 21-22 ноември 2006г.

6. Меѓународен научен собир и Годишна конференција на Еврокласика „Aeternitas antiquitatis“, одржани во Скопје и Охрид 27-30 август 2009г.

Од 2005 до 2008 година Институтот за класични студии заедно со Здружението Антика и Универзитетот во Нојшател-Швајцарија го реализира проектот „Развој и инплементација на мастер студии по дидактика на класичните јазици“, финансиран од Швајцарската национална фондација за наука, во рамки на програмата SCOPES. Во рамките на овој проект беа организирани две летни школи, Docendo discimus I (јуни 2006) и Docendo discimus II (јули 2007) и повеќе работилници во кои беа вклучени средношколски наставници по класичните јазици, студенти на постдипломски студии и ученици од гимназиите и средните училишта од здравствена струка, а како резултат од двегодишната работа беше  дизајниран курикулум за постдипломски студии по дидадктика на класичните јазици и беше објавен прирачникот и компакт дискот Docendo discimus (април 2008). 
 
Наставници и соработници од Институтот за класични студии учествуваа во меѓународниот проект за истражување на античките историски извори Pirajhme – Куманово и регионот како врска помеѓу Тракијците, Дарданците и Пајонците во антиката (2000-2006). 

Наставниците и соработниците на Институтот за класични студии имаат објавено голем број научни и стручни студии како прилози во научни списанија, книги, средношколски и универзитетски учебници, преводи на македонски јазик на капитални дела од античката литература (Хомер, Хесиод, Платон, Аристотел, Кикерон, Хоратиј, Ајсхил, Софокле, Еврипид, Демостен, Овидиј, Вергилиј, Античка лирика, Витрувиј и други). 

Институтот за класични студии интензивно соработува со Здружението на класични филолози Антика и со Бирото за развој на образованието, изготвува наставни програми по предметите латински и старогрчки јазик за средното образование, со децении е кооорганизатор на Републичкиот натпревар по класичните јазици и врши советодавна дејност во врска со наставата по класичните јазици.
 

Последно освежено (Вторник, 08 Јуни 2010 06:50)