Институтот за Историја на уметноста и Археологија своите почетоци ги врзува за самото основање на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1920 година, на новооснованиот Филозофски факултет, мегу другите, се предавале и предметите Византологија и Археологија со Историја на старата уметност, со што го бележиме почетокот на наставно-научната дејност од областа на Историјата на уметноста и Археологијата во Македонија. За прв предавач по Археологија бил ангажиран Николај Љвовиќ-Окуњев.
Значаен момент во натамошниот развиток на научната дејност од областа на Историјата на уметноста и Археологијата било основањето на Скопското научно друштво, кое, со своето подоцна нашироко афирмирано списание “Гласник на Скопското научно друштвo” (ГСНД), било основано на советот на Филозофскиот факултет во Скопје, одржан на 9 март 1921 година, кога бил избран и првиот негов претседател проф. д-р Тихомир Остојиќ, инаку прв декан на Филозофскиот факултет во Скопје.
Во 1926 година на Филозофскиот факултет бил издвоен, поточно основан Семинарот за Археологија и Историја на уметноста. Во меѓувреме, “Гласникот на Скопското научно друштва” како научно гласило за општествени науки продолжило континуирано да излегува до 1940 година. Во него биле публикувани резултатите од истражувањата на бројни археолози, историчари на уметноста, архитекти, етнолози, лингвисти и други научници: Никола Вулиќ, Николај Окуњев, Радослав Грујиќ, Балдуин Сартија, Ќиро Трухелка, Војислав Радовановиќ, Петар Скок, Рудолф Егер, Милован Кокиќ, Александар Дероко, Франце Месеснел и други тогашни видни стручњаци, меѓу кои се и првите нставници на Семинарот за Археологија и Историја на уметноста.
Во декември 1946 година Филозофскиот факултет во Скопје се востановува како прва високошколоска установа во слободната Република Македонија, што значи како прв вистински македонски факултет или, за прв пат во историјата на македонскиот народ, како прва институција за високообразовна дејност на македонски јазик.
Во учебната 1946/47 година на Историско-филолошкиот оддел на Филозофскиот факултет во Скопје својата работа ја започна и студиската група за Историја со Историја на уметноста.
Понатамошниот развиток и растеж на Филозофскиот факултет во Скопје, а со него и на наставно-научната дејност на полето на Историјата на уметноста и Археологијата, нù води до учебната 1973/74 година, кога се отвораат нови научно-наставни студиски групи, меѓу кои и Групата за Историја на уметноста со Археологија. Со тоа Филозофскиот факултет во Скопје ќе изразне во сеопфатна, интегрална и највисока наставно-научна институција во сферата на фундаменталните општествени, хуманитарни и историски науки, во која Групата за Историја на уметноста со Археологија се позиционира како носечки субјект на полето на двете значајни научни дисциплини во Македонија - историјата на уметноста и археологијата.
Во тој период на ННСГ за Историја на уметноста со Археологија се изучуваат 20 предмети, од кои 8 стручни и 12 општообразовни. Наставата ја изведуваат 7 наставници и еден асистент, истакнати и нашироко афирмирани научни работници: акад. проф. Димче Коцо, проф. д-р Константин Петров, проф. д-р Иван Микулчиќ, проф. д-р Петар Миљковиќ-Пепек, проф. д-р Блага Алексова, доц. д-р Борис Петковски и асистентите Вера Битракова и Цветан Грозданов. Покрај академикот проф. Димче Коцо, од наставниот кадар на Групата за Историја на уметноста и Археологија ќе произлезат уште два академици - проф. д-р Блага Алексова и актуелниот претседател на МАНУ академикот проф. д-р Цветан Грозданов.
Учебната 1995/96 година беше време на сумирање на достигањата во изминатите 50 години самостоен континуиран развиток на Филозофскиот факултет во Скопје како прва високошколска установа во повоена Македонија, во која, меѓу деветте институти и две катедри, значајно место зазема Институтот за Историја на уметноста со Археологија. Се регистрираат бројни достигања на наставно-научниот кадар на Институтот, бројни учества на меѓународни научни собири, студиски престои во странство, реализации на научни проекти и печатење на над стотина публикации, монографии и значајни научни трудови од сферата на историјата на уметноста и археологијата. Не изостануваат и некои од највисоките меѓународни признанија за научниот опус на одредени професори - проф. д-р Петар Миљковиќ-Пепек, проф. д-р Цветан Грозданов, проф. д-р Вера Битракова-Грозданова, проф. д-р Иван Микулчиќ.
Денес развитокот на целиот Филозофски факултет во Скопје го следи и Институтот за Историја на уметноста и Археологија, со завидна динамика во постојаното унапредување на наставно-научниот процес. Така, наставата на Институтот веќе се изведува во сите степени на образование, во две засебни насоки - насока за Историја на уметноста и насока за Археологија. Постоечкиот наставен кадар е комплетиран, а дава услуги и на одделни други институти и факултети.
Од учебната 2004/5 година наставата на Институтот за историја на уметноста и Археологија на Филозофскиот факултет во Скопје се изведува според Европскиот кредит-трансфер систем, со перманентно имплементирање на нови погодности во таа насока. Во согласност со европските критериуми, обезбедено е постојано усовршување на наставно-научниот процес со воведување на нови наставни содржини и технички, просторни и кадровски решенија. На пример, веќе се воведени низа нови наставни содржини, обврзна теренска практика, покренато е научно списание на Институтот “Folia Archaeologica Balcanica”, а во процес на основање е интерен Археолошки музеј. На овој начин, од година во година се зголемува интересирањето за додипломски, постдипломски и докторски студии на Институтот за Историја на уметноста и Археологија.
Во учебната 2006/7 година на двете наставни насоки на Институтот за историја на уметноста и Археологија на Филозофскиот факултет во Скопје се запишани вкупно сто студенти, а во последните години веке редовна е цифрата од 10-20 новозапишани студенти на постдипломските и докторските студии.
Наставната и научно-истражувачката активност на Институтот за историја на уметноста и Археологија на Филозофскиот факултет во Скопје Институтот, денес ја реализираат 10 наставници и уште толку помлади соработници. Во постојаниот кадар се: проф. д-р Елица Манева, проф. д-р Елизабета Димитрова, проф. д-р Владимир Величковски, проф. д-р Драги Митревски, проф. д-р Виктор Лилчиќ, доц. д-р Никос Чаусидис, доц. д-р Анета Серафимова, доц. д-р Снежана Филипова и доц. д-р Татјана Филиповска, м-р Маријан Јованов и м-р Дафина Герасимова, библиотекар.
проф. д-р Драги Митревски
Последно освежено (Вторник, 08 Јуни 2010 06:49)
ОСНОВАЊЕ, РАЗВОЈ И КАДАР