За афирмација на социологијата и професијата социолог од суштинско значење, како секаде во светот така и кај нас, е нејзината институционализација. Тој процес кој траеше повеќе години до својот природен и логички завршеток беше доведен со отварањето на студиите по социологија во 1975 година, со што социологијата дефинитивно се етаблира во нашата култура како професионален потфат и како нова социјална свест. Досега на институтот дипломирале над 900 студенти.
Основањето на институтот по Социологија на Философскиот факултет во Скопје ги има сите битни белези на процес на социјална иновација. И тој претпоставуваше постоење на идеја и низа на услови од интелектуална, културно-политичка и организациска природа. Идејата беше стара десетина години, постоеше доминантен официјален дискурс, динамика на општествено политичката стварност која императивно ја наметнуваше потребата од социологија, општествена подршка и дефинитивно, за тој период неопходен, политички imprimmatur. Меѓутоа и покрај огромното значење на овој социјален контекст, иновацијата никогаш не е проста резултанта на имперсонални сили. Без исклучително мотивирани поединци, невоможна е актуализацијата на една идеја. Тие се ефективен катализатор на тој процес. Во случајот со отварањето на институтот по социологија, со сета должна почит кон сите оние кои со своите напори придонесоа за институционализацијата на социологијата кај нас, таа улога ја имаат тројца наши колеги: професор д-р Блага Петроска, која беше и прв раководител на Институтот, тогаш Наставно-научна студиска група за Социологија, професор д-р Десанка Миљовска и професор д-р Петре Георгиевски.
Отварањето на студиите по социологија беше резултат на сознанието дека и во нашата Република, како и секаде во светот, има потреба од кадри кои ќе ја проучуваат природата на општеството и противречните тенденции на неговиот развој и кадри кои кај младите генерации ќе ја развиваат социолошката перспектива која ќе им овозможи социјалната стварност околу нив и човечкото поведение да го посматраат во поинакво светло. Таа потреба битно го структурираше првиот наставен план на групата за социологија и неговите цели. Со него, како впрочем и со сите други подоцнежни наставни планови, се настојуваше преку одделни предмети, од општо теориска, методолошка и специјалистичка природа, студентите да ги асимилираат најрелевантните научни содржини и да се оспособат за изведување на наставата по социологија во средните училишта како и за компетентно самостојно истражување на разните димензии на нашата сложена и противречна антропосоцијална стварност. При конципирањето на овој наставен план беа користени искуствата на повеќе универзитетски центри со долга традиција на организација на студии по социологија.
Реализацијата на целите на првиот наставен план започна со три наставника и двајци асистенти во постојан работен однос и со ангажирање на други наставници од одделни групи на Философскиот факултет, од други факултети и универзитетски центри. Проф. д-р Десанка Миљовска, проф. д-р Блага Петроска, проф. д-р Петре Георгиевски, виш предавач, Марија Ташева, асистент и Ѓорѓе Младеновски, асистент, беа првите членови на ново отворената наставно научна студиска група по социологија.
Со следните наставни планови, (наставен план од 1977-78, 1980-81) откако се зголеми кадровскиот потенцијал на групата, се настојуваше студиите по социологија да се иновираат и на студентите да им се понудат нови научно релевантни содржини и концепти кои немаат само теориско туку и практично значење. Тие промени беа, исто така, и израз на потребата институтот да се конформира на некои општи стандарди за образованието на кадри за наставници или пак да се адаптира на промените кои настанаа во нашата општествено политичка стварност.
Процесот на постепено кадровско доекипирање на Институтот започнува непосредно по неговото отварање и за неполна деценија речиси сите социолошки дисциплини се покриени со сопствени научно-стручни кадри. Во тој период на Институтот доаѓаат Нелко Стојановски, Амалија Јовановиќ, Христо Карталов, Јован Корубин, Илија Ацески. Подоцна на институтот доаѓаат и проф. д-р Владо Поповски и професор д-р Димитар Мирчев.
Почетокот на осумдесетите години означува една нова етапа од растот на Институтот. Имено, тогаш започнува процесот на примање на млади кадри од редовите на дипломираните студенти на нашите студии по социологија. Тоа се колегите Милева Ѓуровска, Ило Трајковски, Зоран Матевски, Весна Димитриевска, Васил Плушковски, Леонора Калајлиева, Антоанела Петковска, Константин Миноски, Татјана Стојановска и Марија Дракулевска. Сите тие подоцна преку својот ангажман во наставата, преку постдипломските студии и работата на докторските дисертации ќе го конфигурираат својот научен и стручен хабитус согласно своите интелектуални инклинации, но исто така согласно потребите на Институтот и перспективите на неговиот развој.
Остварувањето на целите на наставните планови на Институтот не ќе беше возможно без ангажманот на наставници од другите универзитетски центри. Од белградскиот универзитет значаен придонес за развојот на институтот дадоа професорите д-р Владимир Милиќ (1975-76), и д-р Владимир Милановиќ (1976-78). Но, исто така, голем придонес за успешната работа на институот имаа, и имаат, и наставниците од нашиот универзитет, а посебно од другите наставно-научни студиски групи, односно Институти, на нашиот факултет. Тоа се професорите д-р Лазар Никодимовски, д-р Љупчо Арнаудовски, д-р Јаким Синадиновски, д-р Стефан Костовски. Од Институтот за философија свој голем придонес во тој поглед дадоа: проф. д-р Митко Илиевски, проф. д-р Ферид Мухиќ, проф. д-р Коле Јовановски, проф. д-р Виолета Панзова и проф д-р Мирко Ѓошевски. Од Институтот за психологија: проф. д-р Јаков Лазаровски, проф. д-р Михајло Поповски, проф. д-р Ружица Керамитчиева, проф. д-р Татјана Такашманова, а од Историја, проф. д-р Војо Кушевски, проф. д-р Кочо Сидовски и проф. д-р Виолета Ачкоска. Исто така и колегите од Педагогија кои беа ангажирани на општиот курс по Педагогија.
Пред неколку години на институтот се афирмира идејата за порадикални зафати во организацијата на студиите по социологија. Тоа се совпаѓаше и со барањата за иновирање на нашиот целокупен образовен систем и воведувањето на ЕКТС со цел да се се создадат студиски програми кои ќе бидат компатибилни со Европските програми и правила на студирање. Резултат на тие барања е новата студиска програма. Таа треба да придонесе да се формираат висококвалитетни кадри подготвени за работа во образованието, истражувачките институции и други организации, коишто ќе можат ефективно да комуницираат со кадри и институции од ист или сличен профил на оној од развиените земји. Меѓутоа оваа нова студиска програма не е само во функција на обезбедување знаења и академски и интелектуални вештини неопходни за поуспешно остварување на професионалните цели. Во денешни услови, студирањето социологија е значајно за формирање вештини и компетенции неопходни за успешно соочување со новите предизвици што ги носи глобализацијата на светот и зголемената интердепенденција.
Преку иновациите на нашиот студиски програм и преку едно поинтегрално вклучување на прашањето на културата во студиите по социологија, всушност, се настојува студентите да се здобијат со една поширока перспектива за општеството. Со ова сакаме да ги оспособиме нашите студенти за едно поадекватно разбирање и објаснување на комплексните и противречни процеси на современиот свет, вклучувајќи го и нашето македонско општество. Со тоа, меѓу другото, ќе се внесе и повеќе мултикултурална содржина во образовниот процес, и ќе се подобри нивната интеркултурална компетенција. Очекуваме тоа кај нив да создава поголема свест и поголема сензитивност за културните разлики, што во крајна линија треба да води кон подобро заемно разбирање.
Денес на Институтот се вработени вкупно 12 наставници и соработници - 7 редовни професори, 2 вонредни професора, 1 доцент и 2 асистенти.
Покрај додипломски студии Институтот од почетокот на 1992 год. организира и двегодишни постдипломски студии. Основната цел на овие студии е студентите да ги прошират и продлабочат познавањата од одделни потесни области на социолошките истражувања или дисциплини блиски до социологијата.
Од пред неколку години на институтот се организираат и постдипломски студии по Европскски студии за интеграција. Тие имаат интердисциплинарен карактер. Целта на студиите е да се формираат кадри кои ќе поседуваат продлабочени сознанија за Европа и нејзините институции, посебно економските, политичките, безбедносните и културните институции на Европската унија и кои успешно ќе делуваат на планот на нашето интегрирање во Европската унија. Во исто време, преку овие постдипломски студии кај студентите ќе се развива и јакне свеста за едно посуштинско прифаќање на стандардите, вредностите и институциите на една обединета Европа.
Од учебната 2009/2010 година започна со реализација на најновите студиски програми по социологија: I циклус (додипломски студии) со 8 семестри; II циклус (последипломски студии) со 2 семестри и III циклус (докторски студии) со 6 семестри. Овој систем на студии (4+1+3) е во согласност со идејата за подобрување на квалитетот на високо образовната дејност како еден од предусловите за влез на Македонија во ЕУ.
Во изминатите триесет години легитимитетот на Институтот во нашето општество не се темелеше само врз неговата наставно-образовна дејност, туку и врз научно-стручната активност на неговите членови. Објавени се голем број на научни трудови во различни научни списанија, годишници, зборници и др. Иако најголем број се трудови од потесните подрачја на нивните научни интересирања, значаен е и бројот на трудови кои имаат едно пошироко теориско и практично значење. Членовите на Институтот се исто така автори на повеќе книги, на учебници по Социологија за средните училишта и за универзитетот, на учебници по одделни посебни социологии и уредувачи на зборници со хрестоматски текстови.
Посебно значење за развојот на Институтот има реализацијата на научно-истражувачките проекти. Неговите членови беа учесници или раководители во значаен број на проекти кои се реализираа на одделни институции во рамките на универзитетот од нашата држава, но исто така и учесници во проекти кои се изведуваа во одделни центри на бивша СФРЈ. Меѓутоа, од почетокот на 1980-тите самиот Институт се јавува како организатор и носител на работата на научно истражувачките проекти. Овие истражувања, покрај тоа што придонесуваат научно компетентно да се осветлат одделни димензии на нашиот социокултурен живот, имаат и додатно значење за работата на Институтот. Имено, тие истовремено и практично ги запознаваат младите кадри, но и студенти со каноните на социолошкиот потфат и постепено ги воведуваат во процедурите на научно-истражувачката работа. Врз основа на учеството во овие проекти одделни млади колеги, исто така пријавуваат теми за магистерски тези и докторски дисертации.
Заслужува посебно да се истакне и придонесот на членовите на Институтот во големиот проект на МАНУ за изработка на терминолошки речници на македонски јазик за одделни природни и општествени науки. Институтот за социологија беше првиот Институт што го објави комплетниот речник на македонската социолошка терминологија.
Членовите на Институтот со свои трудови учествуваа на многу значајни научни собири кои се одржуваа кај нас, во Европа и во светот. Институт по социологија има организирано десетици научни собири, меѓу кои и неколку значајни меѓународни конференции.
Треба да се одбележи и покренувањето на првото социолошко списание во Република Македонија - Социолошка ревија.
Во тесна врска со организацијата на научните собири е и соработката што Институтот ја има со Институтот за социологија на Јагелионскиот универзитет од Краков, Полска. Со ова реномирана институција се одвива континуирана соработка од 1979 сè до денес. Тн. Скопско-краковски семинари (вкупно 10) беа доминантен облик на соработка. Темите се однесуваа на прашања кои имаа научно-теориско и практично значење за учесниците од двете земји.
Кога зборуваме за меѓународната соработка на Институтот треба да се истакне и соработката со катедрата за социологија при Философскиот факултет во Софија, која се институционализира во 2001 година. Непосреден повод за тоа беше заедничкиот проект Иновативна социологија. Овде сакаме да ја истакнаме и неодамна институционализираната соработка со одделението за социологија на философскиот факултет во Белград.
Институтот располага со библиотечен фонд од преку 6500 книги.
Афирмацијата на социологијата на нашите простори е во најтесна врска со активноста на Институтот за социологија. Во текот на изминатиот период институтот преку својата наставно-научна, и други облици, на активност континуирано се залагаше за легитимитетот на социологијата како наука и упорно укажуваше на нејзината социјална релеванција и вредност. Не е претерување ако се каже дека благодарение на таа континуирана активност, социологијата се афирмира, не само како начин на посматрање и изучување на нашето општество, туку и како битен конститутивен дел на неговата самосвест. Тоа е истовремено и процесс на едно континуирано култивирање на социолошката имагинација заради поадекватно и подлабоко разбирање на нашата сложена и противречна, а во последнава деценија и трауматизирана антропосоцијална и културна стварност, но истовремено и упорно залагање за повисоки стандарди во наставната и научната работа. Фактот што денес нашата социологија може ефективно да комуницира со другите социолошки традиции, па дури и со оние најразвиените, како и фактот на респектабилноста на професијата социолог, несомнено во голем дел се должат на оваа долгогодишна работа на Институтот за социологија на Философскиот факултет.