Социјална работа и социјална политика

Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје е единствената високообразовна институција во Република Македонија која едуцира дипломирани социјални работници. 

Главната порака во образованието на социјалните работници се заснова врз потребата за надминување на социјалните нееднаквости во државата и врз борбата за општествена праведност, врз оформувањето и зачувувањето на социјалната сигурност на граѓаните во Република Македонија и врз подеднаквото давање услуги на сите без оглед на расата, полот, народноста, верската припадност, општествениот и економскиот статус и без посебен однос спрема поединецот и неговото семејство. 

Во Република Македонија едукацијата на социјалните работници започна во 1957 година. Најпрвин образованието на социјални работници било организирано на нивото на средно училиште. Набрзо, во 1960 година е основана Виша школа за социјална работа со двегодишна програма. Со донесувањето на Самоуправната спогодба за здружување на Вишата школа за социјални работници во Филозофскиот факултет во Скопје на 21 јуни 1984 година, таа е трансформирана во Институт за социјална работа и социјална политика. Во текот на академската 1988/89 година беше запишана првата генерација студенти на четиригодишно додипломско ниво. Во академската 1994/95 година започнува и организирање на студии на постдипломско ниво (специјалистички студии). Покрај социјалните работници, во рамките на овие студии се едуцираат и кадри вработени во другите општествени и хуманитарни области. Во академската 1998/99 година последипломските студии се збогатуваат со магистерска програма, во рамките на која судентите се здобиваат со научно звање магистер по социјална политика. Во академската 2005/2006 година, во соработка со Евангелското високостручно училиште од Нинберг, Институтот за социјална работа и социјална политика организира последипломски-специјалистички студии по социјална работа во здравството - социјална работа со психички болни и хендикепирани лица согласно со ЕКТС . 

Со промените од академската 2004/05 година, на Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје се воведува студирање според Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС). Тоа им обезбедува на студентите подинамичен и пофлексибилен начин на студирање, преку перманентно евалуирање на нивните активности како начин за здобивање на вкупната оценка, како и поголема флексибилност во изборот на наставните предмети. Според наставната програма, Институтот за социјална работа и социјална политика го концентрира своето интересирање во 2 насоки: Социјална политика и Социјална работа (diploma supplement).

До крајот на академската 2005/2006 година наставата во Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје ја следеле 17 генерации. Според последните податоци за дипломираните социјални работници, до октомври 2006 година на Институтот за социјална работа и социјална политика дипломирале 1.170 студенти (во овој број се вклучени и државјани од бившите југословенски републики). Досега на Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје со звањето доктор по социјална политика се здобиле 8 кандидати, со звањето магидтер по социјална политика 12 кандидати, а специјалистичките студии ги имаат завршено 9 кандидати.

Во период од 1960 до 1988 година во Вишата школа за социјални работници како наставници и соработници работеле: д-р Радомир Петровски, д-р Владимир Митков, д-р Симеон Гелевски, д-р Софија Тодорова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Нетков, д-р Блага Петроска, д-р Митко Илиевски, Јордан Радевски, д-р Бранко Петровски, д-р Ристо Горѓевски, д-р Тодор Рушков, д-р Љупчо Ајдински, м-р Стојан Малезански, Борислав Руменов, Благојка Демијева, Верка Христова, Василка Тодоровска, Олга Панговска-Поповска, Боривое Шукаров, Душанка Пекевска, Миле Јаќовски, Васко Мисајловски, Рада Пацева.

За време на постоењето на Вишата школа за социјални работници раководен кадар биле: Благојка Демијева, Борислав Руменов, д-р Радомир Петровски и Миле Јаќовски. Во рамките на раководниот кадар се истакнуваше д-р Раде Петровски (1925-2003), кој прв во Република Македонија во 1979 година се здоби со звањето доктор на науки по социјална политика со докторската дисертација “Развојот и перспективите на центрите за социјална работа во СР Македонија”. Петровски на Вишата школа за социјални работници започа да работи како виш предавач во 1960 година, а од 1964 година е професор по предметот Социјална политика. Петровски во три мандатни периоди бил директор на Школата. 

Наставниот кадар на Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје актуелно го сочинуваат 7б матични наставници и 5 соработници, како и голем број професори и соработнички персонал од другите институти на Филозофскиот факултет и од останатите високообразовни институции од доменот на општествените, медицинските и економските науки во земјата. Наставниот кадар при Институтот за социјална работа и социјална политика е активно вклучен во голем број наставни и истражувачки активности.

Научноистражувачката дејност на Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје се фокусира во речиси сите области на социјалната работа и социјалната политика. Наставниот кадар е вклучен во реализација на проекти и консултантски активности во домените на: 

 - социјалната политика: европски влијанија врз социјалните политики во регионот и во земјата, анализа на сиромаштијата и на социјалната исклученост, одржлив развој, пензиски реформи, деинституционализација во социјалната заштита и др.;

- социјалната заштита: заштита на деца и семејства во ризик, улични деца/деца на улица, социјален статус на Ромите, образовни и социјални услуги за стари лица, правни аспекти на детската заштита и др.; 

- социјалната работа: вештини во социјалната работа, превенција од зависностите, системски пристап во социјалната работа, модели и техники во социјалната работа во локалните заедници, супервизија и евалуација во техниките во социјалната работа и сл. 

Во рамките на Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје веќе подолго време функционира и истражувачко-апликативниот Национален центар за континуирано образование за социјален развој. Центарот е отворен од страна на УНДП и од 1998 година организира семинари за перманенто образование на кадар од областа на социјалната заштита, невладиниот сектор, локалната самоуправа, здравствено-образовните и други институции. 

До 2003 година дејствуваше и ресурсниот Центар за улични деца/деца на улица, отворен со помош на Институтот Отворено општество - Македонија, а кој ја координираше работата на 10 невладини организации од цела Македонија кои работеа на програми со улични деца/деца на улица. 

Значаен дел од активностите на Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје се состојат во соработка со домашни и со меѓународни академски, владини и невладини организации. Некои од позначајните соработки на академско ниво се со: Католичкото училиште за применети науки од Падерборн, Германија; Католичкото училиште за применети науки во Нинберг, Германија; Одделот за социјална педагогија при Универзитетот во Лоѓ, Полска; Европскиот факултет за применети науки “Алис Соломон” во Берлин; Европскиот институт за социјални услуги при Универзитетот во Кент, Кентербери, Англија; Републичкиот завод за социјални дејности; Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, Правниот факултет во Скопје и др. 

Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје беше вклучен (2000-2005) во програмата SIDA координирана од страна на Универзитетот Готенбург во Шведска на тема „Развој на меѓународни стандарди за образование на социјални работници“. Во таа програма беа вклучени и студиските групи за социјална работа од универзитетите во Белград, Загреб, Сараево, Љубљана и Бања Лука, како и Универзитетот „Алис Соломон“ од Берлин. 

Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје имаше и има соработка со бројни меѓународни владини и невладини организации: УНПРЕДЕП; УНИЦЕФ; УНДП; AGEH (Асоцијација за развојна соработка) од Келн, Германија; Институт Отворено општество; Фондација “Фридрих Еберт”; Save the Children; Здружение за поддршка на деца и семејства во ризик „Среќно детство“; Првата детска амбасада Меѓаши; НВО “Порака”; Универзитет Трето доба; Асоцијација на социјалните работници во Македонија; Сојуз на организицијата на жените во Македонија; Фондација за образовни, културни иницијативи „Чекор по чекор“ и др. 

Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје е член на Европската аоцијација на школи за социјална работа, како и Меѓународната мрежа за социјална работа во училиштата. 

Институтот за социјална работа и социјална политика е член на Регионалната балканска група на школи за социјална работа.

Студентите од Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје учествуваат во голем број студентски активности, како што се: конференции од областа на социјалната работа во странство (Белград, Сараево), летни школи (Берлин, Варна, Букурешт, Темишвар, Белград, Истанбул, Тирана, Берлин, Охрид); невладини организации од Македонија, како волонтери и лидери, и волонтери во владините институции.

Поголем број наши апсолвенти (околу 30) се вработени во странски институции кои имаат свои канцеларии во Македонија. 

Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје има значајна улога во обезбедувањето не само на образование на нивото на додипломски студии, но и во поглед на обезбедувањето континуираното образование на вработените во институциите од областа на социјалната заштита, локалната самоуправа и невладиниот сектор. 

Преку своите стручни и научни дејности Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје успешно влијае врз оформувањето на мрежи на институционална соработка помеѓу владините, меѓународните и невладините организации. 

Богатата соработка помеѓу Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје и меѓународната заедница овозможија организирање на бројни вонкурикуларни еднократни и семестрални предавања наменети за збогатување на понудата на знаења за студентите. 

Многубројните контакти на Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет во Скопје со факултетите од европските простори овозможија и богата научна, стручна и студентска размена.