Конкурсот на Пакомак, Trash for art 2015 како и секоја година е одлична прилика за еколошки ангажираните уметници и креативци, кои сакаат својата приказна да ја раскажат низ стари лименки, пластични и стаклени шишиња, тегли, капачиња, картонски кутии, конзерви, амбалажи од козметика и средства за чистење, пластични чаши, фолија за пакување, дрвени палети, тетрапак-пакувања, кеси од чипс, обвивки и друго.
Конкурсот се фокусира на намалување на користењето, повторно искористување и рециклирање на амбалажниот отпад низ процес на креирање од кој низ годините произлегоа проникливи уметнички дела кои провејуваат со досетливост, креативност и вештина во изработката.
Оваа година организаторот на наградниот конкурс Пакомак, воведе мали промени во категориите и во правилата, но она што останува како константа е очекувањето креативците да творат во целосна слобода и да ѝ се препуштат на фантазијата, создавајќи уметничко дело од она во што повеќето гледаат само отпад.
Наградниот конкурс „Trash for art 2015“ е отворен за возрасни и деца кои ќе се натпреваруваат во три категории:
- Градинки
- Основни училишта
- Поединци и останати институции (средни училишта, факултети, невладини организации и други)
Во секоја категорија ќе бидат доделени по три награди за најубаво креираните приказни од амбалажен отпад:
I место - 30.000 денари
II место - 20.000 денари
III место - 10.000 денари
Делата треба да бидат изработени од минимум 10 парчиња амбалажен отпад (од ист или различен тип амбалажа) и да бидат високи до 150 см. Еден учесник може да пријави и повеќе дела, но не може да освои повеќе од една награда.
„Навистина сме задоволни од ентузијазмот и одзивот на креативците на овој наш конкурс, кој стана уникатен предизвик и за училиштата и за поединците. Секоја година со нетрпение ги очекуваме делата и се воодушевуваме на нивната иновативност, начинот на изработка, на умешноста и креативноста на авторите. Ги повикувам сите еколошки ангажирани уметници, автори, креативци, сите училишта и градинки да се пријават на конкурост, да осмислат добра приказна и да освојат супер награди. Верувам дека во целиот процес и одлично ќе се забавуваат, раскажувајќи приказна преку еден од најголемите предизвиците на современото живеење - отпадот. “ - изјави Ико Брдароски, Менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Делата треба да се достават на 14 и 15 декември, од 12 до 20 часот, во Конгресниот центар Александар Македонски (Универзална сала) во Скопје, на Бул. Партизански одреди бб.
Наградените дела ќе бидат објавени на 16 декември на веб-сајтот на Пакомак и ќе останат во сопственост на Пакомак.
За повеќе информации посетете ја страницата: http://pakomak.com.mk/