Потпишување на договорите требаше да има најдоцна до 29 октомври. На веб-страницата не се објавени резултати за ниту една категорија иако за некои од нив рокот за потпишување е поминат. Од друга страна, во објавата стои дека ако не се потпишат договорите до определениот рок, ќе се смета дека учениците се откажуваат од правото на стипендија, реагира загрижен родител
Родители на ученици кои конкурирале на Конкурсот за доделување ученички стипендии реагираат дека се доцни со објавата на резултатите од добитниците. Тие велат дека на веб-страницата на Министерството за образование и наука не се објавени резултати за ниту една категорија, иако, како што велат, за некои од нив рокот за потпишување е поминат.
- Нејасно е што се случува со конкурсот за доделување ученички стипендии од МОН за учебната 2021/2022. По објавените конкурси за доделување ученички стипендии во повеќе категории, за кои рокот за поднесување беше до 15 септември, кај повеќето од нив требаше да биде објавена листа со резултати на страницата на Министерството на 10 или на 20 октомври, зависно од категоријата. Потпишување на договорите требаше да има најдоцна до 29 октомври. На веб-страницата нема никаква објава на резултати за ниту една категорија иако за некои од нив рокот за потпишување е поминат - реагира еден родител.
Она што ги загрижува родителите е тоа што во објавата од надлежните стои дека ако не се потпишат договорите до определениот рок, ќе се смета дека учениците се откажуваат од правото на стипендија.
За проблемот ги контактиравме надлежните во МОН, од каде што смируваат дека проблемот ќе биде решен.
- Тоа е така затоа што годинава значително е зголемен бројот на апликации. Воведени се нови категории на стипендии – 1.500 стипендии за ученици од дуални паралелки, 500 за ученици од тригодишното средно стручно образование, но и поради зголемениот износ на месечна стипендија кај сите други категории, потребно е малку повеќе време за целиот процес на разгледување и одлучување да се заокружи и да се објават конечните резултати. Притоа, рокот за достава на договори ќе биде соодветно продолжен. За објавата на резултатите, Министерството за образование и наука дополнително ќе ја извести јавноста - велат оттаму.