X
 01.01.2021 Наша тема

Корона и „Медена земја“, успешни Македонци и образовни предизвици, живот и здравство на респиратор... Ова се најчитаните теми во 2020 година

Почна со страв од коронавирусот кој веќе се ширеше во Кина, продолжи со цела низа протоколи, правила, работа од дома, онлајн-настава, маски и рестрикции. 2020 заврши со надеж дека најавената вакцинација ќе нѐ спаси од Ковид-19, па новото нормално ќе се врати на старо. Ви подготвивме цела низи информации не само за промените, кои неретко стартуваа од утре, новиот начин на образование, лекување, живот, егзистенција, проблеми и култура во пандемија. Објавивме и многу наши авторски теми за проблемите со кои се соочувавме, за успешните и докажани Македонци во земјата и во светот од кои има што да научиме, исцрпни извештаи за сето она што го обележа животот во земјата, луѓето и нашето секојдневие и спроведовме многубројни анкети и испитувања на јавното мислење за најгорливите проблеми во годината што помина.

Ова се нашите теми и истражувања што најмногу им го привлекоа вниманието на читателите во 2020.

Ана и Ненад направиле дом на тркала и патуваат со него низ Македонија

Ана Јаневска и Ненад Лазаров патуваат низ Македонија со своето комбе кое сами го имаат уредено. Речиси секој викенд се будат на различно место, а и природата секогаш ги гости со разни бои и облици, слики и видици.



Kороната ќе ги смени правилата на шопингот: Купената облека ќе ја пробуваме само дома, заменетите парчиња ќе одат во магацин пред да се продаваат

Празни молови, затворени продавници, беше дел од сликата во нашето секојдневие во мај. Што тогаш се очекуваше, како ќе изгледа шопингот?

Учев дома со татко ми, а од соседите Власи научив македонски

Во живо е уште помедена. Атиџе Муратова е топла како тазе извадено бабино лепче, мудра каква што само луѓето што се во допир со природата можат да бидат. Таа заедно со членовите на екипата на „Медена земја“ уживаше во церемонијата на доделување на „Оскарите“.



Боледување или отсуство од работа поради Ковид-19: Кој плаќа?

Кога и под кои услови вработените можат да го користат правото на боледување во ситуации поврзани со Kовид-19? Какви се правилата доколку некој отсуствува, а чека термин за тестирање или, пак, има докажан Ковид-19, или бил во контакт со заразен и на чиј товар ќе биде отсуството?

Кои се првите дипломирани лекари во Македонија?

Македонија ги добила првите дипломирани лекари што се образовале во Скопје на 30 декември 1953 година. Со свеченост што се одржала во Македонскиот народен театар, деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Зденко Крижан, ги промовирал првите шест дипломирани студенти на овој факултет.



Се родија во конфликтната 2001, први ја искусија деветтолетката и завршуваат како најмалобројна генерација матуранти

Бројот на ученици што се пријавуваат за полагање на државната матура во Македонија секоја година опаѓа за 500 до 1.000 ученици, зависно од годината. Пред неколку години имавме повеќе од 16 илјади матуранти, а преклани матура полагаа 15.553 ученици. Во 2020 година имавме само 13.200, што значи 2.353 помалку од 2019 година. На што се должи ова?

Дали 5Г е штетна, објаснува доц. д-р Валентин Раковиќ, професор на ФЕИТ

Технофобијата е составен дел од човековата историја. Луѓето биле против употребата на машините во индустрискиот процес, против воведувањето на електричната енергија, автомобилите, возовите, употребата на телефонот... Но, освен загриженоста, секој мора да е добро информиран пред да почне да осудува кој било нов технолошки концепт.

Ова се професорите што ги освоија студентите со онлајн-предавањата

Дека студентите ценат искреност, посветеност, иновативност и искрен однос кај професорот, покажа и нашата онлајн-анкета во која ги прашавме студентите кој наставник заслужува пофалба за неговиот труд што го вложил во организирањето на онлајн-наставата. Ни пристигнаа околу 400 предлози на студентите од трите универзитети УКИМ, УКЛО и УГД.



Охриѓанка е лидер во машкиот инвестициски свет во Доха

Елени Коровеш е дипломиран економист од Охрид и преку Љубљана се вивна во деловниот свет во Катар. Медиумите таму ја сместуваат меѓу ретките жени-пионери што успеале со своето знаење да се искачат на лидерските позиции во финансискиот сектор, кој во оваа земја е познат по доминантниот машки свет.



Инспириран од Преспа, Томче Рунчевски ја реши кристалната структура на најпознатиот пестицид во светот

Проф. д-р Томче Рунчевски од Ресен го предводи тимот кој по 75 години ја реши кристалната структура на најупотребуваниот пестицид во светот. Американската вселенска агенција НАСА преклани го ангажира Рунчевски со својот тим да направи предистражувања на Титан (една од месечините на Сатурн) за нивната мисија во 2026 година.



Матични лекуваат Ковид-19 и на далечина, по телефон, без прегледи

Некои матични лекари им препишуваат антибиотици на пациентите со симптоми на Ковид-19 без ниту еднаш да ги прегледаат, а наспроти тоа има доктори што секојдневно во своите ординации прегледуваат пациенти и ги лекуваат само за да не им се влоши состојбата и да не стигнат до болница или клиника.

Што значи кислородна поддршка и кога се дава за Ковид-19?

Речиси цела година, додека и светот и ние се справуваме со пандемијата на Ковид-19, редовно го слушаме изразот „кислородна поддршка“. Д-р Звонко Крстевски, анестезиолог, објаснува што всушност значи кислородната поддршка, каква може да биде, кога се применува...

Петра Јанеска од Гостивар - дипломирала со просек 10 во Словенија, сега работи во Ковид-центарот во Марибор

За гостиварката Петра Јанеска (25) работата како медицинска сестра во Ургентниот центар Ковид-19, во Универзитетскиот клинички центар во Марибор, Словенија, е голем предизвик. Јанеска ги завршила студиите во Словенија со просек 10. Истиот просек го зачувала и на магистерските студии, кои се во тек.



За да станете дел од „Менса Македонија“, треба да имате IQ над 131. Колку Македонци го исполниле условот?

Коефициент на интелигенција е вкупен резултат за човековата интелигенција и когнитивна способност, добиен од неколку стандардизирани тестови дизајнирани да ја проценат и измерат. Статистиката покажува дека само 2 отсто од светската популација имаат доволно висок коефициент на интелигенција да членуваат во „Менса“. Тука некаде е и Mакедонија.

Естрадата банкротира поради коронавирусот: Откажавме настапи дома и во странство, изгубивме илјадници евра

Состојбата со Ковид-19 ја погоди естрадната дејност, исто како и другите бизниси што не трпат изолација и полициски час. Изведувачите потенцираат дека нивната работа е целосно запрена, а загубите се големи во секоја смисла.

Колку чини лекување на Ковид-19 од дома?

Основен пакет за сите неопходни лекови, помошни лековити средства и витамини што треба да му помогнат на телото да се избори со коронавирусот може да ги чини и до 6.000 денари. Ако во семејството има повеќе членови позитивни на Ковид-19, а се со лесни симптоми, оваа сума се зголемува.

„Ми го исклучуваат микрофонот“, „Ме отстрануваат од час“... И македонските наставници изложени на сајбер-булинг од учениците

„Учениците ми го исклучуваат микрофонот, па не се слуша што зборувам“, „Ме отстрануваат од групата за онлајн-час“, „Учениците користат програми за да создаваат бучава и да не можам да предавам“, „Поставуваат вулгарни слики во заднина во видеоповикот“. Ова се дел од жалбите на наставниците за нивните секојдневни случки со учениците и во основно и во средно образование, откако наставата се одвива онлајн.



Душко Ристовски, Македонец во Бејрут, сведочи за смртоносната експлозија: Не знаев што да направам, само силно ги гушкав децата

Голем страв за себе и за своето семејство проследен со инстинкт за преживување биле првите чувства со кои се соочил Душко Ристовски, еден од двајцата Македонци што живееја во Бејрут, Либан, во првите моменти од експлозијата на пристаништето која во август го потресе целиот свет. Како се одвивала целата драма, Душко емотивно раскажа за Факултети.мк.

Калина Стефанова е трета година на факултет во Манчестер, а веќе доби понуда за работа во „Морган Стенли“

Нејзина слика со име и презиме пред неколку месеци беше објавена на билбордот на познатата светска компанија „Морган Стенли“ на најголемиот плоштад во Њујорк, Тајмс сквер, каде што била избрана да работи како практикант. Успехот да биде дел од таква престижна компанија ѝ бил овозможен преку Факултетот во Mанчестер, но токму мотивацијата и амбицијата да успее ѝ донеле вработување кое ја очекува следната година во „Морган Стенли“.



Бранко од Куманово, самоук тату-мајстор што го освои Минхен

Првата машинка за тетовирање ја конструирал сам, по иницијатива на татко му, со помош на другар му - употребил електромотор од радиокасетофон, делови од технички молив, жици од гитара и тушеви од книжарница. Денес зад него стои најпознатиот светски бренд за изработка на опрема за тетовирање.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема