X
 01.02.2020 Наша тема

Охридскиот Регион - драгоцен артефакт во рацете на тригодишно разгалено дете

Синоќа истече рокот кој УНЕСКО им го даде на надлежните да почнат со спроведување на мерките за заштита на Охридскиот Регион. За состојбите на терен разговараме со Драгана Велковска, активистка од Граѓанската иницијатива Охрид SOS

Ако Охридскиот Регион биде преместен на Листата со светско наследство во опасност, веруваме дека тоа ќе го вклучи алармот кај јавноста и дека ќе им се оневозможи на македонските политичари евтино да го распродаваат нашето најголемо богатство само затоа што не ја разбираат неговата вистинска вредност. Овој став го делат активистите од Граѓанската иницијатива Охрид SOS, кои години наназад алармираат за нелегалните активности во единствената локација во Македонија што е под заштита на УНЕСКО – Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации. Охрид како регион е една од 39. локации во светот што се комбинирано заштитени, како природно и како културно наследство. Охрид СОС има хоризонтална структура и нема претседател. Ставот на сите активисти во интервјуто за Факултети.мк го претставува Драгана Велковска.

Драгана Велковска / Фото: Борис Каески

На 31 јануари истече рокот кој УНЕСКО им го даде на надлежните во Македонија да ги спроведат советите на експертските тела при оваа организација, како услов Охрид да не биде поместен на Листа со светско културно и природно наследство во опасност. Активистите при Охрид ЅОЅ будно ја следат работата на терен. Што презедоа надлежните во изминатите шест месеци за Охрид да не го изгуби статусот?

- Во изминатите месеци надлежните спремаа сценографија за претставата „Македонско Потемкиново село“ што им ја приредија на членовите на Реактивната мисија на УНЕСКО кои деновиве се тука, во контрола на регионот. Надлежните затвораат улици за сообраќај во старото градско јадро веќе трет ден, го „чистат“ колабираниот колекторски систем со жолти комбиња веќе две седмици и пожртвувано, триесетина дена отстрануваа штици од платформите влезени до третина од езерото. Да нагласам, препораките што ги „исполнуваат“ само во последниов месец се стари 2,5 години, од 2017 година кога Реактивната мисија го посети регионов.

Во моментот, колку решенија за уривање на дивоградбите има и дали воопшто некое е спроведено?

- Има речиси 700 решенија за отстранување на дивоградбите, само за територијата на Општина Охрид. За Општина Струга немаме информација за издадени решенија за уривање. А за Општина Дебрца не ни има регистар на бесправно изградени објекти.


Колку што ние имаме информации досега – ниедно од решенијата не е спроведено, ниедна дивоградба не е целосно отстранета. Сѐ уште стои дури и онаа бесправно изградена куќа на улицата „Марко Нестороски“ во Охрид што ги полнеше страниците на медиумите и се најавуваше со зурли и тапани како почеток на акцијата за рушење на дивоградбите. Не само што стои, туку веќе има и покривна конструкција што ја немаше до средината на минатиот месец. Сѐ што беше отстрането во претставата за јавност е санирано, ставени се ПВЦ-прозорци и врати. Очекуваме кај и да е да ѝ стават фасада. Ама тоа откако ќе си замине Реактивната мисија.

Каква е состојбата со природната средина, загадувањето, Студенчишко Блато, за кое има иницијатива да се пресуши?

- Иако е крај езеро, опкружен со планини, Охрид не е поштеден од загадување. Загадена вода, почва, воздух, диви депонии, информациско насилство, загадување со бучава... Бизнис-лобито во спрега со функционерите на власт уште силно го турка погубниот проект „Марина во Студенчишко Блато“. Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и покрај „конструктивните средби кај што во зајакнато партнерство со граѓанските организации разгледува низа предлози“, нема никаква намера да ја поднесе до Рамсарскиот секретаријат апликацијата за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато за водни живеалишта од меѓународно значење.



Охрид ЅОЅ целосно волонтерски ја изработи апликацијата и ја достави на увид до Рамсарскиот секретаријат, од каде што и ние и МЖСПП добивме потврда во иста е-порака - дека апликацијата е прифатена, но неопходно е Министерството да ја поднесе поради протоколите за соработка меѓу конвенцијата и Македонија како земја-потписничка. Рамсарскиот секретаријат ја испрати својата потврда летото 2019 година. МЖСПП до денешен ден ја нема поднесено апликацијата и покрај настојувањата на Охрид ЅОЅ. Во врска со неподнесувањето на апликацијата, иако јавно го повикавме министерот да истражи злоупотреба на службена должност на лица на високи раководни функции во Министерството, тој го одби нашето барање без да побара увид во доказите со кои располагаме. Истовремено, министерот многу сака да се фотографира со граѓанскиот сектор, па му препорачуваме тоа да си го стави како една од вештините во биографијата - докажана способност за бескорисни средби и повторливи флоскули.

На последната седница Владата го усвои Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион (2020-2029). Како го коментирате документот, дали ја обезбедува потребната заштита на природното и културното наследство на Охридскиот Регион?

- Кога првпат го добивме на увид Планот за управување со регионот заедно со Стратегиската оцена на животната средина, не ни се веруваше дека е можно вака аматерски и површно да се изработат документи чија главна цел е да гарантира заштита на толку важен предел за Македонија и за светот. Охрид ЅОЅ поднесе над 100 страници свои коментари на Планот и на Стратегиската оцена. Голем дел од нив беа прифатени и вградени во конечната верзија од Планот што техничката влада го усвои во текот на минатиот месец. Меѓутоа, остана бездната помеѓу она што е декларативно опишано во текстуалниот дел и она што е претставено картографски со зонирањето. Речиси нема зона во која не се дозволува туристичка активност, масовен туризам, вклучително зоната 1А, што значи дека изработувачите на Планот не се свесни за можноста за обновување на оштетени или уништени делови од екосистемот и со тоа унапредување на природните карактеристики на регионот. Дилетантскиот пристап во овие два документа продолжува и во делот на културното наследство, а истиот тој пристап го гледаме и на терен.

Експертските советодавни тела на УНЕСКО на последната сесија во Баку укажаа дека е многу зголемено непочитувањето на нивните стручни совети. Охрид е еден од примерите за тоа. Стручните тела дадоа препорака да се стави на Листата со локалитет во опасност, но делегатите гласаа надлежните да добијат уште една шанса од шест месеци. Колку политиката има влијание и предност пред самото наследство?

- Охридскиот Регион е како драгоцен и кршлив артефакт во рацете на тригодишно разгалено дете. Поразителна е тенденцијата да не се слуша науката. Тоа е сеприсутна практика. Медиумски најприсутен пример за тоа е борбата со глобалното затоплување. Нема да го користам еуфемизмот „климатски промени“. Земјата се вжештува, се соочуваме со реална опасност децата или внуците да ни бидат статисти во апокалиптичен документарен филм, а уште постојат лица на високи позиции со моќ за одлучување кои заради профит, ги отфрлаат научните факти и, свесно или несвесно, нѐ носат кон пропаст.



Таков е случајот и со Охридскиот Регион – најстарото езеро во Европа, милиони години стар екосистем, илјадници години цивилизациско наследство висат на конец поради грст профитери и неспособници кои ние ги одбираме да одлучуваат во наше име. Статусот на регионот е де факто изгубен. Тоа Центарот за светско наследство многу буквално ни го кажа во својот последен извештај пред седницата на Комитетот во Баку во 2019 година. Политичката одлука што се донесе на крајот и поради која регионот не беше преместен на Листата со светско наследство во опасност никако не ја одразува фактичката состојба на комплетна загрозеност на исклучителната универзална вредност на регионот.

Во Охрид престојуваат тројцата членови од УНЕСКО кои треба да направат увид во тоа што е досега направено. Што очекувате од нив?

- Очекуваме да бидат темелни, строги и да не „паднат“ на проѕирната претстава што им се сервира. Од последната посета на Реактивната мисија изминаа 2,5 години. Тоа е многу долго време во кое ништо не се направи за доследно да се спроведат препораките од 2017 година. Не може да се очекува дека некој ќе се поправи ако го наградуваат за неработење. На македонските носители на одлуки треба да им се испрати јасна порака дека аматеризмот е казнив, дотолку повеќе што нивните злодела кон регионот имаат несогледливи последици за идните генерации од целиот свет.

Што ќе изгуби, а што ќе добие Охридскиот Регион ако се помести од Листата со светско природно и културно наследство на Листата со светско наследство во опасност?

- Со преместување на Листата со светско наследство во опасност регионот конечно ќе ја добие помошта што му е очајно потребна. Истовремено и притисокот од јавноста ќе се зголеми. Факт е дека ние имаме нешто бесценето, но исто така е факт дека немаме научни истражувања и којзнае колку од посебноста и бесценетоста на регионот нам не ни се ни познати. Којзнае уште колку ендемски видови би се нашле, затрупани археолошки богатства, но македонските политичари не сметаат дека инвестирањето во науката, истражувањето и образованието е приоритет. Внимавајте, тие располагаат со нашите пари, но ги користат за своите цели, не за нашите. Охрид ЅОЅ со години волонтерски се бори да го смени тоа. Доколку регионот биде преместен на Листата со светско наследство во опасност, веруваме дека тоа ќе го вклучи алармот кај јавноста и дека ќе им се оневозможи на македонските политичари евтино да го распродаваат нашето најголемо богатство само затоа што не ја разбираат неговата вистинска вредност. Ги повикувам сите на кои им е смачено од незаинтересираноста, незнаењето и опортунизмот на македонските политичари да ни се придружат во борбата за заштита на еден предел што светот го препознал како ретка скапоценост. Пишете ни на официјалната е-пошта ohridsos@gmail.com. Секој од нас има моќ да менува! Ако Охрид ЅОЅ нешто докажа низ годините на своето постоење, тоа е дека една мала група посветени луѓе, сплотени со иста и искрена цел за општо добро, може да смени многу, може да смени сѐ!
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема