X
 01.02.2024 Живот

Работи на -76 степени и заработува 75.000 евра за шест месеци: „Сѐ е супер додека не ја отвориш вратата“

Еден Американец направил неверојатна промена во животот откако ја напуштил работата како механичар за да работи на Јужниот Пол.

33-годишниот Џеф Капс од 2019 година работи шест месеци на Јужниот Пол, а за тоа добива околу 75.000 евра.

Пред тоа работел во салон за автомобили. Се сеќава кога пријател му кажал за можност за работа на поларната станица „Амундсен-Скот“ на Јужниот Пол, која е во сопственост на американската влада.

- Работев како механичар. Еден ден дојде еден пријател и рече дека им треба механичар кој би работел на моторните санки на Јужниот Пол. Веднаш си помислив „зошто да не“ - се присетува Џеф.

Како што вели, одлуката била одлична, иако сега живее во место каде што температурите се спуштаат под -60  Целзиусови степени, а првата продавница е оддалечена илјадници километри.

- Исто е како да живееш на голем брод. Работам од 2019 година и таму ја запознав мојата девојка Мишел. Станицата ја нарекуваме наш вселенски брод. Од следната најблиска станица од ваков тип сме оддалечени повеќе од 1.000 километри, така што целосно сме изолирани - вели Џеф.

Во станицата научниците спроведуваат важни истражувања поврзани со климатските промени и вселената, но Џеф вели дека животот таму е нормален.

- Како да сте во убав хотел. Имаме одличен тим на готвачи. Внатре е топло - објаснува тој и открива дека таму живеат околу 40 луѓе.

- Градите исклучително блиска заедница затоа што ги гледате истите луѓе секој ден, а тоа е прилично убаво, до моментот кога ќе ја отворите вратата, а потоа сè се менува - вели тој.


Џеф често мора да работи надвор на многу студено време поправајќи возила. Еднаш работел на -76 Целзиусови степени, што го опишува како нереално.

- Човек би помислил дека ќе замрзне до смрт во тој момент, но тоа е сув воздух, па не е толку страшно како што звучи. Најчудно е што никогаш не почувствував морници или студ до коска. Најлошото е тоа што ако го почувствувате студот во кој било дел од кожата што не е покриен, добивате остро чувство како некој да ве пробол со нож. Во зима надвор е лудо, секогаш е темно бидејќи шест месеци има дневна светлина, а шест - темнина. Еден од најдобрите делови на живеењето на Јужниот Пол е општествениот живот. Сите сме како големо семејство, се расправаме, но сепак се почитуваме. Сите се жалиме еден на друг, но потоа заедно се забавуваме и пиеме виски - додава тој откривајќи дека забавите во центарот се легендарни.

 
- Таму треба да сте многу покреативни. Имавме божиќна забава и организиравме и Олимпијада заедно со церемонија на отворањето - додава тој.

Извор: 6yka.com 
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот