X
 01.03.2019 Технологија

Изведена е првата хируршка операција со помош на 5Г-мрежа

Првата хируршка операција изведена со помош на новата генерација на мобилна телефонија 5Г ја направи еден шпански лекар во директен пренос на главната сцена на Светскиот конгрес за мобилни технологии во Барселона. Таа помош веќе се користеше во медицината, но 5Г нуди пократко време на реакција, односно пократко доцнење и подобра слика од претходните мрежи и на тој начин ја ограничува опасноста од грешки и ѝ дава повеќе информации на лекарската екипа.

За време на операцијата, 5Г-врската овозможи доцнење од 0,01 секунда, наспроти 0,27 секунди на 4Г-мрежите, кои сега се користат насекаде во светот. Според мнозинството експерти, 5Г би требало да им овозможи на хирурзите да оперираат од далечина преку роботизирани раце.

Во текот на операцијата лекарот Антонио де Ласи во реално време им даваше совети и техничка помош преку 5Г-мрежата на лекарите што ја изведуваа операцијата за отстранување тумор на црево, а кои беа оддалечени пет километри од салата.

Извршниот директор на Глобалниот систем за мобилни комуникации (ГСМА), Џон Хофман, гарантираше дека станува збор за првата хируршка операција што е директно пренесувана во реално време преку 5Г. Според него, ова е првата револуционерна премиера и само една од многубројните предности што ги носи 5Г.

- Ова е прв чекор кон нашата цел во блиска иднина да изведуваме хируршки операции од далечина - оцени Де Ласи.

Генералниот директор на ГСМА, Матс Грандрид, пак, рече дека ако се прави операција од далечина, мора да се има впечаток дека сте на самото место.

- Не можете да имате задоцнување поголемо од една или две милисекунди. Затоа е интересна 5Г - објасни тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија