Низ ординациите на пластичните хирурзи и дерматолози се шири нов тренд кој ги става пред досега невидени предизвици. Сѐ поголем број луѓе доаѓаат со фотографии што се генерирани со помош на некоја од алатките на вештачката интелигенција барајќи од хирурзите да го реплицираат таквиот изглед на нивното лице.
Според медицинските експерти, овие дигитални фотографии често потсетуваат на карикатура и целосно ги занемаруваат биолошките ограничувања.
Како ликови од цртан филм
Еден дерматолог наведе пример за пациентка која донела слика со претерано зголемени усни и очи како на кукла, која сакала да изгледа како лик од цртан филм. Истражувањата спроведени на оваа тема покажаа дека лицата што користат ВИ-алатки за подобрување на фотографиите имаат значително поголеми очекувања од резултатите на пластичните операции во споредба со пациентите што не ги користат.
ВИ-генераторите на слики се склони кон создавање специфична естетика која вклучува екстремно полни усни, огромни очи и остро дефинирани вилици. Клучниот проблем, кога тоа сака да се пренесе во реалноста, е во тоа што технологијата воопшто не ја зема предвид индивидуалната структура на лицето на поединецот и етничката припадност. Вештачката интелигенција не ја препознава тродимензионалната комплексност на реконструкцијата на носот, поради што често генерира анатомски невозможни решенија.
Технологијата против анатомијата
Хирурзите нагласуваат дека не постои оперативен зафат со кој би можеле да се зголемат самите очи, а дури и кога тоа би било изводливо, резултатот би бил неприроден. Главната пречка во реализацијата на таквите желби се физиката, анатомијата и безбедноста на пациентите.
- Пикселите се поедноставни од хирургијата - вели еден хирург кој добил многу слични барања од своите пациенти.
Анализите на стручните медицински здруженија покажуваат дека системите на генеративна вештачка интелигенција сѐ уште имаат сериозни ограничувања во прецизноста и реализмот, па често создаваат синтетички резултати слични на „дипфејк“ кои немаат природна текстура на кожата.
Поради сѐ претходно наведено, хирурзите се соочуваат со зголемени очекувања од пациентите и најверојатно ќе мора да воведат построги процедури за да се процени анатомската изводливост на одреден зафат. Се разбира, ќе мора да се позанимаваат и со едукација на јавноста.
Фото: freepik